
Како автор со посебен сензибилитет, кој својот интелектуален и емотивен свет го градел живеејќи на различни точки во светот, Жан Илиески многу добро знае како се пишува книга што сакате да ја прочитате во еден здив, а се памети со чувства, длабоко под кожата.
Откако „Трезност и лудост“ (Полица) го етаблира неговиот книжевен глас, 44-годишниот филозоф, светски патник, татко и писател го прошири хоризонтот на современата македонска проза со најновото дело „Цик-цак, ку-ку“ (Антолог). Романот танцува меѓу реалност и имагинација, љубов и загуба, родителство и несигурност, живот и смрт...
Разговаравме со Илиески за инспирацијата, творечкиот процес и за тоа зошто токму летото е најдоброто време да се чита приказна која поттикнува и размислувања и трепети.
Сте живееле и работеле на различни точки во светот од Њујорк до Санкт Петербург, а моментално сте стационирани во Берлин. Кој град најдлабоко ви се вгнездил во срцето, а каде чувствувате дека зборовите ви течат најслободно?
- Берлин. Во овој град станав татко, во овој град напишав три книги, речиси половина од животот го проживеав во Берлин. Њујорк е град за авантури, но е суров град, град за осаменици, а Санкт Петербург има музејска убавина, но е строг град, ја ограничуваше мојата креативност. Берлин е скромен, удобен за живеење, добро место за пишување книги: либерален и контеплативен град.
Кога творите, дали однапред ја знаете „судбината“ на вашите ликови или таа се открива во текот на самото пишување?
- Не, речиси целосно ми е непозната судбината на ликовите. Имам главен мотив, кој и самиот е маглив, дури и потсвесен, и сепак ме води, но судбината на секој од ликовите е речиси целосно неопределен, дури понекогаш и изненадувачки. Книгата секогаш има некоја водечка идеја и нејзината реализација е далеку поважна од судбината на повеќето од ликовите.
„Цик-цак, ку-ку“ звучи како безгрижна детска игра, но книгата се занимава со егзистенцијални прашања и соочување со смртта. Како се стигна до овој наслов и каква симболика крие?
Жан
- Овој е исклучок од правилото да го дадам насловот откако ќе ја напишам книгата. Откако напишав една третина од „Цик-цак, ку-ку“ насловот ми дојде како неотповиклив, дури и повлијаа на пишувањето на остатокот од ракописот. „Цик-цак“ е метафора за одењето на семејството по угорнината на животот, движењето по цик-цак траекторија го прави искачувањето подолго, но полесно.
„Ку-ку“ потекнува од cu-cú, звук кој со мали варијации во многу латински јазици би се превел како нашето „ѕе“, криенка со мало дете. Овој звук е и ономатопеја за прекрасното пеење на „црната птичка со жолт клун“ (ќос), кое често се среќава во дејствието што се одвива во Берлин. Да, животот може да биде детска игра, може да биде песна, ако умееме да го живееме мудро, но и ако имаме среќа. А доколку ја немаме, дотолку повеќе треба да бидеме мудри.

Дали постоеше вистинска инспирација, т.е. некое реално семејство, некое дете или некоја куќа на ридот што ви ја разгоре имагинацијата?
Жан
- Книгата содржи многу повеќе лично искуство отколку што некој може да поверува. Писателите не можат да создаваат во вакуум, зборовите без тело и крв се празни и тоа лесно се препознава. Не сите ликови се реални, но главните протагонисти се основани на лични или искуства на блиски личности. За „куќа на ридот“, на пример, пишував додека живеев во неа на Тенерифе. Уметноста е претерување. Додека творам, речиси секогаш лебди мотивот: а што доколку решам да живеам подруго, похрабро или што доколку ми се случи нешто навистина толку страшно, како ќе реагирам?... И потоа таа идеја се развива со сите свои последици.
Полиаморноста се провлекува како тема, но не е експлицитна. Дали ја гледате како дел од емотивната комплексност на современиот човек или како критика на традиционалниот модел?
