Грижлива мајка преку кратка порака им се обрати на сите останати мајки за да им каже дека дури и во моментите кога се чувствуваат осамено и непривлечно, за нивните деца тие се незаменливи, совршени и моќни.
Текстот на Бетани Џејкоб стана хит на социјалните мрежи, бидејќи им разбуди силни емоции на многу родители.

До мајката која се крие во бањата, бидејќи ѝ треба мир само една минута додека солзите се тркалаат по нејзиното лице...
До мајката која е толку уморна што чувствува дека не може да издржи повеќе и би направила сè за да си легне и да го добие одморот што ѝ е потребен...
До мајката која плаче на каучот откако им се развикала на своите деца за нешто незначајно и сега се чувствува виновно и безвредно...
До мајката која седи во автомобилот сама, полнејќи ја устата со храна, бидејќи не сака никој друг да види дека го јаде токму тоа...
До мајката која очајно се обидува да се собере во старите фармерки, бидејќи сè што навистина посакува е да се погледне во огледалото и да се почувствува убаво...
До мајката која не сака да излезе од дома, бидејќи во тој момент животот е претежок за се справи со него...
До мајката која нарачува пица, бидејќи вечерата не излегла онака како што таа посакувала...
До мајката која се чувствува осамено, независно дали се наоѓа сама во соба или е сред толпа луѓе...
Ти си доволна.
Ти си важна.
Ти вредиш.
Ова е само фаза од животот за нас. Ова е навистина, навистина тешка и луда фаза од животот и е полна со предизвици.
На крајот на краиштата, сè ќе вреди. Но, засега е тешко. И е тешко за многу од нас на многу различни начини. Не се осмелуваме секогаш да зборуваме за тоа, но ни е тешко и ти не си сама.
Ти си доволна.
Правиш сè што е во твоја моќ.
Тие мали очиња кои те гледаат – тие мислат дека си совршена. Тие мислат дека си повеќе од доволна.
Тие мали рачиња кои посегаат кон тебе и сакаат да те прегрнат – тие мислат дека си најсилна. Тие мислат дека можеш да го освоиш светот.
Тие мали усти кои ја џвакаат храната што ти им ја даваш – тие мислат дека си најдобра, бидејќи нивните мешиња се полни.
Тие мали срценца кои се стремат да го допрат твоето – тие не сакаат ништо повеќе. Тие само те сакаат тебе.
Бидејќи ти си доволна. Ти си повеќе од доволна, мамо. Ти. Си. Неверојатна.