Почетна » Здравје » Совети за здравјето » 7 најчести причини за појава на замор

7 најчести причини за појава на замор

Дали ви е тешко да станете од кревет наутро? Се чувствувате истоштени уште пред пладне и едвај чекате да заврши денот за да можете да се вратите в кревет? Постојано сте исцрпени и немате желба да практикувате активности чисто поради задоволство? Го правите само она што сте принудени да го направите, затоа што немате енергија за повеќе? Ако сето ова ве опишува вас и вашето секојдневие, значи страдате од замор.

Уморна женаЗаморот се манифестира преку истоштеност и недостаток на енергија.

Заморот е честа појава. Сите сме го доживеале во некој момент од животот. Некои успешно успеале да го победат, но некои секојдневно се соочуваат со него. За да се справите со заморот, потребно е да знаете зошто се појавува и да ги елиминирате или ублажите причинителите.

  • Проблеми со спиењето

    Сигурно првата причина којашто ви паѓа на памет кога ќе помислите на замор е недостатокот на квалитетен сон. И со право. Недостатокот на добар сон се одразува негативно на концентрацијата и здравјето.

    Освен недостатокот на сон, нарушувањата како апнеа при спиење можат да бидат причина за појавата на замор. Апнеа при спиење е нарушување коешто предизвикува моментално прекинување на дишењето повеќе пати во текот на ноќта. Ако страдате од апнеа при спиење, секогаш кога ќе прекинете да дишете се разбудувате доволно долго за да си го прекинете сонот и тоа често се случува без да знаете. Па, без разлика колку долго спиете, вие се чувствувате уморни. Најчесто оваа состојба се појавува кај жени со прекумерна тежина.

    Како да се справите?
    Постојат многу начини да ги обезбедите добар сон. Возрасните луѓе треба да спијат 7-8 часа секој ден. Ако страдате од апнеа, побарајте совет од доктор. Тој ќе ви препорача промени во начинот на живот, како слабеење или откажување од цигарите.

  • Анемија

    Лицата што страдаат од анемија имаат недостаток на хемоглобин, кој го носи кислородот од белите дробови до другите делови на телото. А кога ткивата и органите не добиваат доволно кислород, настапува замор.

    Анемијата може да настапи поради голема загуба на крв (обилна менструација, породување, внатрешно крварење) или поради недостаток на железо, фолна киселина или витамин B12. Вртоглавицата и раздразливоста се очевидни симптоми на анемијата. Оваа состојба може да се открие преку проверка на крвта.

    Како да се справите?
    Доколку вашиот доктор потврди дека страдате од анемија и ако причината е недостаток на железо, тогаш најверојатно ќе ви препорача да примате железо преку таблети и да консумирате повеќе храна богата со железо, како спанаќ, брокули, црвено месо и џигер.

  • Хипотироидизам (недоволно активна тироидна жлезда)

    Тироидната жлезда е мала жлезда во форма на пеперутка што се наоѓа во основата на вратот и го контролира метаболизмот. Кога таа жлезда е недоволно активна, се чувствувате истоштено, а понекогаш и депресивно. Болестите на тироидната жлезда се голем проблем кај жените и често остануваат недијагностицирани.

    Како да се справите?
    Ако тироидната жлезда е виновник за вашиот замор, тогаш соодветна терапија препишана од доктор ќе ви помогне да го ублажите.

  • Инфекција на мочните патишта

    Многу често жените сметаат дека единствените знаци за присуство на инфекција на мочните патишта се честа потреба за мокрење и чувство на печење за време на уринирање. Но, кај некои жени не се појавуваат очигледните симптоми и инфекцијата останува незабележана. Заморот е еден од симптомите за присуство на инфекција на мочните патишта.

    Како да се справите?
    Ако се сомневате дека е можно да страдате од ваков тип на инфекција, анализа на урината ќе ви го даде бараниот одговор. Овие инфекции лесно се лечат, најчесто со помош на антибиотици.

  • Премногу кофеин

    Нормална реакција е наутро да се насочите кон кафето со цел да си ја повратите енергијата и да се расоните. Кофеинот во умерена доза може да ја подобри концентрацијата и будноста, но ако се консумира во поголеми количини, тогаш може да доведе до зголемен крвен притисок, забрзан ритам на срцето и замор.

    Како да се справите?
    Започнете постепено да го намалувате консумирањето на кофеин. Не прекинувајте наеднаш да внесувате кофеин, затоа што тоа ќе му создаде стрес на организмот и може да се појави поголем замор. Но, не заборавајте дека освен кафето и чоколадото, исто така и чајот и газираните пијалоци содржат кофеин.

  • Недоволна и/или неправилна исхрана

    Жените многу често држат строги диети со цел да го подобрат својот изглед. Јадењето на малку храна прави телото да има недостаток на енергија и нормално е да се појави замор. Нередовната исхрана исто така е голем проблем кој може да доведе до истоштеност.

    Но, понекогаш токму храната од која очекувате да добиете енергија, може да ви го донесе токму спротивното. Одредена храна кај некои луѓе може да придонесе за појавата на замор. Ако се сомневате дека некоја храна ви ја „цица“ енергијата, обидете се да ја елиминирате од вашата исхрана.

    Како да се справите?
    Не држете строги диети и хранете се балансирано повеќе пати во денот. Ужината може да ви помогне да си ја вратите изгубената енергија.

  • Дехидратација

    На телото му се потребни течности. Без разлика дали спортувате често или пак постојано сте во седечка положба, на вашето тело му е потребна вода. Кога ќе почувствувате жед, вие веќе го имате доведено телото до степен на дехидратација, а заморот е еден од знаците за дехидратација.

    Како да се справите?
    Пијте вода во текот на целиот ден, а не наеднаш. Урината треба да има светла боја. Ако вежбате, пијте повеќе течности од вообичаено. Истото важи и за топлите летни денови.

Промените во начинот на живот можат да ви помогнат да си ја вратите енергијата и еднаш засекогаш да го победите заморот.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 10%
  • 26%
  • 64%
Се испраќа...

(Вкупно: 9507 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.