Почетна » Новости » Занимливости » Денес е Светскиот ден на театарот

Денес е Светскиот ден на театарот

Љубителите и создавачите на театарската уметност низ целиот свет денес го одбележуваат Светскиот ден на театарот.

Датумот 27 март е избран од страна на Меѓународниот театарски институт во 1962 година и денес се одбележува во повеќе од сто земји. Секоја година Институтот кани една истакната личност од театарот да напише меѓународна порака. Првата порака била напишана од Жан Кокто, а оваа година, честа му припадна на полскиот режисер Кшиштоф Варликовски.

Светски ден на театарот

Во 1997 година и Македонскиот народен театар се приклучи кон одбележувањето на Светскиот ден на театарот и секоја година избира по една личност која пишува национална порака. Годинава, режисерката Нела Витошевиќ беше избрана да ја напише македонската порака по тој повод.

Светски ден на театарот

Пораката на Нела Витошевиќ

„Театарот во кој што верувам отсекогаш бил и ќе остане поле за жестока дебата на проблемите во општеството. Тој треба да биде радикален во ставовите и критичен во мислата. Да создава светови и да нуди решенија. Треба да ја открива вистината, да ги коментира и истакнува девијациите на општествениот систем. Тој треба да претставува слободна зона во која вирее креативноста и иновативноста. Театарот треба да го отслика скриеното, вистинско лице на светот и да ја црпи инспирацијата од него, овозможувајќи му да се спознае и да ги редефинира своите вредности.

Во време на општествена криза, театарот мора да ги препознае и демистифицира страните на конфликтот, да се обиде да разоткрие што лежи длабоко во сржта на мрачните задкулисните игри и да ја привлече кон себе некорумпираната, интелектуална сила на современото граѓанското општество во кое егзистира. Во такво време, тој несомнено мора да биде најстрогиот аналитичар и катализатор на прогресивните идеи. Да биде бунтовен и силен, слободен и бескомпромисен.

Во услови кога театарот е насилно втурнат во политички игри за да стане пропагандна машинерија, тој го губи своето значење и основна функција. Тогаш театарските дејци, не смеат да покажат слабост и страв туку напротив, треба витешки, храбро и достоинствено со помош на мечот на вистината да тргнат во поход, да се спротивстават и борат за негов спас и слобода. „Да се бориш со непобедливото, да одиш каде најхрабрите не се осмелуваат да одат и секогаш да веруваш во невозможното“, вели Дон Кихот објаснувајќи ги начелата на витештвото.

Така и театарските уметници при обидот да се контаминира суштината на театарот, исто како Херакле, заштитени со своите театарски костими од смртоносните воздишки на многуглавата Хидра, мораат да најдат начин да го совладаат чудовиштето и да го заштитат својот интегритет. Во нивниот поход за одбрана, возобнување и зачувување на вистинските вредности, тие, како и Херакле, треба да ги отсечат сите отровни глави на Хидра, сите партизирани структури кои пуштиле корени и го затрулe волшебниот, чудесен простор на оваа сценската уметност.

И во тој момент, кога театарот се бори за живот и дише на апарати, неговите творци се оние кои можат да му вдахнат кислород, да му направат реанимација за тој да почне нормално да дише преку бронхиолите на вистинитоста и искреноста. Само на тој начин тие самите ќе ја разбрануваат зачмаеноста на театарското битисување, полека ќе се прочистат од медиокритетскиот дух и сеопштата хипокризија и ќе ја отворат портата на адреналинската треска која нас театарџиите не води во процесот на создавање вредни уметнички дела. И тогаш одново, ќе ја пронајдат страста за создавање, поединечно но и колективно. Ќе ја вратат љубовта и радоста во театарот, зашто да не заборавиме дека тој е нашата единствена, најголема љубов но и дека таа љубов подразбира одговорност и посветеност.

На тој начин театарот повторно ќе стане она уметнички и општествено значајно критично, будно око за девијациите во општеството. Тој повторно ќе се воздигне како уметност која не е веќе само индустрија за забава или уметност по нарачка туку медиум кој суштински го поттикнува поединецот на контемплација за современиот живот и општеството во кое живееме.

