Стојка Антова е една од мајките кои го доживеаја најголемиот животен удар. Имено, во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ на 16 март таа го изгуби единственото дете, 21-годишната Ивона.
Од тој ден, ужалената мајка ја споделува својата болка јавно, преку емотивни пораки на социјалните мрежи.
„Нема поголема болка од оваа, нема подлабока рана. Некој ја крие тагата, јас пишувам – затоа што ако молчам, ќе умрам однатре. Не пишувам за луѓето, ниту за лајкови, туку за мојата Ивонче – за да не се заборави нејзината младост, нејзината насмевка, нејзиниот живот“ – напиша таа во една од своите објави.
Изминаа шест месеци од незамисливата трагедија, а Стојка уште еднаш ја преточи тагата во зборови:

6 месеци без моето ангелче Ивона
Поминаа скоро 6 месеци, а за мене – времето застана на тој црн ден.
Ден кога срцето ми го искорнаа, ден кога ми го зедоа најсветлото нешто во животот.
Ивонче мое, душо мамина,
шест месеци те барам во сон,
шест месеци ти зборувам во тишината,
шест месеци солзите ми ја перат душата,
а сепак, болката не станува помала.
Секој ден одам кај тебе,
ја чистам земјата што те покрива,
и си мислам – зошто ти, зошто толку млада,
зошто не ти дозволија да живееш,
кога ти за сите имаше само добрина?
Ивона, ангелу мој,
ќе поминуваат денови, месеци, години…
ама за мама ти секогаш ќе бидеш тука,
во срцето, во мислите, во вечноста.
Никој и ништо не може да ја избрише нашата љубов.
Ќе дојде ден кога пак ќе се сретнеме,
и тогаш ќе престане оваа мака,
тогаш повторно ќе бидам цела –
со тебе во мојата прегратка.
До тогаш, Ивонче мое,
летaj со ангелите и чувај ме од таму.
Мама те сака без крај.
16.03.2025 НЕПРЕБОЛ



Денес на плоштадот „Македонија“ ќе се одржи собир со кој ќе се одбележат шест месеци од ужасниот пожар.