Живееме во време кога сè повеќе семејства, и покрај трудот и чесната работа, тешко успеваат да ги задоволат дури и основните потреби на своите деца. Со доаѓањето на зимата, потребата од топла облека и обувки станува уште понагласена. Иако секој родител сака неговото дете да има ново и убаво, реалноста е поинаква и многумина едноставно немаат начин да го обезбедат.
Токму затоа, невладината организација „Проект Среќа“ и оваа есен ја реализира традиционалната хуманитарна акција „Топла облека за секое дете“, преку која секој може да донира облека за деца на кои им е најпотребна.
Кристина Арнаудова Петровски, која ја предводи организацијата, за Фемина сподели:
Проекти за донација на облека имаме секоја година, а некои години и по неколку пати. Секоја година се донира облека и се обезбедува за бројка од 200 па сѐ до 500 деца годишно. Некогаш е користена, а некогаш сосема нова облека, зависно дали имаме донатори кои купуваат или пак некоја компанија која обезбедува. Во овој период најмногу недостигаат јакни, чизми, џемпери и блузички, бидејќи децата постојано растат. Се трудиме да не се почувствуваат заборавени, и сами, и родителите и децата, во нивната секојдневна борба и животни предизвици.
Истакнатата хуманитарка додава дека имаат корисници кои редовно им се обраќаат за помош, но дека нивната цел е да допрат до децата кои можеби прв пат слушаат за нив и на кои навистина им се потребни:
Нашата цел е да допреме до оние кои не знаат дека постоиме, до децата од рурални средини, кои немаат ни телефони, ни интернет.
Затоа секогаш се обраќаме и на наставници, но и познаници и комшии, секој кој знае и познава деца на кои сме потребни да ги пријави, а ние да стапиме некако во контакт и да обезбедиме што им е потребно.
Со оглед на тоа што скоро 70% од македонското население живее со минимални приходи, во време на инфлација кога и храната е луксуз, би рекла дека скоро секое семејство денес има потреба од помош. Затоа, прво треба да сме луѓе, да сме тука еден за друг. За тие деца да не губат надеж и да изградат свои соништа и успешна иднина.
Иако стигмата сè уште постои, во „Проект Среќа“ нагласуваат дека донациите се анонимни и дека достоинството на секое семејство е заштитено.
Некои семејства и родители, се имаат најдено од немајкаде во тешка ситуација, и на нив им е најтежок моментот дека мораат да се обратат за помош некаде. Се соочиле со болест, несреќа, пожар, смрт, и ете мораат да побараат помош. Ние ги охрабруваме, со акцент на тоа дека апсолутно никој нема да знае за тоа, па некогаш ни нивните деца.
Ние сме сепак организација или повеќе можеби дури и платформа, каде луѓето си помагаат едни на други, од човек за човек, и емпатијата на нашата платформа е длабоко развиена, на што сум особено горда. Секогаш кога има објава дека е потребна помош, се пријавуваат донатори, кои можеби немаат многу, но и тоа што го имаат сакаат да го поделат. Тоа е големината на човекот, и на „Проект Среќа“, „Проект Среќа“ не сум јас, ниту е тоа некаква канцеларија (која сега дури веќе и ја немаме за жал). „Проект Среќа“ се добрите луѓе на Македонија!
Кристина вели дека ваквите проекти скоро секогаш имаат одличен одзив, со скоро 100% донации од луѓе. За бизнис секторот вели дека донира минимално во последните години, освен ако не се работи за корпоративни донации, организирани од самите вработени, не од менаџментот.
Арнаудова Петровски додава дека граѓаните покажуваат огромна доверба во платформата поради транспарентноста и затоа веруваат дека нивните донации стигнуваат на правилно место:
Нашите донатори токму затоа се со нас сите овие години, заради транспарентноста, и тоа што точно знаат каде одат донациите. Најчесто тие самите ги испраќаат до корисниците или им донираат она кое им е потребно директно на нив. Така се гради таа конекција помеѓу донатор и корисник, но така се гради и вербата во здруженијата и платформата. Ние како здружение не примаме парични донации за трети лица, само пренасочуваме (освен ако не е неопходно од некоја причина) и тоа додатно гради доверба кај јавноста, која веќе добро го знае тоа. Дури и често добиваме пораки, пред да почнат проектите, од типот, кога ќе почнете, едвај чекаме, како на пример сега пред нова година, кога се спрема проектот за новогодишни подароци и настани за децата во социјален ризик.
На прашањето како правилно да се донира/ како правилно да се побара донација, Кристина упатува:
Ние секогаш даваме точни инструкции во нашите постови, пријавата е со порака (не на статус или пост) и ние потоа на секого поединечно даваме точни инструкции, зависно дали е донатор или корисник.
За оние кои сакаат да донираат средства - даваме насоки кои деца немаат и која величина и пол се, а ако немаат време да купат, го правиме тоа за нив, па потоа пакетите со донации ги испраќаме по карго низ цела Македонија.
И додека акцијата за топла облека е во полн ек, тимот веќе се подготвува и за новогодишниот проект за подароци и настани за децата во социјален ризик – уште една традиција на „Проект Среќа“, која секоја година носи топлина и надеж во бројни домови.
Даница Караташова Илиоска / Femina.mk
