Почетна » Убавина и мода » Лице » Веѓите – круната на очите

Веѓите – круната на очите

Веѓите се можеби најзапоставениот дел од лицето. Многу често се грижиме за очите и им посветуваме големо внимание, а веѓите ги ставаме во втор план. Но, ако обрнете внимание на деталите, ќе забележите дека убаво обликуваните веѓи можат да го променат целосниот изглед на лицето.

За многу жени веѓите се болна тема, затоа што е многу тешко да се одржуваат симетрични и постојано да имаат убава форма. За секој проблем има решение, па еве што треба да знаете за да можете да се гордеете со убави веѓи.

Обликување на веѓитеУбаво оформените веѓи треба да ублажуваат некои недостатоци и да ја акцентираат убавината и драматичноста на очите.

Форма на веѓите според карактеристиките на лицето

Модата постојано носи нови трендови, дури и кога станува збор за формата и дебелината на веѓите. Но, таа мода може и да пропуштите да ја следите, затоа што најважно е веѓите да одговараат на карактеристиките на вашето лице. Убаво оформените веѓи треба да ублажуваат некои недостатоци и да ја акцентираат убавината и драматичноста на очите.

  • Високо чело. Лакот на веѓата треба да биде погоре, малку поткренат. Тоа ќе создаде илузија дека челото е пониско.
  • Ниско чело. Лакот на веѓата треба да биде колку што може пониско. Во спротивно, вашето лице може да придобие израз на зачуденост или изненаденост.
  • Доближени очи. Ако очите ви се премногу блиску едно до друго, искубете повеќе влакненца од внатрешната страна на веѓите, над носот.
  • Раздалечени очи. Не ги кубете веѓите од внатрешната страна, освен ако не ви се премногу споени. Можете да искористите молив за очи, за да ги продолжите.
  • Овално лице. Ако имате овално лице, можете да експериментирате со формата на веѓите, затоа што најчесто секоја форма ви одговара.
  • Коцкесто лице. Заоблените веѓи се идеални за вас. Веѓите во форма на полукруг ќе му дадат нежност на вашето лице.
  • Округло лице. Лакот на веѓите треба да го направите малку повисоко. Така вашето лице ќе изгледа малку поиздолжено.

Оформување на веѓите

За да одредите каде треба да започнуваат и завршуваат вашите веѓи и да одредите каде да биде заоблувањето, можете да се послужите со следниот метод:

  1. Земете молив и поставете го во вертикална положба, веднаш до носот. Врвот на моливот треба да ви покаже каде треба да започнува вашата веѓа.
  2. Придвижете го горниот дел на моливот кон надворешниот дел на окото. Овој пат врвот ќе покаже каде треба да завршува вашата веѓа.
  3. Наместете го моливот да поминува преку ирисот, веднаш до зеницата. Тогаш тој ќе ви покаже каде треба да биде највисокиот дел од вашата веѓа, т.е. местото од каде што веѓата треба да почне да се насочува надолу.
Оформување на веѓите

Доколку сметате дека не сте доволно вешти во обликувањето на веѓите, најдобро е првиот пат да посетите козметички салон.

Кубење на веѓите

Кубењето на веѓите е деликатен процес и треба да го практикувате барем еднаш неделно, за вашите веѓи да не ја изгубат формата и секогаш да изгледаат средено. Иако веѓите можат да се обликуваат со помош на ленти за депилирање, најдобриот и најпрецизниот начин е старомодното кубење со пинцета.

Еве неколку совети, кои ќе ви помогнат да ја минимизирате веројатноста за грешки при кубењето на веѓите:

  • Совршено време за кубење на веѓите е една недела откако ќе добиете менструација. Тогаш вашето тело е најмалку чувствително кон отстранување на влакненцата.
  • Кубете ги веѓите после туширање или поставете крпа потопена во топла вода на веѓите пред кубењето. Жешката пареа ги отвора порите и целата постапка е помалку болна.
  • Секогаш кубете се на добра светлина и користете огледало што зголемува.
  • Ако имате светли веѓи, нацртајте ги со моливче областите каде што треба да се кубите, за да можете да ги забележите и отстраните сите непожелни влакненца.
  • Чистете ја пинцетата со помош на алкохол пред секој третман.
  • Во никој случај не ги кубете веѓите одгоре ако не сте вешти при обликувањето. Наместо да правите грешки, оставете го тој дел од оформувањето на козметичарките.
  • Потстрижувајте ги веѓите пред да започнете со кубењето. Но, ако сакате поприроден изглед и немате долги влакна, најдобро е да ја прескокнете употребата на ножица.
  • Секогаш кубете ги влакненцата во правец на нивното растење.
  • Кубете едно по едно. После секое скубнување, оддалечете се од огледалото за да видите како изгледате. Така ќе ја минимизирате веројатноста да претерате.
  • Кога ќе сте готови, премачкајте ги веѓите со алое вера за да се смири црвенилото или ако кожата ви станува премногу црвена, ставете коцка мраз.

Како да ги смирите бушавите веѓи

Сигурно многу често ви се случува да се разбудите наутро и кога ќе се погледнете во огледало да видите дека вашите веѓи покажале непослушност. Бушавите веѓи го уништуваат трудот кој сте го вложиле за да ги оформите. Затоа, искористете ги следните трикови и повторно вратете го секоe влакненце на своето место:

  • Вазелин. Вазелинот е одличен сојузник за женската убавина и нема да зажалите ако го имате постојано на дофат на рака. Тој може да ви помогне да ги смирите бушавите веѓи моментално. Едноставно земете малку вазелин меѓу прстите и нежно поминете преку веѓите во насока на растењето на влакната.
  • Лак за коса и четка за заби. Ова е одличен трик да ја зачувате формата на вашите веѓи. Земете стара четка за заби и врз неа прснете лак за коса. Без да чекате да помине време, поминете преку вашите веѓи, исто како да ги чешлате во правец на растот на влакненцата. Оставете да се исуши природно.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 25%
  • 62%
Се испраќа...

(Вкупно: 11164 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.