Сара Џесика Паркер беше освоена од прекрасната приказна за Атиџе во „Медена земја“.
54-годишната холивудска актерка на социјалните мрежи објави порака со пофални зборови за документарниот филм, кој е македонскиот кандидат за Оскар, како и за целата екипа која стои зад филмскиот проект.
Ѕвездата од „Сексот и градот“ напиша:
„Медена земја“ е зачудувачка, визуелно импресивна, интимна, а сепак епска приказна за пчеларката Атиџе Муратова. Жена која нема никогаш да ја заборавам!“
Има причина зошто овој филм ги собира сите награди за документарни филмови.
Честитки за Љубомир Стефанов и Тамара Котевска и ви благодарам што ни дозволивте да патуваме со вас во малото селце во Република Македонија. Ќе ве следам вас двајца секаде.
Сигурна сум дека ќе биде помеѓу одличните филмови номинирани за Оскар.
Набрзо по објавата, Паркер доби критики дека изоставила да напише „Северна“ пред Македонија. За да ги запре политичките дискусии, таа ги забрани коментарите и ја отстрани нашата држава од постот.
„Медена земја“ раскажува приказна за Атиџе, последната жена-одгледувач на диви пчели во Европа, која живее сама со својата мајка во Централна Македонија. Главна идеја на филмот е да се прикаже припадноста на човекот кон природата и нарушувањето на природната рамнотежа преку судир на два различни начина на искористување на земјините ресурси.
Филмот е во режија на Љубо Стефанов и Тамара Котевска, а продуцент е Атанас Георгиев.