Почетна » Убавина и мода » Мода » 12 разумни шопинг стратегии

12 разумни шопинг стратегии

Шопингот е омилено женско задоволство. Потрагата по убаво парче облека, пронаоѓањето на попусти и самото купување го покачуваат адреналинот, раѓаат позитивни емоции и значително го подобруваат расположението. Но, за да останете радосни и задоволни и откако ќе се вратите дома, потребно е да сте направиле разумен шопинг, а не да сте се вратиле со полни кеси со облека која не ви се допаѓа како ви стои или немате со што да ја комбинирате, па повторно да се жалите дека немате што да облечете.

Во продолжение ќе најдете неколку ефективни и разумни шопинг стратегии кои ќе ви го олеснат пазарувањето и ќе ви помогнат да ја одржите задоволната насмевката на вашето лице.

Шопинг

1. Најдобрите шопинг денови се од понеделник до четврток

Зошто? Раздвиженоста низ продавниците е најмала во текот на работната недела. Па, продавачите ќе можат да ви посветат поголемо внимание, нема да мора да чекате на ред за да влезете во соблекувална и ќе имате доволно време да се гледате на огледало без некој со намуртено лице да ве принудува да брзате.

Како резултат на тоа, шопингот ќе ви помине порелаксирано и ќе имате доволно време за да направите разумен избор.

2. Тргнете на шопинг со план и определен буџет

Конечно собравте малку пари за да се почестите со шопинг? Не брзајте да летнете низ врата и да ги потрошите на првите неколку парчиња облека кои ќе ви го украдат погледот. Направете си план и тргнете низ продавници со јасни намери.

Прво, отворете го вашиот плакар и извадете на видик сè што поседувате. Второ, фотографирајте ги со вашиот мобилен парчињата облека кои немате со што да ги комбинирате. Трето, размислете колку пари можете да потрошите на она што ви е неопходно.

Ако ви се потребни чизми, не влегувајте во бутици за облека додека не си купите чизми, затоа што несвесно може постепено да го намалувате буџетот за чизмите и на крајот да останете без нив. Фокусирајте се на она што ви е најнеопходно, а потоа, ако заштедите пари, пуштете го вашиот поглед да лута кон нешто друго за да се почестите.

Фотографиите во мобилниот телефон треба да ве потсетат дека веќе поседувате парчиња кои нема со што да ги комбинирате и дека не треба само да го зголемувате тој куп. Користете ги сликите за да купите облека со која ќе ги комбинирате парчињата кои стојат необлечени во вашиот плакар.

3. Внимателно избирајте го вашиот шопинг придружник

Навистина е забавно да тргнете во саботно обиколување на бутиците со вашите блиски пријателки, но имајте на ум дека така одлуките ќе ги донесувате групно и во голема мера ќе се влијаете од мислењето на мнозинството. Лесно е вашите пријателки да ве убедат дека припиеното фустанче ви стои феноменално и дека ќе зажалите ако не го купите, дури и ако вие тврдите дека не се чувствувате комфорно во него. „Леле, преубаво ти стои!“, „Како за тебе да е шиено“, „Те прави послаба“ и други вакви слични коментари ќе надвладеат над констатацијата на вашиот разум дека фустанчето е претесно, и пред да се свестите ќе се најдете на каса со натокмена сума пари в рака. Резултатот од таквиот шопинг: уште едно необлечено парче облека во вашиот плакар.

Купувањето во друштво исто така го зголемува притисокот за трошење на поголема сума на пари. Ако групата пријателки се согласи дека одредена цена е соодветна за обуките кои ви го привлекоа погледот, тогаш голема е веројатноста да се убедите дека купувањето на тие обувки вреди и дека е правилна одлука. А, кога ќе се вратите дома и кога ќе ги преброите парите во паричникот, следува прашањето: „Каде ми беше мозокот? 8.000 денари за овие чевли?!?!“.

Затоа, изберете само една пријателка или земете ја вашата сестра и со неа започнете го шопинг задоволството. До вас неопходно е да стои личност која нема да ве опсипува само со комплименти, туку и со критики.

4. Облечете соодветна долна облека за на шопинг

Зошто? Затоа што долната облека е многу важна за начинот на којшто ќе ви стои облеката која ја пробувате. Ако тргнувате во потрага по свечен фустан, ставете си градник без прерамки. Ако одите на шопинг по фармерки или панталони за секој ден, ставете си таков тип на гаќички какви што носите секојдневно. На пример, може да се случи за шопингот да ставите танга и фармерките да ви стојат идеално, а потоа кога ќе облечете обични килоти да не ви се допадне изгледот.

Исто така, мислете и на практичноста за време на шопингот. Доколку барате фармерки, не носете хулахопки, затоа што ќе треба секојпат да се мачите да ги соблекувате, а пробувањето на фармерки над хулахопки и не е баш добра идеја, затоа што така значително се менува изгледот.

