Македонската филхармонија имаше беспрекорен музички настап во една од најпрестижните концертни сали во светот и ја крена Виена на нозе.
На 80-годишнината од формирањето, оркестарот одржа спектакуларен концерт во Златната сала на „Музикферајн“ во градот каде што се роди класичната музика. Звуците на „Тешкото“ одекнаа во салата, предизвикувајќи громогласен аплауз од публиката.
Видео од емотивниот момент сподели тенорот Ѓорѓи Цуцковски, кој напиша:
„Да се чуе ‘Тешкото’ во ‘Музикферајн’ во Виена. Браво!“.
Фотографии и детали од концертот споделија од Македонската филхармонија и од македонската Амбасада во Виена.
Од Амбасадата напишаа:
Спектакуларен, историски настап на Македонската филхармонија во престижната Златна сала на Музикферајн во Виена. Непосреден повод - 80-годишнината од основањето на оркестарот и 30 години од воспоставувањето дипломатски односи меѓу Австрија и Северна Македонија.
Честитки до маестро Јерухам Шаровски и до сензационалните оперски уметници Ана и Игор Дурловски.
Повеќеминутни стоечки овации. Бис настапот беше неизбежен.
Вистински амбасадори кои на единствен начин ја претставуваат и ја презентираат македонската култура и уметност во светските културни центри.
Капа долу.
Искрена благодарност за сите инволвирани во организацијата на вчерашниот настан.
Во објавата на Македонската филхармонија стои:
Преполна сала. Стоечки овации. Виена на нозе и со бескрајно долг аплауз ја поздрави беспрекорната музичка изведба на Македонската филхармонија.
Синоќа, на сцената на една од најпрестижните концертни сали во светот, во срцето на Виена, градот каде што се роди класичната музика — оркестарот на Македонската филхармонија приреди незаборавна вечер исполнета со страст, емоции и музичко совршенство.
Музичарите од нашиот оркестар, заедно со фантастичните Ана и Игор Дурловски го освоија срцето на виенската публика, која долго и со восхит аплаудираше посебно воодушевена од делата на Глигор Смокварски, Бете Илин и петте традиционални македонски песни во аранжман на композиторот Сони Петровски.
Синоќа во „Златната сала“ на „Музикферајн“ се слушна душата на една мала земја со големо срце.
Македонија блесна таму каде што музиката е религија, а уметноста начин на живот.
Со овој концерт уште еднаш потврдивме дека вистински амбасадори на нашата земја не се политичарите, туку уметниците, оние што преку музиката ја носат сончевата светлина на нашата земја во целиот свет.
