Почетна » Здравје » Заболувања » Дијабетес – типови, симптоми, ризик фактори

Дијабетес – типови, симптоми, ризик фактори

Дијабетесот е една од најчестите болести на современото општество. Во светски рамки се смета дека има над 200 милиони луѓе со дијабетес, а според Меѓународната дијабетолошка федерација, овој број ќе достигне 350 милиони до 2025 година. И во Република Македонија дијабетесот е многу често заболување од кое страдаат околу 120.000 лица.

Тест за дијабетес

Што е дијабетес и зошто се појавува?

Дијабетесот е хронично заболување кое се карактеризира со зголемени вредности на шеќер (гликоза) во крвта. Нивото на гликоза во крвта е контролирано од инсулинот, хормон кој се создава во панкреасот. Задача на инсулинот е да помага во придвижувањето на гликозата од крвта во клетките, каде се разложува и се добива енергија.

Луѓето кои страдаат од дијабетес, независно од кој тип, имаат покачени вредности на гликоза затоа што нивниот организам не може да ја пренесе гликозата во клетките. Причини за тоа може да бидат:

  • Недоволна продукција на инсулин од страна на панкреасот;
  • Нарушена реакција на клетките кон инсулин;
  • И двете причини истовремено.

Типови на дијабетес

Постојат три главни типа на дијабетес:

  • Дијабетес тип 1 (инсулинозависен дијабетес). Станува збор за автоимуно заболување со можна генетска предиспозиција. Се јавува во која било возраст, но најчесто кај деца, тинејџери или млади луѓе. Кај овој тип дијабетес панкреасот создава многу малку или воопшто не создава инсулин.
  • Дијабетес тип 2 (инсулинонезависен дијабетес). Оваа е најчеста форма на дијабетес. Претежно ги афектира возрасните, но во последните години се јавува и кај тинејџерите и младите лица поради прекумерно зголемување на телесната тежина. Кај овој тип на дијабетес, панкреасот најчесто создава инсулин, но или таа количина не е доволна за потребите на организмот или клетките се резистентни на инсулинот.
  • Гестациски дијабетес. Гестацискиот дијабетес се карактеризира со високо ниво на гликоза во крвта и се јавува во кој било период од бременоста кај жени кои дотогаш не страдале од дијабетес. Оваа состојба мора да се контролира бидејќи може да влијае врз нормалниот раст и развој на бебето. Околу 2-4% од трудниците се засегнати од гестациски дијабетес.

Симптоми и знаци

Симптомите и знаците се во зависност од нивото на шеќер во крвта, но луѓето со дијабетес тип 2 и покрај покачената гликоза во крвта, на почетокот може да немаат никакви симптоми. Кај пациентите со дијабетес тип 1, симптомите најчесто се манифестираат побрзо и во потешка форма.

Дел од знаците и симптомите се:

  • Зголемено чувство на жед;
  • Често мокрење;
  • Зголемен апетит;
  • Необјаснето губење на телесна тежина;
  • Замор;
  • Заматување на видот;
  • Бавно зараснување на рани;
  • Благо покачен крвен притисок;
  • Чести инфекции (инфекции на непцето, кожата, вагината, мочниот меур);
  • Присуство на кетони во урина (кетоните се попратни продукти како резултат на разложувањето на мускулите и масното ткиво поради недостаток на инсулин).

Ризик фактори

Ризик факторите за дијабетес зависат од типот на болеста.

Ризик фактори за дијабетес тип 1:

  • Присуство на антитела;
  • Изложување на одредени вирусни заболувања;
  • Намалено внесување на витамин Д;
  • Давање на кравјо млеко во рана возраст.

Ризик фактори за дијабетес тип 2:

  • Прекумерна телесна тежина;
  • Намалена физичка активност;
  • Дијагностициран дијабетес тип 2 кај член од семејството – родител, брат или сестра;
  • Гестациски дијабетес во претходна бременост;
  • Синдром на полицистични јајници;
  • Висок крвен притисок;
  • Високо ниво на холестерол;
  • Високо ниво на триглицериди.

Ризик фактори за гестациски дијабетес:

  • Жени постари од 25 години;
  • Дијагностициран дијабетес тип 2 кај член од семејството – родител, брат или сестра;
  • Гестациски дијабетес при претходна бременост;
  • Раѓање на бебе со голема телесна тежина (повеќе од 4kg);
  • Мртвородено од непознати причини;
  • Прекумерна телесна тежина;
  • Големо зголемување на тежината во текот на бременоста.

Компликации

Компликации од дијабетесот се развиваат постепено. Колку подолго имате дијабетес и колку помалку го контролирате шеќерот во крвта, толку е поголем ризикот од појава на компликации. Со тек на време, компликациите од дијабетесот може да доведат до губење на одредена способност или да бидат фатални. Можни компликации се:

  • Оштетување на видот;
  • Чести инфекции на кожата;
  • Срцев удар, мозочен удар, нарушено движење на крвта во нозете;
  • Оштетување на нервите поради што се јавува трнење, губење на чувството за осет, болка;
  • Оштетување на бубрезите;
  • Зголемен ризик за појава на одредени типови на рак.

За среќа, дијабетесот лесно се дијагностицира, а со правилна едукација може да се превенира и контролира.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 10%
  • 26%
  • 64%
Се испраќа...

(Вкупно: 9504 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.