Почетна » Здравје » Заболувања » Што нè плаши: 9 најчести фобии

Што нè плаши: 9 најчести фобии

Стравот е нормална емоција, но кога е толку интензивен што предизвикува огромна вознемиреност која ги попречува нормалните активности, станува збор за фобија.

Фобијата е ирационална реакција на одредени предмети или ситуации. Лицата со фобија чувствуваат силна потреба да го избегнуваат изворот на анксиозност и иако сфаќаат дека стравот е неоснован, сепак не успеваат да го надминат.

Непријатните физички симптоми како забрзување на пулсот, треперење, чувство на мачнина, потење, сушење на устата, забрзано дишење, болка во пределот на градите или потреба за бегство се само дел од придружните симптоми на фобиите.

Сè уште малку се знае за причините за појава на фобија. Таа може да биде резултат на трауматични случки, како напад на куче или пад од голема висина. Постои и голема поврзаност помеѓу стравовите на одредена личност и стравовите на нејзините родители. Доколку, на пример, сте биле сведок на ирационална фобична реакција од страна на родителот кон конкретен објект или ситуација (соочување со пајак), постои можност и вие да ја „наследите“ истата фобија.

Страв

Фобиите се делат на 3 основни групи:

  1. Специфични фобии. Се карактеризираат со постојан и ирационален страв инициран од точно определен предмет или ситуација. Во специфичните фобии се вбројуваат страв од животни или инсекти, страв од природни појави како молњи и грмотевици или ситуации како посета на стоматолог, летање со авион, влегување во тунел, престој во тесни простории и сл.
  2. Агорафобија. Многумина сметаат дека агорафобијата е единствено страв од отворен простор, но таа вклучува страв од ситуации од кои бегството би било тешко или засрамувачко. Лицата со агорафобија избегнуваат ситуации кои сметаат дека можат да им предизвикаат паника и се преплашени од помислата дека може да доживеат напад на паника во јавност, па избегнуваат јавни места, особено локации каде што има поголема група луѓе. Стравот може да ескалира до степен што личноста може да се чувствува сигурна и заштитена единствено во сопствениот дом. Агорафобијата е двојно почеста кај жените отколку кај мажите.
  3. Социјална (општествена) фобија. Ситуациите кои вклучуваат интеракција со други луѓе предизвикуваат страв кај лицата со социјална фобија. Тие чувствуваат постојан и интензивен страв дека ќе бидат осудувани и критикувани од другите и се плашат дека ќе се засрамат или понижат поради своите постапки. Стравуваат од јавно говорење, држење на состаноци, пишување во јавност, јадење во јавност, користење на јавно WC, разговарање со непознати или авторитетни личности, посетување на забави и сл.

Кои се најчестите фобии?

Арахнофобија – страв од пајаци

Специфичната фобија која опфаќа страв од пајаци е широко распространета, „погодувајќи“ дури 50% од женската и 10% од машката популација. Лицата со арахнофобија се чувствуваат непријатно на места на кои веруваат дека има пајаци или кога во нивна близина има пајажини. Кога ќе се соочат со пајак, тие треперат, викаат, плачат или потат. Кај некои лица стравот може да се појави дури и додека гледаат реалистична слика или фотографија од пајак.

Акрофобија (Вертигофобија) – страв од висина

Екстремниот и ирационален страв од висина е особено честа појава. Околу 2 до 5% од луѓето страдаат од акрофобија, а поголем дел од нив се припаднички на понежниот пол. Оваа фобија предизвикува паника кога лицето се наоѓа на голема висина и тоа станува премногу растревожено за да се симне безбедно.

Аерофобија – страв од летање

Патувањето со авион не е воопшто привлечна идеја за луѓето кои ја имаат развиено оваа фобија. Паничните напади може да се јават при самото полетување или приземјување на авионот, како и при турбулентни летови. Стравот од летање со авион може да е последица на различни други стравови и фобии – страв од авионска несреќа, страв од затворен простор, страв од тероризам, страв од чувство на беспомошност и сл.

Аклуофобија – страв од темнина

Стравот од темнината најчесто се јавува кај децата, но не е мал бројот на возрасни кои се плашат кога се во темен простор. Во некои случаи стравот од темнина може да доведе и до инсомнија.

Клаустрофобија – страв од затворени мали простории

Чувството на заробеност во затворени простории може да биде застрашувачко и исцрпувачко за клаустрофобичните луѓе. Се избегнуваат лифтови, тесни ходници и соби без прозорци. Посетата во истите резултира со паничен напад и чувство дека личноста е фатена во стапица и не постои начин да се избега. Кога се во полни лифтови, заклучени мали простории или во соби без прозорци, клаустрофобичните лица чувствуваат како да се гушат.Некои лица не носат тесна облека со цел да избегнат напад на паника.

Кинофобија – страв од кучиња

Абнормалниот страв од кучиња принудува многу лица да го лимитираат контактот со сопственици на кучиња и да ги избегнуваат местата на кои знаат дека можат да ги сретнат овие животни, како парковите.

Бронтофобија – страв од грмотевици

Веројатно познавате дечиња, но и возрасни кои се „кријат под креветот“ откако ќе слушнат грмотевица или биле сведоци на светкавица, гром или молња. Бронтофобијата го опфаќа токму овој страв кој може да резултира со паничен напад, забрзан пулс, потење на дланките и непријатно чувство на мачнина.

Некрофобија – страв поврзан со смрт

Мртовци, мртовечки ковчези, надгробни споменици, погреби и сè што е поврзано со смртта се предмет на некрофобијата. Некрофобиците развиваат силна опсесија поврзана со смртта и видно се вознемируваат дури кога се соочени со мртви животни или некролози. Некрофобијата често се развива кај лица кои биле сведоци на нечија смрт или биле принудени да присуствуваат на погреб во детството.

Хемофобија – страв од крв

Лицата кои страдаат од хемофобија не поднесуваат крв и во посериозни случаи доаѓа до несвестица при контакт со истата. Стравот од крв и крварење може да биде заснован на трауматично искуство кое ја вклучувало црвената течност или на негативната слика за крвта создадена во општеството.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 10%
  • 26%
  • 64%
Се испраќа...

(Вкупно: 9502 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.