Не е тајна дека семето и овошјето се многу здрави благодарение на нивниот висок степен на хранливост. Затоа треба да се додаваат во редовните оброци. Покрај употребата на овошје во исхраната и додавањето на разни семиња во оброците, исто така корисно е и кожата директно да се храни со семе. А најбрз и наједноставен начин да го направите тоа дома е да подготвите маска за лице.
Постои голем избор на семиња за маски за лице. Тие може да се подготвуваат само од овошје и семе, а секое од нив може да се измеша и со јогурт, мед, растително масло. Пред подготвување на маската, треба да знаете какви резултати сакате да постигнете, односно дали сакате да го подобрите сјајот на кожата, хидратацијата, да ја смирите иритираната кожа или да добиете поцврста кожа, да ги израмните брчките или да ја ексфолирате кожата. Штом ќе го одлучите ова, време е да ги одберете вистинските состојки.
Еве неколку рецепти за здрави, природни маски кои можете да ги подготвите дома.
Хидратантна маска за лице од калинка
За секој тип на кожа

Измешајте една калинка со две лажици мед или природен јогурт. Нанесете ја маската на лицето и вратот и оставете да делува 20 минути. Потоа исплакнете ја темелно со млака вода.
Маска за ревитализација на лице со чиа семе
За секој тип на кожа

Во мал сад ставете една супена лажица чиа семе и додајте 2 супени лажици вода. Оставете да отстои 30 минути, а на секои 10 минути полека мешајте ја смесата. По 30 минути, откако смесата ќе добие гел структура, ставете 2 лажици мед и една лажица маслиново масло. Добро промешајте сè заедно, нанесете ја смесата на лицето и оставете да делува 10 минути. Исплакнете со млака вода. Истата оваа смеса покрај маска за лице, претставува и одличен пилинг за вашата кожа.
Маска за регенерација и подобрување на еластичноста на лицето со сончогледово семе
За сува кожа

Земете 10 сончогледови семки без лушпа и ситно измелете ги. Додајте 2 лажици слатка павлака и 1 лажица маслиново масло. Измешајте ги сите состојки и нанесете ја маската на лицето. Оставете да делува околу 20 минути, а потоа измијте ја.
Маска за зацврстување и коригирање на брчките на лицето од јаболко и ленено семе
За зрела кожа

Земете 2 лажици мелено ленено семе и додајте ¼ чаша топла вода. Оставете да се олади околу 15 минути. Потоа додајте уште вода за да може маската рамномерно да се нанесе на кожата. Изрендајте мало јаболко и измешајте го со лененото семе. Смесата е подготвена. Нанесете ја на лицето и исплакнете по околу 15 минути.
Секако дека маската за лице не може целосно да го замени секојдневниот режим на нега на кожата, вклучително и специјалните креми, но сепак тие се одличен дополнителен третман со кој ќе дојдете до посакуваните резултати. Затоа, по нанесување на каков било тип маска на вашето лице, дури и маска за длабоко потхранување на кожата, не заборавајте потоа да го нанесете кремот кој го користите во вашиот секојдневен режим.