Почетна » Новости » Занимливости » „Понекогаш заборавам колку голема среќничка сум“: Мајка потсетува колку се скапоцени малите моменти со децата

„Понекогаш заборавам колку голема среќничка сум“: Мајка потсетува колку се скапоцени малите моменти со децата

Преку своите текстови, Дијана Спалдинг редовно ги потсетува родителите што е навистина важно во животот. Таа вели дека лесно е да се изгубиме во бројните обврски и да се жалиме, без да погледнеме околу себе за да видиме колку големи среќници сме поради она што го имаме.

Креативната мајка апелира да ги цениме малите моменти со нашите деца, бидејќи тие се скапоцени:

Мајка и ќерка

До моето дете, кога ќе заборавам колку голема среќничка сум

Секогаш се случува среде глува ноќ.

Доаѓам да те проверам уште еднаш пред да се сместам во креветот за спиење. Ти ја тргам косата од челото, ти го местам ќебето кое го собираш меѓу нозете и го бакнувам твоето меко совршено обравче. Тогаш, ми светнува во главата нешто кое ми го одзема здивот.

Колку голема среќничка сум.

Мојот живот можеше да замине во стотици различни насоки. Но, тука сум, и сум твоја мајка. Ти си моето совршенство. Сè поврзано со тебе е онакво какво што треба да биде и јас сум обземена од љубов и благодарност.

Но, понекогаш заборавам.

Понекогаш наутро, заборавам. Ги слушам твоите малечки стапала како дотрчуваат од ходникот во мојата соба и тоа слатко гласче како ми вели: „Мамо, надвор изгреа сонцето!“

Се насмевнувам, но мојот ум инстантно започнува да работи за да се присети што стои во распоредот за претстојниот ден. Но, кога ќе се качиш на мојот кревет и ќе го ставиш главчето на моите гради на неколку смирени моменти, се присетувам колку голема среќничка сум што имам уште еден ден со тебе.

Понекогаш во текот на појадокот, заборавам. Ги мавташ нозете под масата додека ми раскажуваш приказна која е бесмислена комбинација од нешто што го правеше во детскиот парк и нешто што си го видела на Paw Patrol. Те слушам само делумно додека ги приготвувам кутиите со ручек и ги барам изгубените книги од библиотека. Но, потоа ти ќе речеш: „Мамо, нели е тоа пресмешно?“ со твојата голема штрбава насмевка и со твоите сјајни очи, а јас ќе се потсетам колку голема среќничка сум што ги слушам твоите приказни.

Понекогаш кога сме надвор, заборавам. Ти безгрижно си потскокнуваш и си пееш во дворот, додека мојот мозок е преокупиран со стрес поради неплатени сметки, обврски и телефонски повици кои треба да бидат направени. Но, кога ќе ми речеш: „Во ред, јас ќе бидам Елза, а ти Ана и Свен и Снежното чудовиште и мамичке имитирај ги гласовите“, јас се потсетувам колку голема среќничка сум што ја гледам твојата бујна фантазија.

Понекогаш пред спиење, заборавам. Забите ти се измиени, приказната прочитана, ти си стуткана во креветот и конечно можам да имам неколку минути мир и тишина за мене. Но, тогаш твоите очиња се насолзуваат и ми велиш: „Мамо? Другарка ми ме растажи на училиште денес“, и јас се присетувам колку голема среќничка сум што сум единствената на која ѝ веруваш.

Понекогаш навечер, заборавам. Само што сум заспала, телото ми тежи од истоштеност, но морам да станам од креветот поради твоето плачење. „Мамо, сонував лош сон!“ Чекорам по ходникот со воздишка зашто знам дека тоа значи уште една долга ноќ и тешко утро. Но, тогаш ти ме прашуваш дали може да останам покрај тебе и да те галам по грпчето, а јас се потсетувам колку голема среќничка сум што сум единствената која може да направи да се чувствуваш безбедно.

Не е тешко да се присетам колку голема среќничка сум.

Кога бев мала, се преправав дека сум мајка и се надевав дека еден ден моите кукли ќе бидат вистински бебиња.

Се сеќавам дека кога се заљубив во татко ти, знаев дека тој ќе биде единствениот кој сакам да биде татко на моето дете.

Се сеќавам дека липав кога дознав дека сум бремена со тебе, бидејќи бев пресреќна.

И точно се сеќавам како се чувствував кога бабицата те стави на моите гради за првпат, целата мокра и совршена.

Па, кога животот ќе биде преполн со обврски, кога умот ќе ми лета и вниманието ќе ми се одвлече, те молам знај дека јас знам колку голема среќничка сум што ти сум мајка.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 25%
  • 62%
Се испраќа...

(Вкупно: 11710 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.