Почетна » Новости » Занимливости » „Бракот е ваша креација“: 36 нешта кои ги знам по 36 години во брак

„Бракот е ваша креација“: 36 нешта кои ги знам по 36 години во брак

На секој кој запливал во брачните води кристално јасно му е дека бракот е низа од успеси и падови, од среќни мигови и напнати кавги. Иако кризните моменти може да бидат бројни, тоа не значи дека бракот е осуден на пропаст. „Зборот развод е опасно оружје“ – вели Винифред Рејли, експерт за брачно советување и решавање на проблеми во врската. Прочитајте ги лекциите кои таа ги научила во текот на долгогодишниот брак.

Заљубен пар

Со мојот сопруг ќе ја прославиме 36-годишнината од нашиот брак.

Имаше годишнини кога ќе се дотеравме и ќе излезевме на вечера. Имаше и годишнини кои едноставно ги одбележувавме со бакнеж. Еднаш двајцата бевме толку болни од грип што едвај се сеќавам дека наздравивме со сок од портокал, а потоа спиевме до крајот на денот.

А една многу тешка година, кога дозволивме денот да мине без да си кажеме ниту еден збор.

Таков е бракот: побогат, посиромашен, добри моменти и лоши. Секоја година носи нови изненадувања и предизвици, лекции и слатки моменти.

Во чест на многуте години поминати заедно, ете ги 36-те лекции кои се најскапоцени за мене:

