Почетна » Новости » Занимливости » Интервју со Марина Цигарида, менаџер за продажба на AVON Македонија

Интервју со Марина Цигарида, менаџер за продажба на AVON Македонија

Комерцијален текст

Се чини октомври е доста активен месец за вас. Како Заменик Национален Менаџер за продажба во AVON Македонија бевте гласноговорникот во име на вашата компанија за време на кампањата „Напред Розово“ каде остваривте корисна соработка со Здружението за борба против рак „БОРКА – за секој нов ден“. Кажете ни нешто повеќе за ова?

Марина Цигарида

- На почеток на разговорот, би сакала да спомeнам една вистина заради која ја одбрав мојата компанија и сè уште после 13 години сум горда што сум дел од AVON: Во време на масовен конзумеризам, трка за поголема продажба и конкуренција на пазарот – AVON сепак вложува во хуманитарната дејност и придонесува со донации за чувствителни категории и сегменти. Тоа ја прави високо одговорна општествена компанија и индиректно ни влијае нам како нејзини соработници да го развиваме хуманиот карактер и дополнително да бидеме ангажирани и на ова поле.
Оваа година за првпат имав можност да бидам „гласноговорник“ во име на AVON на традиционалниот настан „Напред Розово” организиран од страна на здружението „БОРКА”. Пред сè, самиот настан беше со огромна посетеност и енергија од измешани емоции – што за мене создаде дополнителна одговорност, но и мотив на најдобар можен начин да го искористам моментот и да им укажам на присутните дека сите сме таму за да си дадеме меѓусебна поддршка, дека ѝ пркосиме на оваа болест со тоа што работиме на свесноста за превенција и рано откривање и дека со заеднички сили можеме да го подобриме здравјето и квалитетот на животот на жените во Македонија. Реакциите после одржаниот говор беа бурни, колку што беа допрени присутните, толку и јас сочувствував со секој кажан збор, со секоја реченица. Непосредно после настанот, заклучив дека треба да се искористи секоја прилика, не само оваа, отворено да се зборува на темава, бидејќи само така можеме да ја покренеме свесноста дека Рак на Дојка може на секој/а да му се случи, но исто така и дека тоа е привремена состојба (бидејќи одбивам да ја наречам болест).

Соработката помеѓу Авон и Борка трае речиси колку што постои и самото здружение Борка, што е секако некаков индикатор дека вродила со плод и дека сте постигнале резултати. Колку сте задоволни од оваа соработка, но и од фидбекот на јавноста чија перцепција се борите да ја промените?

- Соработката со Борка е еден од проектите кои ѝ се најважни на Авон како компанија, но и мене лично, и за ваква благородна цел не гледам причина поради која во иднина би ја прекинале. Постигнатите резултати од почетокот до денес се евидентни, но уште мораме да работиме токму на перцепцијата на јавноста, тоа е една од нашите главни задачи – да ја подигнеме свесноста на населението за ризикот и превенцијата од рак на дојка, и да ја приближиме оваа тема бидејќи не смее да биде “баук”. Иако е сериозна болест, ракот на дојка не смее да биде перципиран во негативна конотација бидејќи од тоа што се плашиме, од тоа и бегаме, а тука нема бегање - има само борба! Токму и тоа сакаме да го покажеме во новата кампања – има живот и после ракот, затоа едуцирај се и бори се!
Всушност, затоа и ни е важна соработката со медиумите, бидејќи вие сте првата инстанца, првиот филтер низ кој поминува една информација и вие одлучувате каков тон ќе ѝ дадете на една тема. Сметам дека мора да излеземе од она „тешкото“, од фокусирање исклучително на недостатоците на системот, на културата, фокусирање исклучително на негативните аспекти... Ракот е доволно тешка болест сама по себе, зошто да не им дадеме позитивна енергија и сила на Борките? Еве на пример во последнава кампања, Авон донираше 15.000 долари за Борка. Тоа воопшто не е сума за потценување, но во медиумите фокусот беше на недостатоците во институционалната поддршка.

Марина Цигарида

Како е да се биде дел од оваа гигантска компанија. Кои се предностите а кои недостатоците?

