Мери Јордановска со порака која освестува предизвика лавина емоции и тивки размислувања. Низ приказната за нејзиното маче Тајсон, познатата новинарка ја отвори темата за модерното отуѓување, брзината на животот и нашата сè поретка способност да бидеме сега и овде.
 
Јордановска откри дека мачето Тајсон, со кое дели живот повеќе од пет години, исчезнало и дека цели 24 часа не забележала дека го нема дома. Тајсон е мачор со едно око и ограничен вид, кој никогаш не излегувал надвор.
„На улица нема да се снајде, никогаш не бил надвор“ – напиша Мери, која е голем борец за правата на животните, додавајќи дека следува награда за оној што ќе го пронајде.
Токму оваа ситуација ја натерала да погледне наоколу и да се запраша колку станавме отуѓени, уморни и изгубени во секојдневието.
 
Ова не е статус за изгубено маче, туку статус за тоа колку станавме изгубени, надвор од допирот со она што ни било важно, надвор од допирот со себе, со блиските, во таа проклета трка да направиш повеќе, во таа преокупираност со проблеми кои подоцна изгледаат толку небитно, толку маргинално.
Речиси 24 часа не сум забележала дека Тајсон, слепиот дебел господин, успеал да ми се протне низ нозе, излегол од станот и цела вечер седел во влезот, преплашен. Утрината некако излегол од зградата, а комшија го нашол пикнат во моторот од колата, го извадил и го пуштил.
На комшијата не му го знам името. Камо ли бројот. Тој уште помалку знае дека мачето е наше. Зошто впрочем би знаеле нешто еден за друг, кога живееме во иста зграда само 16 години?
24 часа не сме забележале дека живо суштество, од крв и од месо, го нема во станот. Отсутно сме влегувале, излегувале, не приметувајќи дека дебелиот господин кој секогаш е прв на врата, го нема. Оти само физички сум била во својот дом, а со мислите некаде далеку.
Во расипаната кола.
Во крпењето до крајот на месецот.
Во иднината.
Во стравовите.
Во социјалните мрежи од кои веќе се гадам.
Во летаргијата, меланхолијата.
Во разочараноста од себе и сопствените избори.
Во материјалното.
Во неможноста да си ги остварам желбите.
Во локалните изборите што патем нема да ми сменат ништо во животот!
24 часа не сум забележала дека едно живо суштество со кое го делам животот повеќе 5 години, едноставно го нема. И не знам дали некогаш пак ќе го видам, а доколку ја имам таа среќа, би му кажала колку многу ми е жал што заборавив да го гледам она што е пред мене.
Утринава влегов во лифт. Влезе комшика која ја гледам секој ден. Нормално, не ѝ го знам името. На излегување, ми рече „имајте си најубав ден“. Можеби ми рекла и другпат, но не сум ја чула. Овојпат барем ја чув.
Затоа, ова не е статус за изгубено маче. Ова е порака, од Тајсон. За тоа колку станавме отуѓени, пред сѐ од себе, а потоа од блиските, а тука не правам разлика меѓу луѓе и животни, па кој како сака нека ме сфати. И за тоа како џвака ова проклето капиталистичко секојдневие што понекогаш знае да парализира до степен на целосно отсуство од фокусот на сегашноста. А некој плива подобро, некој се губи, некој е жртва.
Тоа можеби не можеме да го смениме, но во случај ако сте заборавиле во сето утринско брзање - гушнете си ги блиските денес!
 
		 

 
 
 
 
