Почетна » Убавина и мода » Тело » 8 совети за да се подготвите за рекордно време наутро

8 совети за да се подготвите за рекордно време наутро

Секое утро посакувате да имавте барем уште 10 минути пред да излетате низ вратата? Жалите што НЕ сте станале од кревет со ѕвонењето на првиот аларм и си ветувате дека од „утре“ сè ќе биде поинаку?

Утринската подготовка може да е кошмарно и стресно искуство, особено кога трчате наоколу барајќи ги неопходните шминки, пребарувате низ целата гардероба обидувајќи се да склопите солидна комбинација и започнувате долга потрага по клучевите и паричникот.

Жена наутро

Следниве совети ќе ви помогнат да се подготвите за кратко време, без да го занемарите надворешниот изглед.

1

Направете си „утрински“ несесер

Во мал несесер ставете ги козметичките производи кои ги користите за секојдневна дневна шминка. За најмногу жени тоа значи крем за лице, лесна течна пудра, маскара, руменило, сјај за усни и евентуално молив за очи и сенки во неутрални бои. Тргнете ги течниот ајлајнер, црвениот кармин и светкавите сенки за очи во друг несесер – нив резервирајте ги за вечерни и свечени пригоди.

Утринскиот несесер ќе ви заштеди барем неколку минути, затоа што нема да губите скапоцено време обидувајќи се да ги лоцирате потребните алатки за разубавување низ домот или да ги барате меѓу сите шминки сместени во еден џиновски несесер.

2

Смислувајте модна комбинација додека си ги четкате забите

Наместо веднаш по будењето да седнете пред плакар и да си трошите време обидувајќи се да креирате соодветна комбинација, упатете се кон бањата. Додека си ги четкате забите, визуализирајте го изгледот во кој би се чувствувале најудобно во текот на денот. Потоа облекувањето ќе ви биде лесно како песна.

3

Или уште подобро, навечер подготвувајте си модна комбинација за наредниот ден

Одлуките донесени под притисок на времето никогаш не се совршени. Ако од вечерта најдете одговор на прашањето „Што ќе носам утре?“, не само што ќе направите поатрактивна модна комбинација, туку и ќе го избегнете нервозното испробување на десетици алишта. Испеглајте ја облеката и подгответе ги сите модни додатоци, долната облека, обувките, па дури и чорапите кои планирате да ги носите. Можеби звучи смешно, но гарантирано ќе ви заштеди време наутро.

4

Секогаш чувајте модна комбинација за „итни случаи“

Се успавте и треба да излезете за максимум 5 минути? Во тие моменти на паника најдобро е да имате „резервна“ комбинација. Облеката за итни случаи чувајте ја на одделна закачалка, која ќе можете да ја грабнете без многу мислење.

5

Користете тониран крем со заштитен фактор (3 во 1)

Наместо одделно да нанесувате хидратантен крем за лице, па крем со заштитен фактор, па течна пудра, купете си тониран крем со SPF 15. Со него ќе го истакнете природниот тонус на лицето, ќе имате свеж изедначен тен и ќе ја заштитите кожата од сончевите зраци.

6

Не нанесувајте маскара на долните трепки

За да заштедите време, нанесете маскара само на горните трепки. Ставањето маскара на долните трепки е поделикатно и може да настанат грешки, па да сте принудени да трошите време за чистење. Освен тоа, во текот на денот маскарата полесно паѓа од долните трепки и може да предизвика размачкување, правејќи ги повидливи темните кругови околу очите.

7

Започнете ја фризурата уште од вечерта

Бањајте се пред легнување. Потсушете ја косата и соберете ја или во лабава плетенка или во балерина пунџа. Така косата сама ќе се стилизира додека спиете. Утрото едноставно одврзете ја и ќе имате модерна брановидна фризура. Само исчешлајте ја нежно косата и по потреба прснете малку лак за фиксирање на брановите.

8

Темпирајте со омилените песни

Направете си плејлиста со омилените песни и раководете се наутро според нив. Кажете си дека миењето на забите треба да ви трае додека е првата песна, дека облекувањето мора да го завршите до крајот на втората песна, шминкањето да ви одзема време колку што траат третата и четвртата песна итн. Музиката ем ќе ви го подобри расположението, ем ќе ве одржува во утврдената временската рамка за подготовка.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 10%
  • 26%
  • 64%
Се испраќа...

(Вкупно: 10283 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.