Запознајте ја Александра Андресен, 19-годишната Норвежанка која стана најмладата милијардерка во светот. Богатата тинејџерка со 1,2 милијарда долари застана на 1.476. место на листата на најбогати луѓе, која списанието Forbes ја составува секоја година.

Веднаш зад Александра на листата е нејзината 20-годишна сестра Катарина. И двете сестри го наследиле богатството од нивниот татко, Јохан Андресен, кој им препишал по 42,2% од акциите во својата инвестициска компанија „Ferd Holding“.
Во минатото, семејството Андресен поседувало бизнис во тутунската индустрија. Во 2005 година, поради етички причини тие ја продале компанијата, која била водечки производител на цигари во Норвешка. Заработката од 500 милиони долари, богатото семејство ја инвестирало во недвижнини, акции и инвестициски фондови.



„Целото богатство е наследено, но неверојатно е тоа што најмладите милијардери на листата се од Норвешка“ – забележува Кери Долан од Forbes, бидејќи и третиот по ред најмлад милијардер е Норвежанец.
Александра професионално се занимава со јавање и има добиено бројни награди и признанија на натпреварите на кои има учествувано низ годините. Двете сестри тврдат дека водат скромен живот, без луксузи и скапи автомобили. „Јас всушност штедам цело време, отсекогаш сум штедела“ – рекла Александра за Forbes.



Бил Гејтс повторно ја предводи листата на најбогати личности во светот со 75 милијарди долари.