Почетна » Новости » Актуелно » Бети Стаменкоска-Трајкоска, градоначалничка на Кисела Вода: „Жените умеат да изградат стабилност, да ги спојат различните мислења и да го движат системот напред“

Бети Стаменкоска-Трајкоска, градоначалничка на Кисела Вода: „Жените умеат да изградат стабилност, да ги спојат различните мислења и да го движат системот напред“

Жените на градоначалнички позиции во Македонија сè уште се реткост, а локалните избори 2025 донесоа многу мал исчекор – само четири жени ја добија довербата да раководат со своја општина и единствено една од нив победи уште во првиот круг.

Имено, во изборната трка за локалната власт, Бети Стаменкоска-Трајкоска беше единствената кандидатка која победи уште во првиот круг – резултат што говори за силната поддршка и доверба што ја ужива меѓу жителите на Кисела Вода. Позната по својот директен, одлучен и практичен пристап, Стаменкоска-Трајкоска во својата кампања јасно ги постави приоритетите: подобрување на хигиената во општината, засилени активности за унапредување на патната и комуналната инфраструктура, како и уште поголема транспарентност и соработка со граѓаните.

Во интервју за Фемина, непосредно по стапувањето на должност, таа зборува за предизвиците на функцијата, женското лидерство и стремежот да внесе нова енергија во локалното управување.

Бети Стаменкоска-Трајкоска

Како се чувствувате како жена градоначалник на најстарата скопска општина, Кисела Вода?

- Да се биде градоначалник на Општина Кисела Вода е огромна чест и уште поголема одговорност. Како жена, чувствувам гордост што можам да покажам дека жените се подеднакво подготвени за предизвиците на управувањето и носењето одлуки.

Женскиот пристап често носи повеќе организираност, упорност и внимателност кон деталите, што е особено важно во локалната самоуправа. Моја цел е да создадеме функционална и современа општина, која работи во интерес на сите граѓани и ја зголемува нивната доверба во институциите.

Што е приоритет на Вашата листа со доаѓањето на оваа лидерска функција?

- Најпрво ќе се насочам кон обезбедување континуитет на добрите и успешно започнати проекти, бидејќи континуитетот е клучен за стабилен развој. Истовремено, ќе спроведеме детална анализа на сите тековни активности, за да утврдиме каде можеме да внесеме дополнителна ефикасност и подобрувања.

Бети Стаменкоска-Трајкоска

Меѓу првите приоритети е зголемувањето на хигиената во сите делови на општината, со засилено чистење и координирани акции за отстранување на дивите депонии. Тука секако сметам и на голема соработка со новото раководство на Град Скопје. Паралелно, интензивно ќе работиме на пошумување и зазеленување на јавните површини, затоа што чистата и уредна животна средина е предуслов за подобар квалитет на живеење.

Ќе ја интензивираме градежната офанзива, преку целосна реконструкција и изградба на улици, тротоари и канализациона мрежа, за да обезбедиме современа и безбедна инфраструктура во секоја населба, во секое населено место.

Како поранешен пратеник со петгодишно искуство во Собранието, добро знам колку е важна соработката меѓу локалната и централната власт, па токму тоа ќе биде уште еден од моите приоритети, да обезбедиме заедничко делување што носи конкретни резултати. Ќе продолжиме со силна отвореност кон граѓаните и нивните потреби, затоа што граѓанинот мора да биде во центарот на секоја политика. Моето искуство како педагог и магистер по менаџмент на човечки ресурси, ќе го применам за да изградиме тим ориентиран кон решенија, резултати и уште поголема транспарентност во секој процес на одлучување и реализација.

Што ќе донесете поразлично, со самото тоа што сте една од ретките жени на ваква позиција?

Сакам да внесам уште повеќе емпатија, систематичност и тимски дух, но и нова динамика во креирањето и реализацијата на проекти
Стаменкоска-Трајкоска

- Секој лидер има свој стил и сопствен концепт на работа. Верувам дека мојата енергија, карактер и начинот на кој пристапувам кон предизвиците ќе донесат нов тек во функционирањето на Општината. Јас сум личност што верува во соработка, во слушање на соговорникот и активно работи на обединување околу заеднички цели. Како жена на оваа позиција, сакам да внесам уште повеќе емпатија, систематичност и тимски дух, но и нова динамика во креирањето и реализацијата на проекти. Сакам да ја поттикнам поголемата вклученост на младите и жените, и во институционалното работење и во локалниот развој, преку поддршка на женското и младинското претприемништво, иновативни идеи и општествена активност.

Верувам дека токму преку тоа ќе изградиме уште посилно чувство на заедништво и доверба, а со поддршка на сите добри проекти, ќе покажеме дека кога работиме обединето, резултатите се видливи и трајни.

Сакам да додадам дека сум горда што и во овој мандат Советот ќе го води жена, а и во општинската администрација има голем број жени на раководни позиции. Тоа е формула што се покажа успешна, затоа што жените умеат да изградат стабилност, да ги спојат различните мислења и да го движат системот напред.

Бети Стаменкоска-Трајкоска

Може ли накратко да го прокоментирате местото на жените во политиката? Колкав предизвик е за една жена да се избори за место во овој „машки свет“? На какви предрасуди наидува?

Моето искуство ме научи дека клучот е во знаењето, трудот и интегритетот.
Стаменкоска-Трајкоска

- Жените во политиката и понатаму се соочуваат со предрасуди, но тоа не треба да се гледа како слабост, туку како поттик за уште поголема решителност. Моето искуство од професорската катедра до пратеничката клупа и сега градоначалничката функција, ме научи дека клучот е во знаењето, трудот и интегритетот. Драго ми е што во партијата од која доаѓам, ВМРО-ДПМНЕ, вистински се вреднува женската сила и компетентност. Тоа се докажува и со фактот дека на толку одговорна позиција денес стои жена. Верувам дека жените во политиката не се исклучок, туку неопходен дел од балансирано и здраво општество.

Даница Караташова Илиоска / Femina.mk

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 24%
  • 63%
Се испраќа...

(Вкупно: 30176 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.