Почетна » Убавина и мода » Шминка » Совети за безбедно користење на шминка

Совети за безбедно користење на шминка

Голем дел од жените имаат несесери полни со шминки кои ретко ги користат или никогаш не ги употребиле, па ги чуваат додека не дојде прилика за тоа. Во меѓувреме може да помине долг период и шминките да се расипат, а сепак многу од нас не го забележуваат тоа. Резултатот од користењето на такви шминки е апсолутно спротивен од посакуваниот.

ШминкиШминките не траат вечно и често се извор на бактерии кои можат да ви наштетат

Погрешно е мислењето дека шминките кои не се отворени се добри за користење без разлика на рокот на употреба или дека со правилно складирање шминките може да траат вечно. Сите шминки се расипуваат, некои поради тоа што им поминал рокот на употреба, други затоа што се отворени подолго време, а трети, поради неправилна употреба и чување на несоодветно место.

Освен тоа, прашината, нечистотиите и бактериите од рацете и околината лесно може да се најдат врз шминките, апликаторите и четките. Тие можат да предизвикаат акни, зацрвенување на кожата, болка, инфекции на очите...

За да го избегнете сето ова и да го намалите ризикот од појава на проблеми поврзани со користењето шминка, треба да ги преземете следните превентивни мерки:

  • Не се шминкајте во движење. Скоро на секоја жена ѝ се има случено да се шминка во превозно средство (автомобил, автобус), но тоа е голема грешка. Не само што може целосно да ја уништите вашата шминка како резултат на ненадеен потег, туку и можете да завршите со повреда. Една од најчестите повреди е гребнување на окото со четкичката од маскарата. Но, ако користите молив за очи во движење, повредата може да биде многу посериозна.
  • Не дозволувајте некој друг да ги користи вашите шминки. Можете да ѝ дозволите на вашата пријателка да ви ја искористи пудрата или руменилото, но не ѝ дозволувајте да ја употреби вашата маскара или моливот за очи. Исто така и вие бидете разумни и никогаш не користете туѓи шминки, затоа што лесно може да завршите со инфекција.
  • Никогаш не се шминкајте со ненаострен молив за очи. Ако вашиот молив за очи е остар, ќе го избегнете гребењето на окото со дрвото, а освен тоа ќе бидете и попрецизни.
  • Често острете ги моливите за очи и усни. Врз моливите за очи и усни се собираат бактерии кои лесно можете да ги отстраните ако редовно ги острите. Моливите траат повеќе од една година, но ако ги користите редовно, пожелно е ги острите барем еднаш неделно.
  • Ако имате инфекција на окото, не користете шминка. Така можете да ја влошите состојбата. Исфрлете ги шминките (маскара, молив за очи) што сте ги користеле кога за прв пат сте забележале зацрвенување на окото или други симптоми. Ако ги употребувате истите шминки откако ќе се излекувате, повторно може да предизвикате појава на инфекција.
  • При појава на херпес на устата, фрлете го карминот или сјајот за усни што сте го користеле. За да не ризикувате повторно да ви се појават непријатните меури на устата, фрлете го карминот и/или сјајот за уста што сте го употребиле непосредно пред појавата на херпес.
  • Не користете стари апликатори за нови шминки. Доколку започнете со користење на нов сет шминки и притоа ги употребувате старите апликатори, тогаш не сте направиле многу за да се заштитите од бактерии. Бактериите од старите апликатори лесно ќе се пренесат и врз новите шминки. Затоа, направете си услуга и фрлете ги апликаторите заедно со старите шминки.
  • Чистете ги четките за шминка. На влакната од четките за шминка се насобираат масти и бактерии и ако не ги чистите редовно тие ќе се најдат врз вашето лице. Затоа е задолжително да ги чистите четките. Четките за усни чистете ги веднаш по употребата. Ако користите четка за пудра од природни влакна, тогаш мијте ја еднаш месечно со бебешки шампон. Доколку вашата четка е со вештачки влакна, мијте ја 3-4 пати месечно.
  • Не ставајте шминка од тестери врз вашето лице. Во Македонија се многу ретки продавниците каде што имате на располагање чисти апликатори за една употреба за тестирање на продуктите. Најчесто тестерите ги допира секој и се полни со бактерии и нечистотии. Ако во продавницата нема апликатори за една употреба, тестирајте го производот врз вашата рака.
  • Ставете ги контактните леќи пред да започнете со шминкање. Ако користите контактни леќи, секогаш ставајте ги пред да започнете со нанесување на шминка и секогаш вадете ги пред да започнете да ја отстранувате шминката.
  • Не легнувајте да спиете со шминка. Спиењето со шминка им дозволува на нечистотиите, бактериите и мастите да влезат во окото. Тоа може да предизвика затворање на порите на очните капаци, појава на воспалување или инфекција. Затоа, користете нежно средство за да ја отстраните шминката пред спиење. Внимавајте средството да не навлезе во окото.
  • Чувајте ги вашите шминки убаво затворени на суво и ладно место. Сончевата светлина и топлината брзо можат да ги уништат вашите шминки. Чувајте ги шминките убаво затворени за да не им дозволите на бактериите и нечистотиите да се најдат во нив или врз нив. Никогаш не дозволувајте вашето моливче за очи или усни да остане без капаче.

Кога е време да ги исфрлите шминките?

Исто како храната, и шминката има свој рок на траење. Некои козметички производи (како пудрата во прав) траат подолго и не се добра средина за развивање на бактерии, но други шминки (како течниот ајлајнер и маскарата) не треба да се користат долго време.

Рокот на траење напишан врз амбалажата треба да се почитува, но постои и определен период по отворањето во којшто треба да се користат шминките, а по завршувањето на тој период, да се исфрлат.

Препорака на експертите

  • Маскара – 3 месеци (некои експерти препорачуваат да се исфрли маскарата по 6 месеци употреба, но повеќето се согласуваат дека е најдобро да ја користите само 3 месеци)
  • Течен ајлајнер – до 6 месеци
  • Течна пудра и коректор – од 6 до 12 месеци
  • Крем руменило и сенки за очи – од 6 до 12 месеци
  • Руменило и сенки за очи во прав – 1 година
  • Кармин – 1 година
  • Молив за очи или усни – до 2 години
  • Пудра во прав – 2 години

Време е да ги исфрлите шминките ако забележите:

  • видлива мувла
  • промена на текстурата на продуктот
  • промена на мирисот

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 25%
  • 62%
Се испраќа...

(Вкупно: 11163 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.