Почетна » Новости » Занимливости » „Писмо до штотуку родените деца“: Текст на Србин кој допре до илјадници срца на Балканот

„Писмо до штотуку родените деца“: Текст на Србин кој допре до илјадници срца на Балканот

Текстот на српскиот актер и режисер Чедомир Петровиќ, посветен на децата од новата генерација, допре до многу срца на Балканот. Во колумна за порталот „Tačno“, синот на познатиот актер Миодраг Петровиќ – Чкаља, им се обрати на штотуку родените бебиња за да пренесе силна порака. Пораката е дека парите не нè прават богати, туку она што го носиме во себе и дека не треба да дозволиме разликите да нè разделуваат.

Петровиќ ја започнува колумната цитирајќи го писателот Душко Радовиќ: „Меѓу нашите деца има многу сиромашни, на кои освен пари, родителите не можеле да им дадат ништо друго“.

Бебе

Кога ќе пристигнат верските празници и ноќите во кои го славиме раѓањето на оние во кои веруваме или не, ќе се родат многу деца и кај нас и во светот.

Знам дека сè уште сте многу мали, но на секој од вас ќе ви оставам покрај главчињата по едно писменце и можеби нешто од нив ќе остане некаде далеку во вашиот ум. Кога почнав да одам на училиште, ги ставав под перница песните кои немаше добро да ги научам тој ден и ги сонував цела ноќ. Наутро стиховите сами ми доаѓаа.

Вие сте сите исти сега и ова се единствените моменти од вашите животи кога тоа ќе биде така. Имате исти кревети, некој има неколку грама повеќе, некој неколку сантиметри помалку. Некој има малку повеќе коса. Но, сите сте повиени како „кифли“.

Нечија мајка има повеќе млеко, а некој уште од сега ќе се соочи со недостигот на тој артикл. За жал, разликите меѓу вас ќе започнат да се јавуваат уште при вашето излегување од болница. Некој ќе си отиде дома со градски превоз, некој со такси, некој мама и тато ќе го носат пешки, цврсто притискајќи го на градите за да го заштитат од ветрот и студот, а некој ќе го чека црна лимузина пред приватна болница во која пораѓањето се плаќа со пари кои некои родители не можат ни да си ги замислат. Шоферот ќе ви ја отвори вратата и оттогаш сите врати ќе се отвораат пред вас, па и онаа последната, Рајската врата, доколку во животот добро ги „подмачкувате“ поповите и црквата.

Разликата ќе ја увидите и при првото влегување во вашиот нов дом. Некој ќе спие во креветчето во кое претходно спиеле неговите браќа и сестри. Некој поради недостиг на простор ќе спие помеѓу мама и тато, некој ќе спие во ново креветче купено на кредит, а некој во голема сончева соба преполна со играчки.

Некој од мал ќе биде чуван и разгалуван од баба и дедо. Некој уште рано наутро по мракот ќе биде воден в градинка од мајка си, а некој ќе заспива и ќе се буди со слаткиот глас на дадилка.

Кога ќе почнете да одите на училиште, ќе имате различни ранци и пенкала. Нечии мајка и татко ќе си скратуваат од залаците за да можат да му купат на синот Nike и на тој начин да му помогнат да биде прифатен во добро друштво. Во средно училиште, некој за добра оценка ќе добива мобилен телефон голем како телевизор, а некој само топли зборови. Ќе студирате тука или во странство, во зависност од материјалната состојба на вашите родители. Многу талентирани од вас нема да можат да продолжат со школување по завршувањето на средното училиште.

Некој уште од сега го чека работното место, а некој ќе бара работа секој ден по малку, а ќе ја добие... никогаш.

Машките ни во однос на жените не можат да сметаат на некоја голема љубов. Бидејќи за жените, мажот е стар и на 25 години ако нема пари. Но, ако е богат, младолик е и на 80 години.

И во вашето зачнување постоеле разлики. Некој дошол на овој свет од што морало, некој од страст, некој планирано, некој случајно... Но, би сакал повеќето да сте од љубов.

И сите вие сте родени овде, во оваа земја. Можеше да се родите во далечната Кина, или во Јапонија и да имате коси очи. Да добиевте име според звуците кои би ги испуштала мачка за чија опашка е врзана конзерва и која трча по улица. Со мешање на добиените звуци, вие можеше да се викате Мјао, Јао, Тунг, Трас, Бум... Можеше да бидете црнец во Африка, кој е гонет од диви ѕверови или црнец во Америка, кој спие во картонска кутија или во вила во Беверли Хилс. Можеше да бидете Унгарец, Полјак, Французин, Еским...

Овде сте Селма, Милица, Маша... Мирсад, Томислав, Јован...

На училиште ќе учите дека оваа земја некогаш се состоеше од шест републики и две покраини. Кога односите се оладија, таа се смали и тоа ќе го поврзете со законот во физиката, според кој сите тела на топлина се шират, а на студ се собираат. Некогаш највисок врв беше Триглав, а сега веќе никој жив не знае. Во Втората светска воја, а и по неа, луѓето тука говореа различни јазици и сите се разбиравме. Подоцна некој воведе слушалки и преведувачи во Собранието и повеќе не се разбираме!

Секогаш кога ние старите ќе ја оплескаме работата, велиме: „Светот им останува на младите! Каде што застанавме ние, вие продолжете! Уште сме задолжени, вие оддолжете се...“ Нека остане ова само во песните. Доколку овие стихови започнат да ве мачат, цел свет е пред вас. Понекогаш домот не е онаму каде ќе се родите, туку онаму каде ќе можете чесно да работите и да заработите за да живеете добро, сигурно и слободно. Вие влегувате во овој свет и во оваа земја не по ваша волја. Никој не ве праша. Можеби некои од вас ќе се премислеа? Но, што е, тука е! Животот е пред вас. Живејте го во најмала рака онака како што вие сакате.

Од ова што ви го напишав не морате да помните ништо.

Но, обидете се да го запишете некаде длабоко во вашите мали главчиња ова...

Вашата земја ќе ви биде убава само ако и во другите земји наоѓате убавина. Учете странски јазици за да можете да разговарате и да се разбирате со светот. Почитувајте ги и сакајте ги сите добри луѓе без разлика на бојата на кожата.

Почитувајте ја туѓата вера за и другите да ја почитуваат вашата. Споделувајте радост со пријателите и славете ги во мир Велигден, католичкиот Божиќ, Бајрам, Пасха...

Целото богатство го носите само во себе. Сакајте ги животните, сакајте ја природата, тие се единствената вистина.

Бидете по националност она што се вашата мајка и вашиот татко.

Но, бидете Србин по Тесла, бидете црнец по Нет Кинг Кол, Американец по Линколн, Украинец и Русин по Гогољ, муслиман по Меша, Хрват по Тин Уевиќ, Албанец по Мајка Тереза, Англичанец по Томас Мор...

Дотогаш, бидете само мали ангели.

Чедомир ПетровиќЧедомир Петровиќ

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 25%
  • 62%
Се испраќа...

(Вкупно: 11658 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.