- Да се биде дел од AVON е да се биде дел од една идеја, приказна, проекција за подобра иднина и благосостојба на жените во светот како примарна цел. Предностите се многу – би ги сумирала како неограничени можности за градење на професионална кариера и стабилност во соработката која доаѓа преку градење на лојална релација со соработниците кои никогаш не се препуштени сами на себе, туку секогаш се поддржани од AVON. Исто така голема предност е да се работи за компанија која ги следи светските трендови, што дополнително не поттикува и самите нас, освен на професионален, да работиме и на индивидуален развој форматиран со промените кои ги носи модерното време и кои го креираат терминот „современа жена“.
А, за недостатоци… ми паѓа на памет само еден: Секој кој почнал да соработува со AVON се „заразил“ доживотнo! За оваа „болест“, ниеден лек не помага.

Марина Цигарида

Ми се допаѓа непосредниот тон на кампањата, отворената комуникација за начините на самопрегледување и насоките како да си ги препознаеме промените на телото. Промотивните видеа дури говорат дека ракот на дојката не е само ексклузивно „женска болест“ како што тоа вообичаено се перципира. Откривате многу интересни факти...кои ви беа појдовните точки кога се конципираше начинот на кој ќе се обратите до пошироката јавност?

- Оваа година, кампањата на AVON го носи симболичниот назив “Допирај се розово”. При создавањето на концептот, практично тргнавме од самата база – самопрегледот е најважната алатка за рано откривање на ракот на дојка. Не одзема време, не бара дополнителни средства, туку бара само дисциплина во грижата за сопственото тело и тоа од Вашиот дом, пред воопшто да се стаса во ординација или болница. Репер за искористено време, во однос на 15 минути кои се потребни за самопреглед, ни беше времето кое го издвојуваме за да одиме на фризер, да посетиме козметички салон, да одиме на шопинг или едноставно да „висиме“ на социјалните мрежи. Сето ова би било само залудно потрошено време, доколку досега не сте успеале во вашиот календар да вметнете само еден ден, само неколку минути за самопреглед на вашите дојки. Впрочем, жената во секојдневието е во постојана трка за повеќе време, а често пати заборава да посвети време за своето здравје, на сметка на времето кое го троши за да го одржува својот изглед.
Како најава за т.н Pink October, во светски рамки – месец за борба против рак на дојка, нашата кампања одекна уште на 1ви Октомври преку објави од нашите соработници, но и од многу јавни личности кои гордо стоеја позади „Допирај се Розово“. Следуваа досетливи фотографии со „сите нијанси на розов“ маникир, но и со прекрасни композиции надополнети со нашите производи со розова панделка кои можат да се најдат во брошурата на AVON. Пораката со слоганот “допирај се розово” стана препознатлива и моќна уште веднаш, повикува на свесност и потсетува како аларм!

Марина Цигарида

Бројките на годишно заболени од рак фрапантно се зголемува од година во година, ова е комплексна и чувствителна тема, но она што посебно ми се допадна е што од една страна ги имате овие застршувачки факти во ракав, а сепак за време на настанот провејуваше позитивна и охрабрувачка атмосфера...едноставно се одлучивте да понудите решенија и да ја едуцирате јавноста ракот на дојка да не се доживува фаталистички доколу сме одговорни и самосвесни за себе. Кој е вашиот став?

- Мојот став е дека треба да се има отворен поглед, а почетнички чекор e јасно и гласно да се говори на темава, што би значело и комплетно демистифицирање на ракот на дојка како појава кај жените, но и кај мажите. Со каскадирање на корисни информации се подига свесноста дека никој не е исклучен како потенцијален заболен, бидејќи реално бројките тоа и го докажуваат. Едноставно, нема шаблон во заболувањето од рак на дојка - во контекст на ова се регистрирани многу отстапки од строго генетска предодреденост, возрасна категорија, па дури и полова детерминираност.
Јас, како амбасадор на хуманост на АВОН, ја користам секоја прилика да зборувам на темава, а настанот Напред Розово беше најдоброто место каде можев да ги искажам моите ставови, да ги поддржам сите Борки од името на АВОН и едноставно да се слеам во таа посебна енергија која бликаше на сите страни. Борките се за воодушевување во секоја смисла, тие се инспирација за храброст, верба, надеж и истрајност. Покрај такви жени-борки, Вам не ви останува ништо друго туку да вдишете со полни гради и во истиот тој момент поинаку да го помирисате, погалите и да го доживеете животот.

На конференцијата за печат кажавте една многу убава мисла „Убавата жена за вас е здрава жена“...продолжете во оваа насока. Сакам да поразговараме на оваа тема во времиња кога голем акцент се придава на надворешниот физикус на сметка на она што го носиме во себе и одговорноста која ја имаме кон сопственото здравје...каде по пат ги изгубивме овие вредности?

