Ед Ширан има прекрасна душа. Тој досега им ги има исполнето желбите на многу болни лица кои посакале да се запознаат со него.
26-годишниот пејач повторно направи хуман гест и ѝ исполни на своја обожавателка една од последните желби. Ширан се сретна со 15-годишната Софија Гал од Австралија, која пред еден месец дозна дека нејзиниот рак е неизлечив.
Тогаш, таа на социјалните мрежи посака да ѝ се исполнат три желби пред да го напушти овој свет: да патува низ светот, уште еднаш да се сретне со Ед Ширан и да се запознае со Елен Деџенерис.

Храбрата тинејџерка во изминатиот месец патуваше низ Европа, а пред неколку часа објави фотографија на која со широка насмевка позира до славниот музичар за да ги информира своите следбеници дека желбата ѝ се исполнила.
„Се случи. Повторно се сретнав во мојата омилена црвенокоса личност. Ед Ширан ти си навистина неверојатен. Пресреќна сум во моментов. Денот беше неверојатен и не сакав никогаш да заврши“ – напиша таа.
Софија и Ед се запознале во декември 2015 година, неколку месеци откако нејзе ѝ бил дијагностициран рак на коските. Оттогаш, Софија минала низ многу третмани, но за жал, ракот пред еден месец започнал да метастазира на нејзината нога, што значело дека не ѝ останале повеќе опции за лекување.
Во емотивен пост, таа раскажала за лошата вест и ги посакала своите три желби.
„Никогаш не знаеш што ќе се случи, затоа смејте се, бидете храбри, бидете позитивни, бидете силни и верувајте во себе“ – вели Софија.