Фотографија од првата средба меѓу 92-годишна бабичка и нејзината правнука стопли илјадници срца низ светот и поттикна многумина да зборуваат за своите баби и дедовци.

На фотографијата, прабабата Мили Мартин и малата Пенелопе која е стара само 2 дена лежат на креветот и ненаситно зјапаат една во друга. Љубовта кај Мили за малото девојче се родила инстантно. „Таа се заљуби во моментот кога првпат се видоа. Мислам дека го чекаше овој момент. Ова беше еден од најубавите денови во мојот живот и мислам дека беше еден од најубавите и во нејзиниот исто така“ – рекол Скот, таткото на малото бебе, кој ја објави фотографијата на интернет.
Во описот на Imgur, Скот напиша: „Мојата 92-годишна баба за првпат ја среќава мојата ќерка стара 2 дена. Животот доаѓа и си заминува, но секогаш е убав“.
Објавата на новиот татко досега ја виделе повеќе од 1,7 милиони лица само на Imgur.
Но, ова не е првпат Пенелопе да стане интернет сензација. Во март, видео од нејзин преглед со ултразвук стана хит, бидејќи во него се гледа како таа плеска со рацете во 14. недела од бременоста.