Почетна » Здравје » Совети за здравјето » Цимет, ловоров лист, оригано... 5 зачини со минимум 25 здравствени придобивки

Цимет, ловоров лист, оригано... 5 зачини со минимум 25 здравствени придобивки

Концентрирани извори на антиоксиданси, ултра здрави, заводливо ароматни и супер достапни. Зачините заслужено имаат специјално катче во кујната, бидејќи не само што ги разубавуваат деликатесите, туку и ни се моќни сојузници од здравствен аспект.

Со векови низ народите одекнувале бенефициите од консумирањето на зачините, а современите истражувања потврдуваат дека нивните лековити својства не се „бабини деветини“.

Зачини

Нутриционистите советуваат секојдневно да се вклучуваат зачините во оброците, a по можност и да се комбинираат по неколку во едно јадење. За остварување на возможната мисија за негување на здрав живот, препорачуваме 5 зачини кои нудат бројни здравствени придобивки, а од кои ќе ги издвоиме по 5 за секој.

Цимет

Експлозивна арома која се врзува со спомени и атрактивни кулинарски специјалитети. Егзотичен вкус кој асоцира на комфор и топлина. Карактеристичен додаток кој може да се препознае со едно вдишување. Циметот е дефинитивно еден од најупотребуваните зачини.

Освен што нè шармира преку сетилата за мирис и вкус, циметот знае како да влијае позитивно на здравјето.

Зачини

Топ 5 бенефиции

1

Значаен соборец во битката со дијабетес тип 2

Редовната употреба на цимет може да го намали шеќерот во крвта. Не само што циметот им помага на дијабетичарите во контролирањето на болеста, туку е докажано дека го стабилизира нивото на шеќер кај лицата кои се во состојба наречена „предијабетес“.

2

За подобра меморија и концентрација

Истражувањата покажуваат дека мирисот на цимет ги подобрува когнитивните способности, меморијата и извршувањето на одредени задачи, а и ги засилува будноста и концентрацијата.

3

Го намалува холестеролот

Резултати од повеќе студии укажуваат на тоа дека циметот помага во намалувањето на лошиот (LDL) холестерол и зголемување на нивото на добар (HDL) холестерол.

4

Помага за контролирање на апетитот и намалување на масните наслаги

Со тоа што го регулира шеќерот во крвта, циметот ги спречува „нападите на глад“. Најпрепорачувана ужина е јаболка со цимет, бидејќи таквата комбинација резултира со внес на помал број на калории за време на оброците што следуваат. Лицата кои ја практикуваат оваа ужина имаат помалку масни наслаги.

5

За подобро дигестивно здравје

Со диететските влакна кои ги содржи, циметот помага при запек, но и при синдром на иритабилни црева.

Оригано

Распространет зачин со специфичен мирис кој недвосмислено нè асоцира на пица. Крал во медитеранската исхрана. Моќен антиоксиданс. Ориганото со причина има добра репутација.

Зачини

Топ 5 бенефиции

1

Придонесува во превенцијата од рак како извор на антиоксиданси

Како и многу други зачини, ориганото содржи многу антиоксиданси кои му помагаат на телото да ги елиминира слободните радикали коишто може да поттикнат оксидативен стрес. Оксидативниот стрес е страшен непријател кој предизвикува оштетување на клетките, а тоа може да води до развивање на повеќе заболувања, меѓу кои рак, кардиолошки нарушувања и Паркинсонова болест.

2

Добар извор е на витамин К

Во само еден грам оригано има 6.2 mcg витамин К, што претставува 7% од препорачаниот дневен внес на овој витамин.

3

Асистира во зацврстувањето на коските

Со самото тоа што содржи калциум, железо и манган, ориганото придонесува за одржување на здравјето на коските, што е особено важно кога телото започнува да старее.

4

Помага за ублажување на воспалението на херпес на усни

Маслото од оригано ја намалува големината на болните меурчиња на усните и ја ублажува инфламацијата.

5

Се користи како природен лек на состојби на респираторниот тракт

Редовното консумирање на оригано го подобрува функционирањето на белите дробови. Маслото од оригано помага при астма, бронхитис и кашлица.

Слатка пиперка

Во македонската кујна, слатката пиперка зазема многу значајно место. Многу наши специјалитети нема да бидат исти без овој впечатливо црвен зачин. Покрај тоа што ги збогатува јадењата, слатката пиперка ни е сестран сојузник за добро здравје.

Зачини

Топ 5 бенефиции

1

За зачувување на здравјето на очите

Слатката пиперка обединува витамин Е, бета каротен, лутеин и зеаксантин кои се особено важни за добар вид и за намалување на ризикот од макуларна дегенерација.

