Синоќа, Лос Анџелес беше домаќин на доделувањето на престижните Греми награди кое се одржа во Crypto.com арената.
На 65-тото издание од манифестацијата беа наградувани најуспешните личности од музичкиот свет за годината која измина.
Бијонсе го сруши рекордот за најмногу Греми победи во историјата, освојувајќи го првото место во четири од деветте категории во коишто беше номинирана. Во нејзини раце завршија стауетките за Најдобар денс/електронски албум за „Renaissance“, Најдобра R&B песна за „Cuff It“, Најдобар денс/електронски запис за „Break My Soul“ и Најдобра традиционална R&B изведба за „Plastic Off the Sofa“.

Хари Стајлс ја зазеде челната позиција во категоријата Албум на годината со „Harry’s House“. Истиот албум на Стајлс му ја донесе и наградата за Најдобар поп вокален албум.

Големо изненадување на вечерта беше 73-годишната Бони Рајт која ги победи Адел, Бијонсе и Тејлор Свифт за да го добие златниот грамофон за Песна на годината за „Just Like That“.


Во рацете на Адел заврши признанието за Најдобра соло поп изведба за „Easy on Me“, а наградата за Најдобра поп дуо/групна изведба заврши во рацете на Сем Смит и Ким Петрас за „Unholy“.


Тејлор Свифт победи во категоријата Најдобар музички спот со „All Too Well: The Short Film“.

Лизо победи во категоријата Запис на годината со „About Damn Time“.

За Најдобар нов артист беше прогласена Самара Џој.
Најдобра рап песна стана „The Heart Part 5“ на Кендрик Ламар, а за Најдобра рок песна беше избрана „Broken horses“ на Бренди Карлајл.

Целосната листа на номинирани и добитници на Греми можете да ја погледнете тука.