- Навистина, полиаморноста е експлицитна само кај Фелипе. Кај него таа добива форма на критика на традиционалниот модел на семејство, дури и на бунт. Но, тој не се справува добро со тоа. Еден од водечките принципи на современата полиаморност е чесноста, целосната транспарентност кон сите партнери. Не се справува добро и младиот писател од Берлин, тој сака да ѝ покаже на Полја дека таа е пред сѐ жена сама за себе, а не сопруга и мајка, и кога успева во тоа да стане интимен со неа, не е јасно дали ќе биде чесен и ќе ѝ се отвори на сопругата Алина за тоа. Во таа смисла, повеќето ликови само „флертуваат“ со идејата за полиаморност, но за сите нив, традиционалниот брак е сѐ уште важен за да се дрзнат да го ризикуваат односот со „главниот“ партнер.
Во секој случај, ликовите се љубопитни, сакаат да експериментираат со границите на моногамијата, лесно се вљубуваат или си дозволуваат да се вљубат иако имаат брачни партнери и тоа создава множество интересни, двосмислени ситуации.
Лично, иако не ја практикувам, наоѓам голема надеж во неа. Ја гледам како можен, но можеби и единствен метод за општествена трансформација, од општество втемелено во љубомора и себичност до такво втемелено во љубов и споделување. Современата љубов е комплементирана со проституција и/или порнографија, и верувам дека овие ќе немаат место во општество отворено за полиаморност.
Вулканскиот бисер Тенерифе, престолнината на ритамот и боемите Мадрид и хедонистичката арена Берлин се позадината за дејството во „Цик-цак, ку-ку“. Ни доближувате магични места кои ни ја подгреваат желбата за патување. Колку вашиот статус на светски патник ви помогна да ги доловите спецификите и културните нијанси на овие места и како вашите искуства влијаат врз начинот на кој ги градите ликовите и нивните приказни?
Жан
- Тоа што живеев на многу места во светот, тоа што често патувам, многуте јазици кои ги научив, сето тоа ми дозволува да се чувствувам удобно и втемелено во она што го пишувам за тие места или луѓе. Нема потреба да се прашувам дали Русинот би се чувствувал посрамен во некаква околност, дали Американецот би можел да се пошегува на тој начин, дали во Берлин септември е секогаш потопол од јуни. Познавањето на местата и културите ми дозволува слободно да креирам без да „измислувам“ или без претходно да ги „студирам“ местата и луѓето за кои пишувам. Пишувам речиси исклучително за места кои сум ги посетил или барем доволно ги познавам. Но и тоа не е доволно, решавам да пишувам само за места кои ги љубам, места со карактер.
Кој лик најмногу ве изненади додека пишувавте и дали има однесување/размислување на одреден лик во коe се препознавте без да сакате?
- Најверојатно Пела ме изненади најмногу. Ме изненади и Полја. И двете се храбри и силни жени. Сепак, Пела излегува како многу позрела, таа е каменот на кој треба да се потпре човекот кој тоне во безумие.
Во врска со мене, се препознавам во сите машки ликови: од писателот-студент од Берлин, до таткото од „семејството на ридот“, до таткото на малечката Пилар.
Кога креирате љубовна сцена, на што сте фокусирани најмногу: дијалогот, позиционирањето и движењата на телата или она што се случува во мислите?
- Тоа е танец помеѓу сите нив. Најважното е да се пренесе чувството на љубов, или подобро кажано на создавањето на љубовта. Обично тоа започнува со зборови, со дијалог, но топлината во срцето и во стомакот не се создаваат само со кажаните зборови, затоа описот на движењето на телото е исто толку ако не и поважно. Мислите го навестуваат тоа што надоаѓа, ја припремаат читателката за кулминацијата.
Што би ѝ кажале на читателка која ќе ја понесе вашата книга на плажа? Што да очекува во однос на емоции, атмосфера и доживување?
Жан
- Книгата е лесно, летно четиво. Иако обработува тема како контрастот на животот и смртта, тоа е направено на игрив, симболичен начин, со многу нежност и љубов, а неретко и еротика.
Читателката ќе ја понесам на интимно патување низ сончевите Канарски острови, ќе ја запознаам со птиците на Нова Гвинеја, ќе ѝ покажам како живеат и се вљубуваат во Берлин.
„Цик-цак, ку-ку“ може да ја пронајдете во книжарниците и онјалн продавниците на Антолог и Арс Ламина.