Почетна » Семејство » Дете » Сколиоза

Сколиоза

Што претставува сколиозата?

Сколиозата претставува странично искривување на 'рбетот. Кај лице кое има сколиоза, кога се гледа од назад, 'рбетот е во формата на буквата „S“ или „С“.

Од сколиоза страдаат 2% од женското и 0.5% од машкото население во светот. За среќа, повеќето случаи на сколиоза не се сериозна закана за здравјето и потребни се само редовни прегледи.

Симптоми на сколиозата

Сколиоза
Сколиозата е странично искривување на 'рбетот, чие рано откривање е многу значајно.

Развивањето на сколиозата најчесто е постепено и скоро секогаш безболно. Искривувањето може да се појави без родителот или детето да забележат. Раното откривање е многу значајно, затоа што веднаш може да се започне со третман за да се спречи влошувањето на состојбата.

За жал, сколиозата обично станува видлива кога детето започнува да станува посвесно за своето тело (од 10 до 15 годишна возраст), па затоа родителите тешко можат да ја забележат ова појава.

Ако забележите дека вашето дете покажува знаци на сколиоза, однесете го на доктор, особено ако во вашето семејство има членови кои страдаат од сколиоза. За да можете рано да ја откриете сколиозата, потребно е да знаете кои симптоми да ги барате.

Некои од симптомите на сколиозата се:

  • Едното рамо е повисоко од другото;
  • Нееднаков струк;
  • Едниот колк е повисок од другиот;
  • Испакнатост на ребрата на едната страна на градниот кош;
  • При наведнување едната страна на грбот е повисока од другата;
  • Наведнатост на едната страна.

Кај посериозните случаи на сколиоза, може да се појави болка во грбот и потешкотии со дишењето.

Причини за појавата на сколиоза

Во 80% од случаите на сколиоза, не е позната причината која го предизвикува искривувањето на 'рбетот. Кога не може да се идентификува причината, сколиозата се нарекува идиопатска.

Понекогаш сколиозата може да биде предизвикана од болести на невромускулниот систем (невромускулна сколиоза), различна должина на нозете или вродени дефекти. Сколиозата може да се појави уште во периодот на развивањето на фетусот (конгенитална сколиоза). Конгениталната сколиоза е тип на вроден дефект, кој што влијае врз развивањето на 'рбетот и може да предизвика и други проблеми како аномалии на срцето и бубрезите.

Сколиозата во некои случаи е присутна меѓу членовите на едно семејство, но сè уште не се знае како таа станува наследна.

Ризични фактори

Најчесто сколиозата за прв пат се забележува кај децата во ран пубертет. Забрзаното развивање на телото во тој период ја влошува состојбата, ако веќе има искривување на 'рбетот. Освен забрзаниот раст, постојат и други фактори кои влијаат врз влошувањето на сколиозата. Тие се:

Полот. Кај женските е поголема веројатноста дека ќе се влоши состојбата и дека ќе е потребен третман.

Возраста. Колку што е помало детето кога ќе се појави сколиозата, толку е поголема веројатноста искривувањето да се зголеми.

Степенот на искривување. Колку што е поголемо искривувањето, толку е поверојатно тоа да се влоши со текот на времето.

Проблеми со 'рбетот од раѓање. Децата кои се родени со сколиоза (конгенитална сколиоза) се изложени на поголем ризик нивната состојба да се влоши.

Локацијата на искривувањето. Искривувањата во средината и во долниот дел на 'рбетот не се толку склони кон прогрес, како тие во горниот дел.

Лекување

Повеќето деца имаат благо искривување, помало од 20 степени и не им е потребен третман со корсет или хируршка интервенција. Потребно е често да се оди на контрола и да се прават рентгенски снимки, за да се следи степенот на искривување. Децата кои што сè уште растат, треба да одат на контрола на секои 4-6 месеци, за да се види дали има промени.

Одлуката за тоа какво да биде лекувањето зависи од многу фактори како: возраста, зрелоста на детето, полот, присуството на сколиоза во семејството и степенот на искривеност.

Корсети
Ако искривеноста на 'рбетот на вашето дете е од 25 до 40 степени и продолжува да се зголемува, вашиот доктор може да ви препорача третман со корсет. Носењето на корсет нема да ја излечи сколиозата или да ја намали искривеноста, но ќе го спречи понатамошното искривување.
Повеќето корсети треба да се носат постојано и дење и ноќе. Тие можат да ја спречат прогресијата на сколиозата и во 90% од случаите нема потреба од хируршка интервенција.
Корсетите треба да се носат според инструкциите на вашиот доктор и да не се занемаруваат. И детето и родителите треба да сфатат колку е важно носењето на корсетот. Кога скелетот веќе е зрел (15-16 години кај женските и 17-18 години кај машките) или искривеноста е многу голема (40-45 степени), третманот со корсет нема да помогне.

Операција
Ако искривеноста на 'рбетот кај вашето дете е поголема од 40-50 степени, вашиот доктор најверојатно ќе ви предложи хируршка интервенција. Најчесто операцијата се прави со рез во средината на грбот.
Операцијата на 'рбетот е сложена процедура, која што трае неколку часа. Опоравувањето во болница може да биде од 5-7 дена, а неколку месеци потоа ќе треба да се внимава со физичките активности. Резултатите од операцијата се веднаш видливи и има големо подобрување на 'рбетот.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 11%
  • 25%
  • 63%
Се испраќа...

(Вкупно: 10614 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.