Џони Деп победи во судскиот спор против неговата поранешна сопруга Амбер Херд, која ја тужеше за клевета и нарушување на угледот. Светската јавност со големо внимание го следеше судењето помеѓу холивудските ѕвезди, а синоќа беше изречена одлуката на поротата.
Деп треба да добие отштета од 10.350.000 долари, а 2 милиони долари треба да ѝ исплати на Амбер.
Откако ја слушна пресудата, 58-годишниот актер изјави дека е среќен што поротата му го врати животот.


„Пред шест години, мојот живот, животот на моите деца, животите на моите најблиски, како и животите на луѓето кои многу години ме поддржуваа и веруваа во мене, беа засекогаш променети. Лажни и многу сериозни и криминални обвиненија беа упатени кон мене преку медиумите, што... имаше сеизмичко влијание на мојот живот и мојата кариера.“
„Шест години подоцна, поротата ми го врати животот. Од самиот почеток, целта на овој спор беше да се открие вистината, без разлика на крајниот исход. Откривањето на вистината беше нешто што им го должев на моите деца и на сите оние кои останаа истрајни во поддршката кон мене. Чувствувам мир што конечно го постигнав тоа.“
„Јас сум поласкан од целата љубов и колосалната поддршка и љубезност кои ги добив од целиот свет. Се надевам дека мојата потрага по вистината ќе им помогне на другите, мажи и жени, кои се во мојата ситуација, и тие кои ги поддржуваат никогаш да не се откажат. Се надевам дека позицијата сега ќе се врати на невин додека не се докаже вината, и во судниците и во медиумите.“
„Најдоброто допрва доаѓа и конечно започнува ново поглавје“ – стои во изјавата на Деп.

Деп ја тужеше Херд за 50 милиони долари поради клевета за статија која ја напиша во 2018 година за „The Washington Post“ во која го обвини поранешниот сопруг за семејно насилство, иако не го именуваше. Тој ги отфрли обвиненијата и ја обвини за нарушување на угледот и кариерата.
По носењето на пресудата, Амбер изјави дека е разочарана од одлуката на поротата и рече дека ова е пречка за другите жени кои се жртви на насилство.
„Моето разочарување денес не може да се опише со зборови. Срцето ми е скршено што планината од докази сè уште не беше доволна да се спротивставам на непропорционалната моќ, влијание и контрола на мојот поранешен сопруг.“
„Уште повеќе сум разочарана за значењето на оваа пресуда за другите жени. Таа е пречка. Го враќа часовникот наназад во времето кога жената која зборуваше отворено можеше да биде јавно исмејувана и понижувана. Ова ја кочи идејата дека насилството врз жените треба да биде сериозно сфатено... Тажна сум што го загубив спорот. Но, уште потажна сум што очигледно го загубив правото кое мислев дека го имам како Американка – да зборувам слободно и отворено“ – стои во изјавата на Амбер.

Поранешниот пар ја започна врската во 2012 година, а стапи во брак во февруари 2015 година. Херд поднесе документи за развод во мај 2016 година.

