Ако се сака, сè се може – оваа порака можеме да ја извлечеме од трансформацијата на изгледот на брачниот пар Лазаров.
Рахилка и Јасмин од Струмица намалија речиси 150 килограми од нивната вкупна телесна тежина и сега живеат сосема поинаков начин на живот од претходно. Македонскиот пар, кој живее во Швајцарија, заедно спортува, вози велосипеди, пешачи и внимава на исхраната.
За Фемина, 29-годишната Рахилка раскажа како одлучила дека е време да си го промени начинот на живот, кога нејзината тежина достигнала до 164,8 килограми.
Цел живот имам проблем со тежината, но откако се преселив да живеам овде, дојде до екстремно покачување на мојата тежина. Пробав различни методи, но сè беше без успех, сè додека еден ден не сфатив дека ова вака не може и дека морам да се консултирам со мојот лекар што понатаму. Тој ми предложи за Sleeve операција, т.е скратување на желудникот. Иако ми беше страв, јас прифатив, бидејќи мојата тежина беше 164.8 килограми.
Иако многумина сметаат дека операцијата на желудник е најлесниот начин за слабеење, сепак Рахилка категорично го негира тоа.
Тоа го направив на 23.05.2023 година и успеав да намалам 71 килограм за една година. Секако не беше воопшто лесно. Многумина сметат дека ќе се направиш операција и тоа е тоа, но операцијата е само зафат или средство како да ослабнеш, а сè другото зависи од самиот себе. Јас добив рефлукс и морав да се оперирам уште еднаш. Втората операција беше на 01.07.2024 и ослабнав дополнителни 16 килограми или вкупно 87.
Операцијата ја правев во Берн и сум презадоволна. Сега имам 77 кг. и сум пресреќна. Редовно пешачам и одам на фитнес. Јадам мали порции, но често.
Откако Рахилка си ја преполовила тежината, нејзиниот сопруг Јасмин исто така добил желба за промени и лична трансформација, бидејќи тежел 175 килограми.
Со помош на истата операција, 33-годишниот Јасмин намалил 75 килограми и сега има 100.
Откако јас ослабев, мојот сопруг се реши за истиот зафат. Тој за разлика од мене немаше никакви компликации. Сега и двајцата си помагаме, спортуваме, возиме (обично за викенд) велосипед заедно. Тој вози повеќе дури и до 60 км. дневно, додека јас повеќе сакам да пешачам.
