Понекогаш, најважните лекции за хуманост можеме да ги научиме токму од најмалите меѓу нас.
Таква лекција ни одржува и Мила Митева, која 4 и пол години ја растеше својата коса за да ја донира за оние на кои тоа им е најпотребно – дечињата болни од рак кои поради хемотерапиите ја изгубиле својата коса.



Малата убавица била инспирирана да го направи ова хумано дело кога се сретнала со дечињата болни од рак за време на нејзина хоспитализација поради проблеми со крајниците.
„Инспирацијата ни беше токму од овие мали дечиња кои се борат за живот и кои минувајќи низ мрачни моменти ја губат својата коса. Секако морам да кажам дека и ние имавме макотрпен пат со постојано боледување кај моето девојче и во една ситуација, се судривме со тие дечиња, па Мила беше љубопитна зошто тие дечиња немаат коса како неа“ – изјави мајката Билјана за Femina.mk.
„Ние се разбира ѝ дадовме разумно објаснување дека тие дечиња се малку поболни од нејзе и ја прашавме дали таа ќе им помогне на тие дечиња ако им даде од својата коса. Мила се согласи и така се случи сè“ – додаде таа.

Сега, на само 6-годишна возраст, Мила и самата може да се нарече инспирација.
Браво за ова мало девојче со големо срце, кои покажува дека годините се само обична бројка и дека секој може да го подобри светот на свој начин.
„Величината на човекот не се гледа само во тоа колку некој знае, умее, може и има, туку и во тоа колку е подготвен да го сподели тоа со оние кои не знаат, не умеат, не можат и немаат. Секогаш правете позитивни и добри дела, бидете хумани... ИМАЈТЕ ПРЕКРАСЕН ДЕН“ – пишува Билјана.