Во креативната оаза на Зухаир Мурад се роди уште една колекција која експресно ќе си го најде патот до срцата на префинетите дами. Фузирајќи елементи специфични за различни култури и народи, тој изненади со богатата колекција „Parfums d’Ailleurs“.
„Инспирирана од сензорно патување помеѓу Истокот и Западот, колекцијата ресорт 2026 е универзум каде цивилизации се среќаваат и мешаат во симфонија на текстури, бои и емоции“ – појаснуваат од тимот на Мурад.
Славниот дизајнер бил поттикнат од раскошот на индиските палати што како фатаморгана се појавуваат на хоризонтот на фантазијата обвиткани со мистика, а го оживеал и духот на махараџите кои живееле во изобилие. Од друга страна, ја вметнал и романтичната англиска естетика која со суптилноста ја балансира ориенталната екстраваганција.












