  1. Ако мислите дека бракот ќе беше многу полесен доколку бевте со некој друг, најверојатно грешите.
  2. Повеќето брачни проблеми се решливи. Навистина. Дури и големите.
  3. Зборот кој започнува на „Р“ (развод) е опасно оружје. Заменете го него со зборот кој започнува на „Ф“ – фрустриран. Ниедно срце нема да биде скршено ако кажете „Толку сум фрустрирана што ми доаѓа да вреснам!“
  4. Терминот „брачно блаженство“ треба да биде пречкртан во речникот на секој пар. Бракот е прекрасен на многу начини, но ако очекуваш само блаженство, тогаш ќе ги гледаш тешките периоди како проблем, кога всушност тие се нормален дел од бракот.
  5. Погрешно е да си мислите дека партнерот нема да се промени. Со мојот сопруг се запознавме во нашите 20-ти години. Ако и двајцата останевме такви какви што бевме, сè уште ќе бевме две наивни деца кои тврдоглаво инсистираат сè да биде по нивно, мислејќи дека бракот не е толку голем предизвик.
  6. Бракот не останува добар и не се подобрува самиот од себе.
  7. Секој еден од нас, на свој начин, е личност со која тешко се излегува накрај. Ако започнете да работите, макар и само на еден од проблеми во вашето однесување, ќе го подобрите квалитетот на вашиот брак. Дополнителен бонус: Сопругот многу ќе го цени тоа!
  8. Луѓето кои се во несреќен брак понекогаш сметаат дека самиот брак е проблем, дека бракот е неприроден или демоде или дека е невозможно да опстане. Сè што се случува меѓу вас и сопругот е ваша креација. Секој од вас игра своја улога. Зошто да не создадете нешто кое вреди?
  9. Не можете предвреме да се подготвите за брак. Ниту еден од нас не влегува во бракот со сите вештини потребни за успех. Кога ќе наидеме на препреки, најчесто тоа е знак дека ни се потребни нови вештини, а не дека ни е потребен нов брачен партнер.
  10. Тешкотиите во бракот не само што се неизбежни, туку се и потребни. Никој од нас не може да создаде силна и здрава врска без да се соочи со големи проблеми и да најде решение за нив.
  11. Дури и најдобриот брак не може да надомести за тешкотиите со кои сме се соочиле додека сме растеле. Сите имаме рани од детството. Премногу барате ако мислите дека сопругот може да направи да се чувствувате безбедно и сигурно кога сте нестабилни внатрешно во себе. Колку порано ќе се ослободите од својот товар од минатото, толку поздрав и попријатен ќе биде вашиот брак.
  12. Љубовта расте исто толку од предизвиците со кои сме се соочиле и кои сме ги надминале, колку од задоволствата кои ги споделуваме.
  13. Бракот се сведува на долги преговори за тоа како две лица ќе раководат со нештата. Пари. Интимност. Родителство. Обврски. Можете да се карате или можете да соработувате. Соработувањето е многу подобар избор.
  14. Дури и најтврдоглавите од нас можат да научат како да отстапуваат. Верувајте ми за ова.
  15. Најголем дел од фрустрациите и нервозите на вашиот сопруг не се поради вас, но некои се. Колку побрзо сфатите кое е кое, толку подобро.
  16. Во тешките времиња, обврзаноста може да биде ваш спас. Фактот дека некогаш сте кажале „додека смртта не нè раздели“ може да биде единствената причина за да останете доволно долго во бракот за да го поправите она што тргнало наопаку. И тоа е доволно.
  17. Бракот може да ве направи подобра или полоша личност. Изборот е ваш.
  18. Поплаките и критиките не се исто со барањата за промена.
  19. Обесхрабрувањето е една од најголемите закани за бракот. Сум видела парови кои се откажале од брак, кој имал голем потенцијал да биде спасен, доколку ним им биле дадени соодветни насоки и охрабрување да издржат и да ги поправат нештата.
  20. Мислењето дека има 50-50 шанси да се разведете, изгледа како фрлање на паричка. Не е. Некои постапки ви гарантираат неуспех. Сите знаеме кои се тие. Добра идеја е да не ги правите.
  21. Љубезноста помага.
  22. Кажувањето „Ти благодарам“ исто така помага.
  23. Колку посреќна сум со својот живот, толку помалку се иритирам од иритирачкото однесување на мојот сопруг.
  24. Во добриот брак ќе има и конфликти, фрустрации, досада, неразрешени недоразбирања, затворени врати и ноќи во кои една личност спие на каучот. Клучот е во тоа да имате доволно добри нешта кои ќе балансираат.
  25. Не е секогаш лесно да го држите своето срце отворено.
  26. Љубовта е важна. Иако љубовта не поправа сè, таа е потсетник зошто сте заедно.
  27. Бракот не е противотров за осаменоста. Иако бракот ви овозможува дружба, поврзаноста и блискоста не се константи. Понекогаш сме синхронизирани. Понекогаш не сме. Многу е важно да бидете способни да се утешите и успокоите самите кога ви е потребно.
  28. Лесно е да влезете во шаблон, кога сте со иста личност од година во година. Секс, одмори, вечери, начинот на којшто ги минувате саботните ноќи. Менувајте ги работите. Зачинувајте ги.
  29. Во повеќето добри бракови една личност влегува во улогата „заштитник на врската“. Тоа е личноста која секогаш ги отвора тешките теми. Личноста која не губи надеж и во тешките времиња. Во идеален свет, оваа улога би била споделена. Во реалниот свет за таа улога е потребно едно лице.
  30. Едно од најдобрите нешта кои можете да ги направите сред кавга е да престанете да се карате. Паузирајте. Оладете. Навратете се на проблемот подоцна. Жешката глава не е сојузник при решавање на проблем.
  31. Некои конфликти не можат да бидат разрешени со компромис. (Не можете да имате половина дете или да купите половина викендичка). Кога не можете да се согласите, решението лежи во великодушноста. Едната личност се согласува за опцијата која ја нуди другиот, а другиот го сфаќа тоа како подарок.
  32. Кавгите никогаш не се за баналните нешта. Каде ќе стои детергентот за миење чинии, по кој пат се стигнува побрзо до зацртаната дестинација, дали е некултурно да не се одговори на порака... ниту еден од овие проблеми не вреди за да се расправаме. Ние се вознемируваме за она што си замислуваме дека значи избегнувањето одговор на порака или наметнувањето на мислење. Многу е важно прецизно да посочувате што ве вознемирува.
  33. Постои голема разлика меѓу тоа да бидете среќно омажени и да живеете среќно до крајот на животот. Ниту еден од нас не е среќен 24/7. За среќа, не мораме да бидеме.
  34. Кога си мислите во себе „Навистина не би требало да го кажам ова“, најверојатно сте во право.
  35. Во бракот клучно е да научите како да надоместувате за грешките, бидејќи секогаш доаѓа момент кога некој оплескува.
  36. Еден од вас мора да биде прв. Прв да се извини. Прв да биде ранлив. Прв да отстапи. Прв да опрости. Зошто вие да не бидете таа личност?

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 25%
  • 62%
Се испраќа...

(Вкупно: 11343 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.