И тогаш кога театарот ќе се врати од слепата патеката во која го втурнаа, дури тогаш ќе можеме да ги согледаме и реинтерпретираме темите на големите вон временски драмски автори: да го разбереме глобалниот проблем на апатија на денешната Хамлетовската генерација, да ги охрабриме денешните Антигони во борбата против тиранијата на Креонт, да разбереме зошто на денешниот Лопахин му е толку важен имотот на Рањевска и уништувањето на Вишновата градина, и ќе ни стане јасно од каде доаѓа поривот за апсолутистичка власт на Ричард Трети, и ќе можеме да се запрашаме кои се причините за депресија на „малиот човек“ во делата на современите драматичари…

Бертолд Брехт вели: „Уметноста не е огледало во кое се огледува општеството, туку чекан со кој тоа се обликува“…Конечно, ние театарските уметници, мора да го земеме чеканот на уметноста во свои раце и мора да почнеме сами да го обликуваме општеството, преку световите кои ги креираме.

Убедена сум дека како резултат на тој процес неминовно ќе следи како поединечно така и колективно катарзично ослободување на слободоумниот дух и желбата за создавање вистински квалитетна театарска уметност.

Мојот театар е оној кој ми предизвикува немир, кој ми го пореметува сонот, кој ме носи во непознатото, кој верува во невозможното и ги отвара вратите на вистината. Тоа е театарот кој е и слуга, но и учител на публиката и слуга, но и господар на слободата.

Добро дојдовте во мојата, нашата, слободна театарска зона, нека ви е среќен денот на театарот!!“

Нела Витошевиќ

Пораката на Кшиштоф Варликовски

Вистинските мајстори најлесно можеме да ги најдеме надвор од театарските сцени. Обично тоа се луѓе што не го третираат театарот како машина за репродуцирање клишеа и конвенции. Токму тие пронаоѓаат пулсирачки извори и живи текови на реките, кои најчесто ги избегнуваат театарските сали и насобраната во нив безбројна толпа, која се занимава со имитација на некои светови. Имитираме наместо да создаваме сопствени светови, кои се концентрирани, па дури и зависни од дебати со публиката и од чувствата што пристигнуваат прикриени, а кои токму театарот знае најдобро да ги открие.

Таквите водичи ги наоѓам најчесто во прозата. Денес постојано и секојдневно размислувам за писателите што пред околу сто години визионерски, иако воздржано го опишаа самракот на европските богови, кои ја потонаa нашата цивилизација во до ден-денес неразјаснет мрак. Тука мислам на Франц Кафка, Томас Ман и на Марсел Пруст. Денес кон оваа група пророци би го додал уште Џон Максвел Куци.

Нивното заедничко чувство за неминовниот крај, не како планета, туку како модел на меѓучовечки односи, поредоци и бунтови, е сега со нас на многу изразен начин. Со нас кои живееме после крајот на светот. Во однос на злосторствата и конфликтите што потпалуваат и зафаќаат сѐ понови места, дури побрзо отколку сеприсутните медиуми, се во состојба да стигнат да ги покријат со своите прилози и извештаи. Овие пожари и онака брзо стануваат здодевни и неповратно исчезнуваат од медиумските известувања, а ние се чувствуваме беспомошни, преплашени, опколени. Веќе не знаеме да градиме кули, додека ѕидовите што постојано ги создаваме не нѐ заштитуваат пред ништо, напротив, тие сами бараат заштита и грижа, која ја јаде речиси цела наша животна енергија. И немаме веќе сила да се обидуваме да го согледаме тоа што се наоѓа зад капијата, зад ѕидините. А токму заради тоа би требало да постои театар и од тоа да ја црпе својата моќ. Да гледа таму каде гледањето е забрането.

Кшиштоф Варликовски

Со цел одбележување на Светскиот ден на театарот се организираат бесплатни претстави низ многу земји низ светот, вклучително и во Македонија.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 25%
  • 62%
Се испраќа...

(Вкупно: 11175 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.