Винаријата „Монтеко“ го претстави своето ново премиум вино - „Волкано“ на настан кој се одржа вчеравечер во English Pub & Restaurant – The Corner, во Скопје.
Ова премиум вино е каберне совињон одгледувано на вулканска почва, на 600 метри надморска височина. Се работи за берба од 2023 година, а серијата е лимитирана на 5.997 шишиња. „Волкано“ е вино што ја отсликува суштината на тероарот од кој потекнува, додека во себе носи впечатлива енергија од земјата на која што се одгледува грозјето.
Бербата е рачна, изведена во ладните утра на средината на октомври, исклучиво од сопствените лозја. Ова каберне совињон се издвојува по аромата на свежо црвено овошје, испреплетена со зачини и црн бибер, како и со вкусот на темни бобинки обвиени во комплексни ноти од француски даб. Резултатот е елегантно и провокативно вино, со потенцијал за благороден развој во шишето.
Во винаријата „Монтеко“, секоја фаза од создавањето на виното е резултат на длабока посветеност, експертиза и страст. Од прецизната селекција на грозјето, до примената на највисоки технолошки стандарди, тимот на „Монтеко“ создава вина што креираат уникатно искуство и преку кои се остава автентичен печат на македонскиот тероар. Со „Волкано“, винаријата уште еднаш го потврдува својот фокус на квалитет, иновација и почит кон природата, создавајќи вино што ќе остане запаметено по својата моќ, елеганција и еруптивен карактер.
Повеќе информации за винаријата се достапни на интернет-страницата monteko.mk.
