Момче со аутизам го прославило својот роденден со добродушни лица со големи срца, откако ниту едно од поканетите деца не се појавило на неговата забава.
Кога Глен Бурати требало да го прослави својот шести роденден, неговата мајка Ешли ги поканила сите 16 деца од неговото одделение, но ниту едно од нив не се појавило во нивниот дом. Глен, кој страда од аутизам, бил многу тажен кога сфатил дека неговите другарчиња нема да го посетат и не сакал ни да се насмее. „Гледајќи го неговото лице, јас умирав во себе“ – рекла Ешли во интервју за локален медиум. „Веднаш штом се разбуди тоа утро, сакаше да знае за колку минути ќе пристигнат неговите пријатели“ – рекла таа.

Чувствувајќи дека го изневерила својот син, мајката од Флорида решила да го искаже своето незадоволство на Facebook. „Срцето ми се кине за син ми. Го поканивме целото одделение (16 деца) на неговата забава за 6. роденден. Ниту едно дете не дојде“ – пишувало во нејзината објава.
Текстот на Ешли брзо се рашил меѓу локалните жители на Сент Клауд, кои се организирале за да го разведрат тажното лице на Глен. Родители и деца со подароци пристигнувале во домот на славеникот. Љубезноста на непознатите гости ѝ ја вратила на Ешли вербата во човештвото. „Неверојатно е тоа што сите се обединија за некој кој не ни го познаваа. За детето на чиј роденден не дојде никој. Тоа ми го стопли срцето“ – рекла таа.


Најголемиот подарок славеникот го добил од локалниот шериф кој испратил хеликоптер да прелета над домот на семејството Бурати.
„Еден од нашите пријатели го подигна и го стави на неговите рамена. Глен постојано се смееше и мавкаше. Беше неверојатно“ – рекла Ешли.

По една седмица, Глен добил уште едно изненадување. Полициски возила и кучиња и противпожарни камиони пристигнале пред неговиот дом, а вработените од полицијата и пожарната служба му дале уште неколку подароци.

И покрај проблематичниот почеток на роденденското славење, сепак Глен добил прослава каква што заслужува секое дете.