Денес се одбележува Светскиот ден на дијабетесот, кој има за цел да ја разбуди свеста кај луѓето за оваа болест од која страдаат 463 милиони лица низ светот.
По тој повод, голем број личности кои се засегнати од шеќерната болест го креваат својот глас за да ја подигнат свеста за знаците кои многумина можеби ги игнорираат. Пејачот Ник Џонас сподели видео во кое ги споделува четирите симптоми кои ги покажувал пред да ја добие дијагнозата во тинејџерските години.
„Имав 4 знаци дека живеев со дијабетес тип 1: прекумерно чувство на жед, губење на тежина, често уринирање и иритабилност. Тие се чести знаци на дијабетес тип 1. Ги споделувам моите знаци за другите да можат да ги видат“ – напиша во описот
Во интервјуто за „Beyond Type 1“ направено по повод Светскиот ден на дијабетесот Ник раскажа за моментот кога забележа дека нешто не е во ред со него и за добивањето на дијагнозата.
„Започнав значително да губам тежина во краток временски период, речиси 11 килограми за две недели. Постојано бев жеден и често го користев тоалетот. Моето однесување и сè беше надвор од контрола. Бев многу нервозен што исто така беше знак. Често имав и грчеви. Знаев дека нешто не е во ред и дека ќе бидам во вистинска неволја ако не се погрижам за тоа наскоро.“
„Имав само 13 години... Педијатарот ме информираше дека имам дијабетес тип 1. Нормално, на почетокот бев избезумен. Но, немав време за паника зашто морав веднаш да одам во болница. Тоа беше почеток на едно ново лудо патување“ – рекол Ник.
Светскиот ден на дијабетесот за првпат бил одбележан на 14 ноември 1991 година во чест на Фредерик Бентинг, кој бил првата личност што го користела инсулинот како третман за дијабетес. Тој е најмладиот добитник на Нобелова награда за Медицина и Физиологија.
Според Институтот за јавно здравје, дијабетесот е една од водечките причини за смрт меѓу луѓето. Експанзивното зголемување на епидемијата на дијабетес оди рака под рака со порастот на нејзините фактори на ризик. Зголемувањето на факторите на ризик за дијабетес е алармантно кај децата и адолесцентите. 42 од 100 адолесценти и 36 од 100 деца се со прекумерна тежина, додека 81 од 100 адолесценти се недоволно физички активни.
Во Република Северна Македонија, според регистарот за шеќерна болест за 2021 година бројот на ново регистрирани новодијагностицирани со дијабет изнесува 7.460 случаи.
Повеќе за оваа болест, прочитајте тука.