Почетна » Новости » Шоу-бизнис » Кијара Ферањи низ солзи читаше емотивно писмо до помладата верзија од себеси на „Сан Ремо“

Кијара Ферањи низ солзи читаше емотивно писмо до помладата верзија од себеси на „Сан Ремо“

Кијара Ферањи низ солзи одржа емотивен говор, кој всушност беше писмо до нејзината помлада верзија, но и до сите жени низ светот.

На сцената на „Сан Ремо“, 35-годишната блогерка, која е сопруга на пејачот Федез и сама има изградено модна империја, носеше невообичаена креација од Диор. Фустанот кој „симулира“ голо женско тело имаше цел да пренесе моќна порака за „ослободување од срамот што отсекогаш им се наметнувал на жените, почнувајќи од Ева, првата жена во историјата, наведена да се чувствува засрамено“.

Кијара Ферањи Кијара Ферањи

Моќна порака за ослободување од предрасудите и ограничувањата кои им се наметнуваат на жените пренесе и писмото на Кијара. Прочитајте го:

Здраво малечка, одлучив да ти напишам писмо. Секојпат кога ќе помислам на тебе, ми се плаче, а дури и не знам зошто.

Можеби е поради тоа што ми недостигаш. Можеби е поради тоа што посакувам да можев почесто да те ослободувам за да ти покажам каков е мојот живот сега. Знаеш, луѓето ме познаваат и многу од нив бараат да правиме „селфи“ заедно. Одлично е чувството што сум почитувана од милиони луѓе, дури и ако не им се допаѓам на сите. Но, мислам дека конечно ми се допаѓа она што сум и тоа е добар, дури и одличен почеток.

Сакаш ли да знаеш нешто повеќе за твојата иднина?

Сакам да ти ветам нешто: Отсекогаш сум се обидувала да те направам горда. Сè што правам, го правам за тебе, за малото девојче кое бев некогаш. Едно нешто прави да се чувствувам лошо. Во секој период од мојот живот, кога плачев во мојата соба или кога чекорев по најважните црвени теписи, имаше мисла фиксирана во мојата глава: чувствував дека не сум доволно добра. Кога ќе помислам на тоа, само сакам силно да те гушнам. Сфаќам дека секојпат кога мислев нешто негативно за мене, го мислев тоа и за тебе. А ти не го заслужуваше тоа. Сакам да ти кажам дека ти си доволна и отсекогаш си била.

Сите тие пати кога чувствуваше дека не си доволна, дека не си доволно убава или доволно паметна... беше. Знаеш ли за време на колку моменти ќе се чувствуваш на тој начин? На премногу. На пример, ова е еден од тие моменти. И нормално е да е така: најважните предизвици секогаш се во нашата глава и внатре во нас.

Да започнеме малечка Кијара, да зборуваме за твојот живот.

Знај дека додека растеш, ќе доживееш секакви искуства. Ќе има многу моменти на среќа, но и моменти натежнати од страв и анксиозност. Може ли да ти кажам што научив од сето ова? Уживај во ветерот, уживај и во тие моменти, живеј со целото свое битие: плачи, лути се, врескај ако треба, тие се дел од твоето патување и ќе бидат дел од тебе. Еден пријател еднаш ми рече: „Никој не чека на ред за рамните ролеркостери“. Беше во право, мора целосно да ги доживееш тие ролеркостери и ќе одиш надолу толку брзо што едвај ќе дишеш и кога ќе се искачуваш нагоре толку бавно што ќе ти се чини дека врвот никогаш нема да дојде. Искуси ги без страв.

Стравот, тоа грдо чувство кое секогаш сакаме да го оттурнеме, ќе те следи толку многу пати што нема да можеш да изброиш. Најголемиот предизвик секогаш ќе биде внатре во тебе, а тоа е да се обидеш дури и кога се плашиш.

Знаеш ли што научив? Дека ако нешто те плаши, веројатно е правилното нешто што треба да го направиш. Бидејќи само кога ризикуваш, вистински победуваш. Против кого? Против несигурностите во нашата глава. Некои од нив ќе поразиш, други ќе те следат долго време, но ќе сфатиш дека тоа е во ред. Сите го имаме зборот „Кршливо“ испишан на кожата. Ние сме кутии кои чуваат чуда и мораме да се отвораме внимателно.

Ќе ти кажам нешто убаво: Сега имам две прекрасни деца. Совршен збир на огромни чувства. Нема да ти кажувам ништо за Феде, не сакам да ти го уништам изненадувањето и чудото на откривањето на вистинската љубов чекор по чекор... Да, и ти ќе станеш мајка, не е ли апсурдно да се помисли тоа? Знаеш ли што друго е апсурдно? Секогаш ќе бидеш истата личност, со истите сомнежи и несигурности како и секогаш. Сигурно не го замислуваше тоа, нели? Кога сега ќе ги погледнеш твоите родители, мислиш дека се беспрекорни и дека тие секогаш ги имаат одговорите...

Па, да ти кажам една тајна: И тие растат заедно со тебе. Тие луѓе што сметаш дека се беспрекорни, само го даваат најдоброто од себе и секогаш се обидуваат да го направат она што е исправно дури и кога се свесни дека на моменти, можат да згрешат.

Дали ќе биде лесно да бидеш родител? Никогаш. Тоа ќе биде најтешката работа од сите, бидејќи единствените луѓе кои ќе можат да ти ја дадат крајната оценка за твојата работа, ќе бидат единствено тие: твоите деца.

Честопати ќе се чувствуваш виновно што ќе си далеку од нив, дури и кога одиш на работа, речиси ќе ти се чини погрешно што имаш други соништа освен семејството. Нашето општество и нашата култура нè учат дека кога ќе станеш мајка, имаш нов идентитет, кој е веќе дефиниран: ти си само мајка.

Помислете за ова на момент: Колкупати општеството направило жените да чувствуваат вина поради тоа што додека работат тие се далеку од децата? Речиси секогаш. А кога истиот третман го добиле мажите? Никогаш.

Но, едно нешто ќе ти кажам: Ако секогаш го правиш најдоброто за твоите деца, ако тие ти се најчестата мисла во твоите денови, отстрани си ги сите сомнежи. Најверојатно ти си добра мајка. Не си совршена, но си доволно добра.

Сакам да ти дадам еден совет: секогаш слави си ги успесите, големите, но исто така и малите кои никој не ги гледа, но кои ќе направат да се гордееш со себеси. Никогаш не се омаловажувај себеси пред никого... Како жена, ќе мораш да се соочиш со многу битки: од тоа дека ќе работиш двојно понапорно од мажите за луѓето да те сфатат сериозно, до неможноста да живееш слободно во твоето тело, бидејќи ако го криеш, ти си калуѓерка, ако го покажеш, ти си ку*ва. Секој ден ќе читаш стотици пораки и коментари кој ќе те потсетуваат на овој сексизам кој за жал е нормализиран. Предизвикај ги и не се плаши од последиците што си онаква каква што си. Да си жена, не е ограниченост. Кажи го тоа, кажи им го на твоите пријатели, извикувај го тоа пред сите целиот твој живот и секој ден, заедно борете се за да ги промените работите. И јас се трудам да го направам тоа, дури и во овој момент.

Дали го чувствувате мојот пулс? Дали ги препознавате овие емоции?

Би сакала да те прегрнам малечка Кијара и да ти кажам да не се сомневаш која си. На крајот, сè ќе биде во ред. И да, се гордеам со тебе.

Кијара Ферањи Кијара Ферањи

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 14%
  • 24%
  • 62%
Се испраќа...

(Вкупно: 26602 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.