2

Има антиканцероген ефект

Истражувањата покажуваат дека бета каротенот, лутеинот и зеаксантинот го намалуваат оксидативниот стрес, кој го зголемува ризикот од рак.

3

За намалување на холестеролот и во заштитата од срцеви заболувања

Благодарение на состојката капсантин, слатката пиперка го зголемува нивото на добриот (HDL) холестерол. Каротеноидите во пиперката го намалуваат лошиот холестеролот и крвниот притисок, па влијаат позитивно во превенирањето на кардиоваскуларни болести.

4

Помага во превенцијата на анемија

Слатката пиперка содржи и железо. Со само една лажичка, односно 2 грама слатка пиперка, консумирате 8% од препорачаниот дневен внес на железо. Покрај железото и витаминот Е aсистира во одржувањето на здрав крвоток.

5

Одличен извор е на витамин А

Витаминот А е неопходен за добар вид, силен имунитет, развој на ембрионот кај трудниците и одржување на добра состојба на коските, кожата, косата, забите и непцата. Во една лажичка слатка пиперка има 21% од препорачаниот дневен внес на витамин А.

Ловоров лист

Ловоровите ливчиња најчесто се користат како зачин за арома и се отстрануваат по готвење. Но, освен тоа што ги разубавуваат манџите, кашите, супите и јадењата во тава, овие ароматни ливчиња имаат потенцијално лековити својства.

Зачини

Топ 5 бенефиции

1

Го подобрува варењето на храната и ја намалува подуеноста

Гастроинтестиналниот тракт ќе ви биде благодарен ако редовно вклучувате ловоров лист во оброците. Не само што ќе немате стомачни тегоби, ќе го намалите и создавањето на гасови.

2

Води до намалување на триглицеридите и холестеролот

Истражување со лица со дијабетес тип 2 покажа дека консумацијата на ловоров лист во период од 30 дена води до намалување на триглицеридите и на лошиот (LDL) холестерол. Учесниците во истражувањето примале ловоров лист во форма на капсули.

3

Го забрзува метаболизмот во комбинација со цимет

Ловоровиот лист, кога се комбинира со цимет во форма на чај, ја поттикнува работата на метаболизмот и го потпомага слабеењето. Во еден литар вода, ставете 5-6 ловорови ливчиња и едно стапче цимет или една лажица мелен цимет. Варете на тивок оган 10 минути. Засладете со мед и по желба додајте лимон.

4

Ублажува главоболка или мигрена

Доколку страдате од главоболка, направете си чај со ловоров лист или во сад со топла вода ставете неколку ливчиња, наведнете се над него и вдишувајте ја пареата додека сте покриени со крпа.

5

Ги намалува анксиозноста и стресот

Ловоровиот лист има смирувачко и релаксирачко дејство, па затоа се користи во ароматерапијата. Многумина тврдат дека вдишувањето на чад од запален ловоров лист е особено ефективна тактика за релаксација, но засега нема солидни истражувања кои го потврдуваат тоа.

Ким

Долгунесто семе кое нè потсетува на меки, солени печива и секогаш развива најсилна арома кога е грицнато меѓу заби. Кимот е зачин кој воопшто не разочарува ниту со вкусот, ниту со нутритивниот состав.

Зачини

Топ 5 бенефиции

1

Ги намалува болките во стомакот и дискомфорот по прејадување

Векови наназад, луѓето го консумирале кимот по обилен оброк за да ги спречат дигестивните проблеми. Повеќе истражувања покажуваат дека тоа е правилна тактика и дека кимот, особено во комбинација со нане, е ефективен за намалување на стомачните болки и превенција на подуеност и непријатни гасови.

2

За повеќе енергија и подобра циркулација

Кимот ја забрзува циркулацијата и го подигнува нивото на енергија. Што се однесува до спортистите, за нив тоа значи и поголема издржливост.

3

Поседува антиканцерогени својства

Кимот е извор на антиоксиданси кои ја балансираат штетата направена од слободните радикали, го забавуваат стареењето и помагаат во превенирањето на дегенеративни и невролошки болести и инфекции.

4

Претставува значителен извор на растителни влакна

Во само една лажичка ким, има 10% од препорачаниот дневен внес на влакна, што значи дека е сојузник во непречено варење на храната, а нуди и ситост подолго време, со што помага за намалување на тежината.

5

Содржи широк дијапазон од минерали

Можеби количините не се многу големи, но кимот во својот состав има повеќе минерали како железо, калциум, магнезиум, фосфор, манган, цинк и селен.

Позначинет живот значи и поздрав живот!

Повеќе за зачините и идеи за рецепти можете да пронајдете на:

https://zacini-inspiracije.mk/monozacini/persin/.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 10%
  • 26%
  • 64%
Се испраќа...

(Вкупно: 8907 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.