Августовското издание на американскиот „Вог“ привлече големо внимание и поттикна дискусии не со ѕвездата од корицата или текстовите, туку со рекламниот едиторијал за брендот Guess.
На прв поглед, фотографиите не се нешто необично. Имено, русокоса девојка со совршена кожа и атрактивна фигура носи летни креации. Но, ситните букви откриваат дека моделот не е реален туку создаден со помош на вештачка интелигенција.
Ваквата одлука предизвика многу дебати за иднината на професионалните манекенки од реалниот живот, како и за нереалните стандарди за убавина. „Прво обичните жени се споредуваа со ретуширани модели… Сега треба да се споредуваме со жени кои воопшто не постојат???“ – коментира револтирана корисничка на социјалните мрежи.


Кампањата ја развила Seraphinne Vallora, маркетинг агенција што користи AI и за брендот ги создала русокосата Вивиен и бринетата Анастасија. Ко-основачките на агенцијата, Валентина Гонзалес и Андреа Петреску, сметаат дека негодувањето околу кампањата на Guess е погрешно насочено. За CNN, Петреску објасни: „Луѓето мислат дека овие слики се создадени само од AI, што не е точно. Имаме тим и сè уште ангажираме модели.“
Маркетинг агенцијата вработила вистинска манекенка која била фотографирана во студио во облека на Guess. Тоа им помогнало да утврдат како облеката изгледа на AI модел. „Требаше да видиме кои пози најмногу ѝ прилегаат на облеката и како изгледа на вистинска жена. Не можеме да генерираме слика ако немаме јасна идеја кои позиции ќе бидат највпечатливи. За да се создаде AI модел, потребно е време, затоа сакаме да сме сигурни дека луѓето ќе се поврзат со него“ – рекла Гонзалес.


На прашањето зошто брендовите едноставно не би користеле вистински модел во своите реклами, Петреску тврди дека AI им нуди на клиентите поголем избор и ефикасност, барајќи помалку време и понизок буџет за реализација отколку типична маркетинг кампања.
Многумина изразија загриженост за тоа какво влијание би имале овие модели на менталното здравје на луѓето, особено на младите. „Стандардите за убавина веќе се повлијаени од вештачката интелигенција. Има млади девојки кои прават пластични операции за да изгледаат како лице со филтер, а сега ќе гледаме луѓе кои целосно се вештачки“ – коментира поранешниот модел Синеад Бовел.

