Текст на брачниот советник Џастис Шанфарбер забрзано го обиколува светот, затоа што зборува за чест проблем кој води до многу разделби – постепеното раздалечување на брачните партнери.

Како брачен советник, работејќи со мажи и жени кои се во криза во врската, им помагам на клиентите да се справуваат со бројни проблеми. Додека многу ситуации се комплексни, има една едноставна вистина која мажите треба да ја знаат: Жените ги напуштаат мажите кои ги сакаат.
Жените се чувствуваат ужасно поради тоа. Им се кине срцето. Но, го прават тоа. Собираат храброст и ресурси и заминуваат. Жените оставаат мажи со кои имаат деца, домови и животи.
Жените заминуваат поради многу причини, но има една причина која посебно ме прогонува, причина која сакам мажите да ја разберат: Жените заминуваат, бидејќи нивниот маж не е присутен. Тој работи, игра видео игри, се коцка, гледа ТВ, оди на риболов... листата е долга. Тие не се лоши луѓе. Тие се добри мажи. Тие се добри татковци. Тие го поддржуваат семејството. Тие се љубезни. Но, ги земаат сопругите здраво за готово. Не се присутни.
Жените ми велат: „Некој може да се појави и да ме освои и да ме оттргне од мажот ми.“ Кога ќе стигнат до тој заклучок, понекогаш се исплашени. Понекогаш се расплакуваат.
Мажи, ви кажувам што гледам. Може да се лутите, да се чувствувате повредени и да негодувате колку што сакате. Вашата жена не е ваша сопственост. Таа не ви ја должи својата душа. Треба да ја заслужите. Ден по ден, момент по момент. Прво и основно треба да ја освоиш со своето присуство. Таа мора да го почувствува тоа. Таа сака да разговара со тебе за она што ѝ значи и да чувствува дека е слушната од тебе, не само да климаш со главата од љубезност.
Сака да ја почувствуваш. Не сака допири со отсутен ум или брз секс. Сака да ја чувствува твојата страст. Можеш ли да ја почувствуваш твојата страст? Можеш ли да ѝ ја покажеш? Не само твојата страст за неа и за секс, туку и твојата страст за животот. Ја имаш ли таа страст? Тоа е најпривлечното нешто што го поседуваш. Ако си ја изгубил, која е причината за тоа? Каде исчезна таа? Дознај. Пронајди ја.
Ако мислиш дека си присутен покрај својата жена, обиди се да ја слушаш. Дали умот ти талка на други места? Кога ја гледаш, колку длабоко ја гледаш? Погледни ја пак, погледни подлабоко. Пресретни го нејзиниот поглед и задржи го подолго од обично, подолго одошто ти е удобно. Ако те праша што правиш, кажи ѝ: „Те гледам тебе. Сакам да видам подлабоко во тебе. Љубопитен сум за тоа која си. И по сите овие години, сакам да знам која си, секој ден.“ Но, кажи го тоа само ако навистина го мислиш, ако знаеш дека е вистина.
Допри ја со максимално внимание. Пред да ја допреш со раката, обрни внимание на чувството на твојата дланка. Забележи што се случува во моментот на допирот. Што се случува во твоето тело? Што чувствуваш? Обрни им внимание и на најсуптилните чувства и емоции. Кажи ѝ сè што забележуваш, момент по момент.
Но, ти си зафатен. Немаш време за сето ова. А што велиш за 5 минути? 5 минути дневно. Ќе се обврзеш ли на тоа? Не зборувам за екстравагантни вечери или излегувања. Зборувам за 5 минути дневно во кои да бидеш целосно присутен до жената со која го споделуваш животот. Да бидеш целосно отворен – да слушаш и гледаш без осудување. Ќе го направиш ли тоа? Се обложувам дека кога еднаш ќе започнеш, кога еднаш ќе го вкусиш, нема да сопреш.
На крајот, авторот забележува дека улогите може да бидат променети, односно истото важи и за жените.