Хозе Мухика, кој светот го запозна како „најсиромашниот претседател на светот“, објави дека не сака да ја прима пензијата која му следува за сенаторската функција. 83-годишниот уругвајски политичар стана сенатор по завршувањето на неговиот претседателски мандат во 2015 година.

„Мотивите се лични. Би го нарекол тоа умор по долго патување. Во секој случај, додека мојот мозок работи, не можам да се откажам од солидарноста и битката на идеи“ - стои во неговата изјава.
Скромниот старец го фасцинираше светот со својата добродушност. Дури 90% од претседателската плата тој ја донираше за потпомагање на сиромашни лица и мали бизниси. И откако стана претседател, тој и неговата сопруга продолжија да живеат на нивната фарма за цвеќиња и одбија да имаат послуга.
Единственото нешто што Мухика го поседуваше кога победи на изборите беше син автомобил „Фолксваген буба“ од 1987 година од кој никогаш не се откажа. Автомобилот се прочу низ светот и нему му беа понудени милион долари за него, но тој наводно ја одби понудата со изговор дека нема да има превозно средство за неговото куче кое има три нозе.


Емир Кустурица режираше документарен филм за Мухика кој го наслови „Последниот херој“. Српскиот режисер за Мухика вели: „Кога слушнав за маж кој е претседател и сè уште го вози својот трактор и си ја поправа куќата, реков: 'Ова е мојот човек'. И не погрешив.“
