Почетна » Здравје » Интимно » Синдром на полицистични јајници

Синдром на полицистични јајници

Што претставува?

Синдромот на полицистични јајници е многу честа појава кај жените во репродуктивна возраст и се карактеризира со нерегуларен менструален циклус, зголемена влакнетост и прекумерна телесна тежина, но може да се појават и други симптоми.

Полицистични јајнициСиндромот на полицистични јајници е честа појава од која страдаат 5% од жените во светот.

Името полицистични јајници доаѓа од изгледот на јајниците кај некои жени кои го имаат овој синдром – големи или нормални јајници со многу мали цисти. Точната причина за појавата на полицистичните јајници не е позната, но се знае дека овој синдром е една од најчестите причини за неплодност кај жените.

Околу 5% од жените во светот го имаат синдромот на полицистични јајници. Раното откривање и лекувањето на симптомите, може да го намалат ризикот од појава на други компликации како дијабетес и заболувања на срцето.

Симптоми

Кај жените кои го имаат овој синдром најчесто се појавуваат неколку од многуте симптоми и знаци.

  1. Нередовна менструација. Тоа е најчестата карактеристика. Нередовна менструација значи менструален циклус кој се појавува на интервали подолги од 35 дена или се појавува само неколку пати во годината. Овој симптом може да се појави уште во пубертетот, но и подоцна по нагло зголемување на телесната тежина.
  2. Последици од зголемено присуство на андрогени. Зголеменото ниво на машки хормони, резултира со физички видливи знаци како:
    • зголемена влакнетост на лицето, градите, стомакот, грбот, горниот дел на рацете и нозете;
    • акни;
    • проретчување на косата.
  3. Дебелина. Проценето е дека околу половината од жените кои го имаат синдромот на полицистични јајници, имаат и прекумерна телесна тежина.
  4. Неплодност. Синдромот на полицистични јајници е една од најчестите, ако не и најчестата причина за неплодноста кај жените.
  5. Кожни израстоци. Жените кои го имаат овој синдром, многу често имаат мали кожни израстоци (со иста боја како кожата) на вратот или под мишките.
  6. Други последици кои можат да се појават кај жените со синдром на полицистични јајници се:
    • висок крвен притисок;
    • високо ниво на холестерол;
    • кардиоваскуларни проблеми;
    • депресија.

Причини за појавата

Јајниците ги лачат женските хормони естроген и прогестерон и некои андрогени т.е. машки хормони. Кога во телото е присутен синдромот на полицистични јајници, нивото на андрогени се зголемува, овулацијата се случува поретко од нормалното или воопшто не се случува и менструалниот циклус станува нередовен.

Експертите сè уште не ја знаат точната причина која ги предизвикува овие проблеми, но истражувањата покажуваат дека високото ниво на инсулин, може да го забрза производството на андрогени од јајниците.

Истражувањата покажуваат уште и дека оваа појава кај жените може да биде наследна. Синдромот на полицистични јајници не е заразен.

Дијагноза

Раната дијагноза и лекување на синдромот на полицистични јајници може да ви помогне да го намалите ризикот од развивање на дополнителни компликации како дијабетес и срцеви болести.

Консултирајте се со вашиот доктор ако имате нередовна менструација, зголемена влакнетост на лицето, зголемена тежина и акни. Најверојатно ќе бидете упатени кон специјалист за хормонско нарушување – ендокринолог.

Не постои одреден тест кој можете да го направите и кој да ви даде позитивен или негативен одговор дали го имате овој синдром. Докторот специјалист ја прави дијагнозата откако ќе ги земе во предвид сите симптоми и резултатите од ултразвукот и тестовите на крвта. Со тестовите за крвта се измеруваат нивоата на хормоните, а со ултразвукот може да се видат јајниците и образуваните по нив цисти.

Лекување и совети

Лекувањето на синдромот на полицистични јајници главно треба да се фокусира кон елиминирање на оние симптоми, кои се најголем проблем за жената – неплодноста, влакнетоста, анките или дебелината.

Ако не се обидувате да останете бремена, вашиот доктор може да ви припише контрацептивни таблети кои се комбинација од синтетички естроген и прогестерон. Тие го намалуваат нивото на андрогени во телото. Исто така можно е вашиот доктор да ви препише Метформин, лек за дијабетес тип 2, кој го намалува нивото на инсулин во крвта.

Ако сакате да забременеете, вашето лекување треба да биде насочено кон предизвикување на овулација. Вашиот доктор може да ве насочи кон терапија со Кломифен или Метформин. Истражување публикувано во „New England Journal of Medicine“ покажува дека Кломифенот е поефективен и им помага повеќе на жените да забременат отколку Метформинот. Во рамките на ова истражување околу 80% од жените кои примале Кломифен успеале да забременат.

Многу важно е и да ја одржувате вашата телесна тежина. Дебелината влијае лошо на вашето здравје на многу начини, дури и на вашата способност да останете бремена.

Проблемот со зголемената влакнетост можете да го решите на различен начин – бричење; депилација со крем, восок или депилатор или отстранување на влакната со помош на ласер и сл.

Многу е важно да не започнувате лекување на своја рака. Ако забележите неколку од посочените симптоми, консултирајте се со доктор, кој ќе го избере најдобриот метод за лекување за вас.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 10%
  • 26%
  • 64%
Се испраќа...

(Вкупно: 9477 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.