Гоце Тодоровски откри детали од приватниот живот кои наидоа на многу остри критики. Популарниот глумец гостуваше во поткастот на Стефан Лазаров, а многумина беа непријатно изненадени од неговите признанија за неверства и размислувања за односот со сопругата.
Најкоментирани се неговите изјави дека имал многу швалерки и дека се гледал со повеќе други жени за време на 50-годишниот брак со сопругата Тања со која има две деца, синот Гоце и ќерката Сашенка.
Запрашан од Лазаров „Како се одржува брак 50 години? Кој е клучот?“, Гоце рече:
„Па, да не се вртиш многу дома. И да имаш швалерки. Се шегувам, ама и не се шегувам. Мојата работа беше таква што јас многу малце бев дома. Снимање, претстави, проби, ваму-таму“.
Мислејќи дека Гоце само се шегува, Лазаров го прашува дали навистина имал швалерки, на што тој одговори:
Па... имав надимак во театарот за таа работа, кој ми е незгодно да го кажам, така нешто слично на женкар, ама погрубо, мислам понесофистицирано. Долго време мислеа дека сум ерген, дека не сум женет, дека јас многу млад се оженив... на 24 години.
Жена ми не ми се налути, знаеше дека тоа е составен дел... знаеше дека никогаш нема да ја оставам. Затоа што јас кога ја запознав жена ми имав 3-4 женски, после раскинав со сите и останав со нејзе и ја земав, после година дена забављање, јас се оженив со Тања моја.
Таа знаеше. Дома ѝ се јавуваа: „Гоце е со мене“. Таа, со опроштење, им викаше: „Може да ми се фатитe, тој никогаш нема да ме остави, ве лаже, џабе мислите дека ве сака“.
Додуша јас сите ги сакав. Не бев вљубен, но едноставно ги сакав, иначе не би бил со нив ако не ги сакав. И горе-доле, сите беа навистина многу убави и многу повисоки од мене.
Многу сум искомплексиран. Дека мал, нормално е да биде повисока од мене. Сите беа над метро и 75... Повеќето женски беа повисоки од мене 10-15 па и 20 сантиметри.
Изненаден од одговорот и од искреноста на актерот, Стефан во видеото од подкастот му вели на Гоце: „Јас па викам ќе ми раскажеш сега како да се одржи еден брак, со почит, љубов, не знам што“, на што тој одговара:
Си постои сето тоа. Важно е жената да не те изневери, за мажот... Јас не изневерував. Јас ако ја изневерев, ќе ја оставев. Јас така се дружев со нив. Не го сметам тоа за неверство. Изневерувањето е кога ќе се вљубиш и ќе ја заборавиш жената. Јас не ја заборавив нејзе, секогаш се враќав дома.
А и жена ми знаеше дека нема да ја оставам, нејзе ѝ беше сеедно. Не можев да ја оставам жената, јас многу млад добив дечиња, не можев јас да рескирам сè заради не знам што. А сакав женско друштво и они ме сакаа мене. Не сум се ни удварал, они сами доаѓаа.
Мислеа дека сум неженет, а ако ме прашаа дали сум во брак, им викав: „Не е важно дали сум женет“.
Јас сум искрен. Јас отсекогаш сум ги сакал жените. Сакав женско друштво, сакав женско тело. Само бев против тоа, само молев Бога жена ми да не ме изневери, зашто тогаш ќе бев ригорозен, тогаш ќе ја оставев 100%.
Ама таа издржа. Едноставно не помислуваше на тоа. Знаеше дека подобар од мене нема. Без разлика на сè што приватно живеев, знаеше дека сум домаќин.
Гоце вели дека сега сака да ги изживее пензионерските денови опуштено и да ужива во нив, додавјаќи дека пензијата треба да биде поголема.
„Доволно се стегав додека градев кариера, сега сакам да уживам“ – вели тој.
Интервјуто со Тодоровски предизвика многу реакции на социјалните мрежи.
Некои го нарекоа „исфрустриран, препотентен и егоистичен“, други заклучија дека ако почесто зборувал за приватноста, „неговата кариера ќе завршеше многу рано“, трети прашаа „Зошто народниот херој нема никакви човечки и морални вредности“, четврти споделија дека тотално се разочарале од човекот со кој пораснале и го сметале за легенда, а петти изразија загриженост за неговата сопруга која претрпува јавно понижување.