- Главен непријател ни стана времето... Да бидеме реални, за жал живееме во време каде се повеќе внимание се обрнува на надворешниот изглед. Често пати, надворешноста е пресудна за да добиете подобра работа, за да можете да напредувате во кариерата, за да бидете прифатени во друштвото, за да го прескокнете редот на шалтер, за да добиете гратис карти за на концерт или подобра маса во ресторан... Според мене, ова е само тажна состојба која ја отсликува површноста со која се соочуваме. Сите тие слоеви од шминка на која се потрошени драгоцени минути, часови и денови од нашиот живот, се само маска која треба да ги камуфлира наводните недостатоци, кои пак жената често пати дури и ги хиперболизира под притисокот и „нормите“ кои ги наметнува модерното време. Друга видлива промена во однесувањето на жените е кога се одбива да се прифати стареењето како природен процес, па се посегнува по секакви технологии, зафати и корекции кои повторно треба да делуваат во функција на подобрување на надворешниот изглед. Нашата жена сака брзи и видливи промени, не е спремна да се подложи на процес, а грижата за здравјето е токму тоа – долгорочен процес кој бара промени во навиките, конзистентност, континуитет. Така на крај заклучив дека за сè имаме време, освен за нашето здравје.
Водена токму од овие ситуации, „само здрава жена е убава жена“ стана моја девиза, мое мото, моја водилка – го опишува балансот кон кој сите тежнееме, онаа природната хомеостаза каде се преклопуваат надворешното со внатрешното во еден совршен пресек. Еве прилика и да дополнам: Само здрава жена е убава жена, а убава жена е среќна жена.

Покрај соодветниот лекарски третман на луѓето заболени од рак поддршката од семејството, пријателите и воопшто општеството можеби е една од поважните работи. Како вие гледате на ова?

- Од сопствено, индиректно искуство – можам да потврдам дека поддршката е клучна. Семејството и пријателите се во прва борбена линија со засегнатата личност. Тоа се претвора во заедничка борба и не е веќе само индивидуална. Така се храни духот, а верувајте, сум била сведок кога духот и желбата ја победуваат патологијата.

Марина Цигарида

Дали сте биле некогаш во блиска релација со жена или маж кои се соочуваат со предизвиците кои ги носи оваа болест?

- За жал, а понекогаш си велам и за среќа – да, сум била. Во 2013та, на само 29 годишна возраст, на мојата сестра Јулија и беше дијагностициран рак на дојка. Ќе бидам отворена, оние кои најдобро ме познаваат знаат дека мојата сестра е центарот на мојот универзум. Нашата сестринска љубов е посебна и не познава граници кога се посветуваме една на друга. За неа, за мене, за нашите родители и нејзиниот сопруг, тоа беше најтешкиот период од нашите животи. Но, сега сакам да го предефинирам – тоа беше пресвртната точка во нашите животи! Нè научи дека треба да ги уживаме сите мали нешта кои претходно сме ги занемарувале, дека совршениот момент не постои, туку секојдневно треба да си го создадеме и дека не треба да те клекне на колена, туку цврсто да те исправи на нозе! Така си го преиспитуваш системот на вредностите, приоритетите, стресовите, љубовта и посветеноста. И како што вели една изрека: Понекогаш пред тебе ќе се појави некоја голема планина, само за да докажеш дека токму ТИ можеш да ја помрднеш! И кога ќе успееш, таа голема победа ќе биде симбол за сите помали победи кои ќе следуваат во иднина!
Исто така, колку и да звучи контрадикторно, „благодарение“ на таа ситуација ја запознав мојата пријателка Ксенија, на која и беше дијагностициран рак на дојка 6 месеци после сестра ми, исто на 29 години. Консултирајќи се една со друга околу процесот на лекување и други третмани – толку многу се зближивме што денес таа е мојата најдобра другарка и уште еден пример на храбра и бестрашна млада жена која го живее животот со секој здив, максимално!

Како за крај што имате да им препорачате на младите девојки и жени во контекст на месец октомври кој е во знакот на борбата против рак на дојка

- Не само во октомври, туку секој месец - редовно да прават самопреглед во домашни услови и зависно од возрасната категорија да направат систематски преглед на лекар (ехо или мамографија, препорачано на одреден временски период).
Повеќе да се информираат за појавата и зачестеноста на оваа болест, бидејќи информацијата е првиот чекор кон превземање на акција за поголема одговорност кон сопственото здравје. И секако, да купуваат производи со розова панделка од брошурата на АВОН, со што ќе донираат за оваа цел...

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 10%
  • 26%
  • 64%
Се испраќа...

(Вкупно: 9467 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.