Почетна » Убавина и мода » Лице » Овошје кое заслужува Оскар за разубавување

Овошје кое заслужува Оскар за разубавување

Овошните плодови неспорно се моќно оружје за одржување на здравјето, но поради богатството од полезни материи кои ги содржат, тие се и лојални сојузници во борбата против годините и несовршеностите по кожата.

Овошје за разубавување

Копнеете по беспрекорен изглед и кадифено мека кожа? Негувајте се на природен начин со овошни плодови и ќе се гордеете со здрава и блескава кожа со младешки сјај. Еве кои овошја заслужуваат Оскар во категоријата „Разубавување“:

Грозје

Грозјето изобилува со витамини, минерали и полифеноли, кои го неутрализираат негативното дејство на слободните радикали. Полифенолите од грозјето ги чуваат структурите на колагенот, неопходни за младолик изглед на кожата. Исто така, зрната грозје содржат и винска киселина, една од најдобрите a-хидроксилни киселини позната и како овошна киселина, која го стимулира самостојното обновување на епидермот и ги отстранува мртвите клетки. Во тој контекст, винската киселина од грозјето ја омекнува и измазнува кожата со што таа го добива потребниот привлечен и здрав блесок. Грозјето се користи за измивање на кожата и освежување на тенот.

Миење на кожата: Со виљушка згмечете неколку зрна грозје. Во добиениот сок натопете памук и со него навлажнете ги нежно лицето и вратот. Повторете го тоа уште еднаш за да сте сигурни дека сте ја отстраниле целата нечистотија од лицето. Потоа, измијте се со млака вода.

Освежување на тенот на кожата: Измиксирајте неколку зрна грозје за да добиете густа каша. Во кашата ставете газа и добро натопете ја. Ставете ја газата на суво и чисто лице и оставете ја 10-15 минути. Измијте го лицето со млака вода.

Јагода

Сокот од јагода содржи танин, но и супстанца која влијае на цврстината на капиларите. Вкусниот сок од јагода го тонифицира епидермот, па кожата станува мека, мазна и витална.

Маска за иритирана кожа: Измешајте еден филџан пасирани јагоди, еден филџан млеко и две лажици преварен ориз. Нанесете ја маската на оштетеното лице и оставете ја десетина минути. Исплакнете го лицето со млака вода.

Маска за дехидрирана кожа: Изгмечете десетина јаготки и додајте во нив една лажица слатка павлака и една жолчка. Нанесете ја маската на чиста кожа и оставете ја да делува 20 минути. Отстранете ја маската со сунѓерче и млака вода.

Јаболко

Јаболкото ја омекнува кожата, ги извлекува токсините од неа, а има и тонизирачко дејство. Богато е со олигоелементи, протеини, витамин Ц и витамини од групата Б.

Рендано јаболко се користи за освежување и хидратизирање на кожата, додека тенки тркалца од јаболко може да се стават на подочниците за нивно повлекување.

Пилинг за нежна ексфолијација: Изрендајте половина јаболко, нанесете на лицето и со кружни движења нежно истријте ја кожата. Така ќе си овозможите длабоко чистење на порите и ќе се ослободите од мртвите клетки.

Маска за зацврстување на кожата на вратот: Во блендер измешајте едно јаболко со 2 мали лажички мед. Мешајте додека смесата не добие изглед на пире. Потоа, ставете ја смесата во фрижидер за да се олади. Нанесете ја на вратот и почекајте 15 минути пред да ја измиете со млака вода.

Круша

Крушата е пребогата со танин, материја која ја тонира и затегнува кожата. Исто така, спречува насобирање на себум, а се препорачува против опуштена, уморна и/или мрсна кожа.

Маска за затегнување на кожата: Испасирајте една зрела круша. Додајте десет капки лимонов сок и измешајте за да добиете густа каша. Нанесете ја маската на суво и чисто лице и оставете да делува десетина минути. Отстранете ја со млака вода.

Тоник од круша за затворање на порите: Две големи излупени круши сварете ги во половина литар вода за да добиете компот. Оставете го компотот да се излади, па течноста претурете ја во шише кое може добро да се затвори. Тоникот се користи за освежување на лицето и за затворање на порите после темелно чистење на лицето.

Лимон

Лимоните содржат витамини, флавоноиди, цитрусна киселина и ензими. Лимоновиот сок има моќ за затегнување и избелување, длабоко чистење и енергизирање на кожата. Етеричните масла добиени од лимон се многу стимулирачки.

Парење со лимон за длабинско чистење на кожата: Наполнете длабок сад со врела вода и во него исцедете сок од три лимони. Наведнете се над садот и покријте ја главата со крпа, но не се приближувајте премногу до водата затоа што пареата е жешка. Парете го лицето десетина минути за да се отворат порите. Со оваа постапка ќе се спречи насобирање на себум и ќе се припреми мрсната кожа за чистење или за хранење со соодветна маска.

Пилинг со лимон: Измешајте сок од два лимони со неколку лажички шеќер за да добиете густа смеса. Со направениот пилинг нежно масирајте ја кожата на телото и лицето.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 25%
  • 62%
Се испраќа...

(Вкупно: 11175 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.