Почетна » Новости » Актуелно » „Возам трактор од 9 години“: „Ледената“ Бетика со љубов говори за семејниот јаболкобер во Преспа

„Возам трактор од 9 години“: „Ледената“ Бетика со љубов говори за семејниот јаболкобер во Преспа

Во срцето на Преспа, меѓу бавчите кај селото Болно, Бетика Котовчевка со своето семејство негува традиција стара со генерации – одгледување и берење јаболка. Позната како „Ледената девојка“ и ученичка на Вим Хоф, таа е вистински пример за спој на женска сила, љубов кон природата и семејни вредности.

„Ако зборуваме реално, во Преспа нема органски јаболка веќе одамна, бидејќи земјиштето е со години прскано со пестициди. Ние ги прскаме нашите со основни билки само за штетници на дрвото и сме многу обзирни, тоа не ја оштетува почвата, всушност тоа е нешто кое дождот го измива. За разлика од перфектните јаболка кои се продаваат на пазарот, нашите имаат и дамки и флеки – тоа се вистински јаболка“ – искрено вели трудољубивата ресенчанка.

Бетика Бетика

Трактор вози од својата деветта година, а за неа берењето јаболка не е само работа – тоа е начин на живот и вредна лекција.

„Берењето јаболка ни беше игра уште од детството, но и животна лекција – дека растењето јаболка е како дете: со многу љубов и трпение до плод.“

Растењето јаболка е како дете: со многу љубов и трпение до плод
Бетика

Иако најголемиот дел од преспанските јаболка завршуваат во странство, Бетика годинава одлучи да направи нешто поинакво – преку сопствена иницијатива им овозможува на граѓаните во Македонија да добијат домашни, природни јаболка, директно од нејзината градина. Испораките ги праќа преку карго, за секој што сака да вкуси вистинско јаболко од Преспа.

Берењето, иако физички напорно, за неа има духовно значење:

„Самото тоа што сте во постојан контакт со природата е како еден вид на медитација, бидејќи не мислиш на ништо друго, само си собираш јаболка.“

А во нивниот семеен јаболкобер никогаш не недостига смеа и позитивна енергија. „Денот ни почнува со многу смеење и позитива, сѐ дури некој не падне од скала и виси на дрво како маче. Паѓаме сите по еднаш, но тоа нè прави посилни и посамоуверени. Кога ги собираме јаболката од земја, правиме најмногу рекордни чучњеви во цела Македонија“ – низ смеа раскажува девојката која е голем вљубеник во природата.

Бетика Бетика

И покрај радоста, таа забележува дека секоја година родот се намалува поради мразови и неповолни услови. Сепак, нејзините бавчи, сместени повисоко во планината, се подобро заштитени и сè уште носат здрави плодови.

На крај, Бетика испраќа порака, која сака силно одекне до сите:

„Време е да се сетиме дека ние не сме одвоени од природата, ние сме природата. Секое дрво што го чуваме, секоја капка вода што ја почитуваме, секој здив чист воздух е дел од нас. Кога ќе почнеме да се однесуваме со одговорност и љубов кон земјата, тогаш навистина ќе станеме луѓе достојни на нејзините дарови.“

Бетика

Даница Караташова Илиоска / Femina.mk

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 24%
  • 63%
Се испраќа...

(Вкупно: 30266 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.