Почетна » Семејство » Дете » Развивањето на говорот кај вашето дете

Развивањето на говорот кај вашето дете

Кога детето го слуша нашето зборување, тоа учи како звучат зборовите и како да ги стави во реченица. Уште додека е бебе, тоа открива како може да создаде звуци, а потоа како што расте дознава како тие звуци да ги претвори во вистински зборови.

Мајка и ќерка - говор
Од 18-от до 20-от месец вашето малечко ќе учи по околу 10 зборови на ден.

Кога и како се развива говорот?

12 до 18 месеци

На својот прв роденден, вашето дете ќе може да употреби 1-5 смислени зборови. До 14-от месец тој речник ќе се прошири до 7 реални зборови, иако вашето дете ќе изговара околу 20 „зборови“.

На оваа возраст детето сфаќа колку е важен говорот за да може да ги искаже своите потреби. Додека да научи да зборува, тоа ќе го комбинира говорот со гестови за да може да се искаже. Вашето дете може да си го покрие лицето, ако сака да покаже дека му е срам или да удри силно по масата ако е луто.

Не се загрижувајте ако тоа се мачи за да каже нешто смислено. Тоа е знак дека се обидува да комуницира и дека не му е сеедно дали го разбирате или не.

19 до 24 месеци

Вашето дете на оваа возраст разбира околу 200 зборови, но најчесто ќе употребува 50-75% од нив. Многу од овие зборови се именки кои означуваат предмети од неговото секојдневие.

Од 18-от до 20-от месец тоа ќе започне да учи по околу 10 зборови на ден. Ако силно се обидува да научи да зборува, може да учи нов збор на секои 90 минути, па затоа пазете што зборувате пред него.

Во овој период тоа ќе започне да спојува по два зборови, за да каже едноставни реченици. Неговите граматички способности не се развиени, па често можете да слушнете неправилни реченици како „јас игра“.

Околу неговиот втор роденден, детето започнува да користи реченици од 3 зборови и може да пее едноставни мелодии.

25 до 30 месеци

Во периодот од 2 до 3 години, речникот на вашето дете ќе се зголеми до 300 зборови, а тоа ќе може да разбира до 900 зборови.

На оваа возраст тоа ќе оговара на едноставни прашања како „дали си гладно?“. Ако постојано ги повторува вашите прашања, без да се обидува да ви одговори, споменете му го тоа на вашиот педијатар. Тоа однесување е еден од раните знаци за проблем во развојот како аутизмот.

31 до 36 месеци

Додека да наполни три години, вашето дете ќе може да води смислен разговор и ќе ги прилагодува тонот на зборување и речникот, во зависност од тоа со кој разговара и од конкретната ситуација.

Сега веќе сите можат да разберат што сака да каже, а не само вие како родители.

Како можете вие да му помогнете?

Најважните нешта кои вие можете да ги правите, за да му помогнете на вашето дете се:

Мајка со дете
Читајте му, слушајте го и зборувајте му на вашето дете, за да му помогнете во развивањето на говорот.
  1. Зборувајте му. Истражувањата покажуваат дека децата, на кои што родителите им зборувале редовно кога биле бебиња, имаат значително повисок коефициент на интелигенција и побогат речник од другите деца.
    Не е потребно постојано да му зборувате, но зборувајте му кога сте заедно. Опишувајте му што правите, поставувајте му прашања и внимавајте да се изразувате правилно, а не да зборувате на „бебешки“ јазик.
  2. Читајте му. Преку читањето вие го запознавате вашето дете со нови зборови, му покажувате како треба да изгледаат речениците и како треба да течат настаните кога раскажува нешто. Но, не бидете пасивни кога читате.
    Додека ја читате сликовницата, прашувајте го како според него би продолжила приказната или само покажувајте му ги и опишувајте ги заедно цртежите.
  3. Слушајте го. Кога ви зборува, треба внимателно да го слушате вашето дете и да го гледате во очите. Така тоа повеќе ќе се мотивира да продолжи да зборува, затоа што ќе знае дека вие се интересирате од тоа што тоа го кажува.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 10%
  • 26%
  • 64%
Се испраќа...

(Вкупно: 9512 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.