5. Ако ви се допаѓа нешто, но изработката не е квалитетна, купете го во црна боја

Не можете да му одолеете на убавата силуета на некое фустанче или пронајдовте панталони кои ви стојат идеално, но за жал нивната изработка е лоша и неквалитетна. Доколку цената ви одговара, купете го парчето облека, но во црна боја. Црната боја ги прикрива недостатоците во изработката, а освен тоа, лесно влегува во комбинации, па бидете сигурни дека фустанчето или панталоните нема да останат заборавени.

6. Чекајте ги попустите! Купувајте „вонсезонски“

Повеќето брендови редовно нудат попусти. Нема поента денес да ја купите јакната по цена од 3.500 денари, кога знаете дека со наредниот попуст за две недели може да биде 1.900 денари. Освен ако јакната не е меѓу последните во продавницата, не брзајте.

Кога ќе залади времето и ќе започне да мириса на снег, сите тргнуваат во потрага по нови чизми и со право тогаш цените на чизмите го достигнуваат својот врв. Ако сакате да заштедите, купувајте чизми во февруари, кога продавниците ќе сакаат да се ослободат од зимската роба.

Во текот на зимските денови ѕиркајте во оној дел од продавниците каде што се срамежливо поставени парчињата останати од претходната сезона, а во текот на летото во задниот дел на продавницата побарајте потопла облека. На таа облека попустите се најголеми и често можете да си купите нешто многу квалитетно за ниска цена.

7. Не купувајте нешто само затоа што е на распродажба

Намалувањата и распродажбите имаат токму таква цел – да ве натераат да купите што повеќе, без разлика дали ви е потребно или не, а сепак да останете со впечаток дека сте направиле добра зделка. Сигурно ќе се сетите на барем две-три нешта кои сте ги купиле само затоа што биле намалени со 70%, а не затоа што сте сакале да ги имате, па сега не ни знаете каде сте ги зафрлиле.

Следниот пат не ја правете истата грешка. Одолејте им на попустите кога пред вашите очи нема ништо привлечно.

8. Одговорете си на прашањето „Дали вреди да дадам толку пари?“ со правилна математика

Некои парчиња облека вредат да си го испразните паричникот малку повеќе. Но, за да знаете кои се тие, потребно е да направите правилна пресметка.

Да речеме дека сакате да процените дали се исплаќа да дадете 3.600 денари за убави фармерки по ваша мерка. Поставете си го прашањето „Колку често ќе ги носам?“. Фармерките се едно од најпрактичните парчиња облека, па да речеме дека вашиот одговор ќе биде „10 пати месечно“. Тоа значи 120 пати во текот на целата година. Кога цената на фармерките ќе ја поделите со бројот на носења, ќе добиете дека едно носење на фармерките ве чини 30 денари.

Од друга страна, ако купите сукња од 2.000 денари и ја облечете само 4 пати во текот на годината, цената на едно носење изнесува 500 денари.

Со ваквата математика фармерките и не изгледаат толку скапо, нели?

9. Пред да платите, проверете го купеното парче облека за дефекти и недостатоци

Дури и во скапите бутици се случува некое парче облека да има паднато копче или распаран шев. Таквите дефекти понекогаш настануваат и од невнимателните купувачи. Многу бутици намерно ги оставаат изложени дефектните парчиња облека со надеж дека некој нема да ги забележи недостатоците.

Доколку облеката има патент, неколку пати проверете дали непречено се движи нагоре-надолу. Погледнете дали сите копчиња се на место, дали материјалот е оштетен и сл.

10. Побарајте фискална сметка и зачувајте ја

Неретко се случува на облеката да има дефект кој ќе го забележите дури откако ќе се вратите дома и намира ќе ги разгледате купените алишта. Во таков случај фискалната сметка е ваш спасител. Уредно спакувајте ја купената облека, земете ја фискалната и вратете се во продавницата за да направите замена.

11. Ако сте слаби со пари, купувајте еднобојна облека, без декорации

Еднобојната облека многу полесно можете да ја комбинирате со што повеќе парчиња кои веќе ги поседувате. Едноставната облека без декорации може да биде како камелеон и да се преобразува. Да речеме дека станува збор за обична памучна црна блуза со долги ракави. Можете да го менувате нејзиниот изглед со помош на брош или марама, да ја носите под сако или џемперче, или пак, да ја носите над кошула од која се ѕирка само јаката.

Секогаш кога сте ограничени со парични средства, купувајте мултифункционална безвременска облека, а правете го нејзиниот изглед помодерен со помош модни додатоци.

12. Купувајте парчиња облека кои можете да ги комбинирате со барем три нешта кои ги поседувате

Никогаш не си велете: „Ќе најдам/купам нешто со кое ќе го комбинирам ова“. Шопинг експертите препорачуваат да се следи правилото да купувате облека која можете да ја комбинирате со нешта што веќе ги поседувате и така да создадете три убави комбинации.

Ако пазарувате со надеж дека дома ќе „најдете“ нешто за комбинирање, голем е ризикот никогаш да не го облечете купеното парче облека.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 10%
  • 26%
  • 64%
Се испраќа...

(Вкупно: 9503 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.