Почетна » Новости » Животни стории » Сузана за синот со Даунов синдром: „Никола доби алопеција од стрес поради малтретирање на работа“

Сузана за синот со Даунов синдром: „Никола доби алопеција од стрес поради малтретирање на работа“

Сузана Стојановска, самохрана мајка, деновиве гласно говори за дискриминацијата и малтретирањето кое го доживеал нејзиниот син Никола, кој има Даунов синдром.

21-годишниот Никола од февруари годинава е дел од администрацијата на Град Скопје и во најмалку два наврати бил вербално и физички малтретиран и исфрлен од канцеларија од негова колешка.

Како што вели мајка му за Фемина, на почетокот тој со голема радост секое утро одел на работа, горд што може да придонесува и да биде дел од заедницата.

Сузана и Никола Сузана и Никола

Сузана ни раскажа како забележала дека нешто не е во ред:

Никола во принцип е многу одговорен и сите работи сака до крај да ги заврши. Кога се вработи, немаше посреќен од него. Никогаш не се случило јас да го будам наутро, секогаш сам стануваше и чекаше да дојде време да го однесам на работа. Го носев јас или неговиот постар брат.

На почетокот на септември, почнаа да се случуваат промени. Стануваше на време, меѓутоа подготовките траеја долго, во тоалет се задржуваше долго време, за да последните денови веќе биде проблем. И покрај моите прашања и инсистирање да каже што му се случува, не сакаше ништо да каже. Промената ја забележа и неговиот брат. Разговаравме за промените кај Никола и тоа го препишавме на наглата промена на времето која влијае кај сите нас.

Подоцна, таа дознала дека зад тишината се криело нешто многу посериозно. Според сведочењата, една колешка подолг период го навредувала Никола и го изложувала на вербално насилство, кое кулминирало со физички напад.

Колешката, како што се дознава, го влечела Никола за рака, му ги фрлала личните предмети, го тегнела за облеката и на крај го избркала од канцеларијата, заклучувајќи ја вратата зад него.

Малтретирањето, кое траело два дена, било прекинато дури откако колега, сведок на настанот, ја известил Сузана.

Сузана и Никола

Загрижената мајка ни сподели:

На 29 октомври околу 10 часот, ми се јави Никола и со плачлив глас ми кажа дека колешката го избркала од канцеларија и му ја заклучила вратата, при што ранецот со лични работи му останал внатре. Во неверување се јавив кај негов колега кој ми потврди дека е така и дека го зел кај него во канцеларија, да не се грижам. Кога си дојде дома, не сакаше ништо да каже и јас мислев дека можеби колешката имала потреба да биде сама.

Следниот ден, околу 11:45, ми се јави негов колега: „Те молам дојди, го исфрли како куче пред врата...“. Шок! Во истиот момент се упатив. Според кажувањето на Никола, колешката го фатила за рака, го влечела до вратата за да го истурка надвор, притоа фрлајќи му го ранецот во ходник.

За да биде шокот поголем, Сузана дознала дека колешката подолг период го бркала Никола од канцеларија, без јасна причина. Случајот е пријавен во полиција, а Сузана, која веќе 20 години се бори за правата на лицата со попреченост, минатиот четврток организираше и мирен протест пред Собранието под мотото „Стоп за дискриминација и насилство поради попреченост или хендикеп“.

Сузана и Никола Сузана и Никола

„Јас не знам како институциите ќе ја окарактеризираат оваа дискриминација, меѓутоа овде покрај мобинг, има и физички контакт и оневозможување да се дојде до работното место. Од МВР веќе постапуваат, се надевам наскоро и од Комисијата за заштита од дискриминација“ – додава Стојановска.

За жал, последиците кај Никола се веќе видливи. Од претрпениот стрес, тој развил алопеција, а мајка му се плаши дека психолошката траума е уште поголема.

За последиците од малтретирањето, таа вели:

Никола беше на боледување и сега веќе оди на работа. Како последица, она што е видливо – има алопеција од стрес, а другото што не се гледа, се обидувам да го откријам... лицата со посебни потреби во принцип не ги кажуваат негативните работи.

Сузана и Никола Сузана и Никола

Сузана апелира институциите итно да воведат едукација за инклузија во јавната администрација и сите државни установи.

„Најитно треба да се воведе едукација во јавната администрација, затоа што лица со посебни потреби (како што е најавено) во блиска иднина ќе се вработуваат. Кога зборуваме за свеста за која 20 години сум гласна... има ли поголемо разочарување од ова? За жал, неговата колешка не најде дека е потребно да се извини, напротив, користи моменти за да продолжи со мобинг.“

Иако имале состанок со „одговорните“, Сузана вели дека не добила многу надеж дека ќе се преземат конкретни мерки.

За крај, таа испраќа порака која треба да допре до сите:

„Не бараме да ги сакате нашите посебни, доволно е човечки да се однесувате!“

Сузана и Никола Сузана и Никола Сузана и Никола

Даница Караташова Илиоска / Femina.mk

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 24%
  • 63%
Се испраќа...

(Вкупно: 30173 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.