Самохрана мајка потрошила повеќе од 30.000 долари за нејзината 22-месечна ќерка да учествува на натпревари за убавина. Малото девојче освоило осум круни уште пред да го прослави својот втор роденден.


Џес Саливан троши сè што ќе заработи на дизајнерска облека, златен накит, шминка и надградба на коса за својата ќеркичка Мини-Бу. Од нејзиниот паричник досега излегле повеќе од 20.000 долари за фустани од познати брендови и речиси 10.000 долари за накит, шминка, чевли, надградба на коса и други додатоци потребни за натпреварите.
23-годишната Британка, која работи како негувателка на стари лица, не гледа ништо лошо во тоа да ја шминка и дотерува ќерка си пред натпреварите за убавина и покрај острите критики кои ги добива. „Ме обвинуваат дека сум ја сексуализирала мојата ќерка, но токму луѓето кои го кажуваат тоа имаат изопачени мисли. Мене тоа не ми ни паѓа на ум“ – рекла Џес. „За мене тоа е како натпревар по танци. Те оценуваат по изведбата, аутфитот и шминката. Имам потрошено околу 30.000 долари на Мини, но вреди секој цент“ – додала таа.




Џес забременила непланирано на 21 година, а откако не добила поддршка од таткото на бебето, решила сама да го израсне. Со раѓањето на Мини-Бу нејзиниот живот комплетно се променил. „Пред да ја родам Мини може да се каже дека бев бесно дете, постојано излезена и сите пари ми одеа во пиење со пријателите. Сега, кога ја имам Мини, секој цент оди на неа и таа целосно ми го промени животот кон подобро“ – вели таа.
Мини-Бу досега има 300 дизајнерски фустани во својот плакар. „Буквално би шетала со дупки во облеката за таа да може да носи прекрасен дизајнерски фустан. Таа не носи панталони и не ни помислувам да ја облечам во фармерки“ – вели таа.



Џес вели дека е свесна дека луѓето не го одобруваат она што го прави, но дека не ја интересира, бидејќи нејзината ќерка е среќна со тоа. „Не ми е гајле што велат другите, работам напорно за да заработам за Мини и го правиме она што ја усреќува. Таа обожава кога ја шминкам или кога ѝ правам фризури. Не повредуваме никого, па во што е проблемот?“ – вели Џес.








