Почетна » Убавина и мода » Лице » Како инстантно да ги подмладите очите?

Како инстантно да ги подмладите очите?

Сакате да избришете неколку години од вашето лице и да се наградите себеси со помладолик изглед? Фокусирајте се на очите, затоа што тие се огледало не само на вашата душа, но и на вашата возраст.

Годините оставаат видливи траги на деликатната кожа околу очите. Темни кругови, паднати или отечени очни капаци, тенки линии и изразени брчки – ова се само дел од неизбежните знаци на стареењето.

Жена со младешки изглед

Добрата вест е што постојат трикови за инстантно подмладување на очите. Следниве совети ќе ви овозможат без ботокс да го вратите времето назад и да им дадете младешка свежина на очите:

  1. Подигнете ги паднатите очни капаци со шминка. Со годините кожата околу очите започнува да ја губи својата еластичност и доаѓа до нарушување на структурата на колагенот. Како резултат на тоа, горните очни капаци започнува да паѓаат и да ги затвораат очите. Но, мудро нанесената шминка може да го прикрие тоа и привидно да ги подигне капаците. Еве како:
    • Користете сенки во светли неутрални бои. Темните сенки визуелно ги затвораат очите.
    • Оцртајте го горниот очен капак. Со ајлајнер исцртајте тенка линија што е можно поблиску до горните трепки. Линијата треба да придобие благ нагорен тек кај надворешниот агол на окото. Препорачливо е да се употребува сива, кафеава или темнозелена боја на ајлајнер, наместо црна. Ако преферирате понежна шминка, оцртајте го горниот капак со сенка за очи.
  2. Белиот креон нека стане ваш најдобар пријател. Искористете бел молив за очи за да го осветлите внатрешниот агол на окото. Со малиот прст нежно размачкајте го креонот за поприроден изглед. Ако се чувствувате уморни и поспани, со белиот креон исцртајте го целиот долен очен капак.
  3. Со екстра перница спречете го подувањето на очите. Никој не сака да се разбуди со подуени очни капаци кои ги затвораат очите. За да го спречите тоа, спијте на две перници. Подигнувањето на главата со уште една перница го минимизира задржувањето на течности во областа на лицето.
  4. Победете ја отеченоста на очите со ладни кесички од чај. Се разбудивте со отечени очи? Не очајувајте. Земете две кесички чај, потопете ги една минута во жешка вода, а потоа неколку секунди во ладна. Легнете, поставете ги на вашите капаци и оставете ги 10-15 минути.
  5. Камуфлирајте ги темните кругови околу очите со коректор. За да ги маскирате непосакуваните темни кругови околу очите, употребувајте коректор. Ако круговите се со сина боја, користете коректор со жолта основа. Доколку круговите се со кафеава нијанса, побарајте коректор во боја на праска. За најнежно покривање, користете го домалиот прст. Не го размачкувајте коректорот, разнесете го со лесно тапкање.
  6. Акцентирајте ги горните трепки. Виткачот за трепки и маскарата имаат моќ да го вратат времето наназад. За максимален ефект, пред да го употребите виткачот, загрејте го со фен десетина секунди. По извиткувањето на трепките, нанесете 2 слоја маскара со особено внимание на корените на трепките. Изберете ја најцрната маскара која можете да ја пронајдете за очите да ви изгледаат побели и посвежи.
  7. Не нанесувајте маскара на долните трепки. Тоа го насочува погледот надолу. Освен тоа, неколку часа по шминкањето, малите парченца маскара можат да доведат до потемнување на областа под очите.
  8. Не се обидувајте со пудра да ги сокриете линиите околу очите. Колку повеќе пудра нанесувате, толку повидливи стануваат нежните линии на кожата.
  9. Дефинирајте ги избледнетите веѓи. Со текот на годините веѓите стануваат поретки и ја губат својата боја. Избледувањето на веѓите ги остарува очите. Затоа, многу е важно да ги оцртувате со соодветен молив за веѓи или сенка за очи. Дефинираните и убаво оформени веѓи го одвлекуваат вниманието од другите несовршености околу очите – линии, темни кругови и сл.
  10. Користете мат, а не мрсни сенки за очи. Брчките не се појавуваат само околу очите, туку се збрчкуваат и очните капаци. Само половина час по нанесувањето на мрсна сенка на очите, таа ќе започне да се собира во брчките на очниот капак и ќе ја истакне вашата возраст. Мрсните сенки ја истакнуваат текстурата на кожата. Затоа, користете сенки за очи со мат ефект. Најдобар избор на бои: крем, праска, светла кафеава, сива и светло розова.

Кога годините ќе започнат да се познаваат на вашето лице, најдоброто правило за шминкање на очите е: Помалку е повеќе.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 25%
  • 62%
Се испраќа...

(Вкупно: 11044 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.