Бинди Ирвин води смела битка со ендометриозата и отворено зборува за неа за да ја подигне свеста кај луѓето за оваа состојба.
26-годишната ТВ личност, која му е ќерка на покојниот „ловец на крокодили“ Стив Ирвин, во искрен пост сподели дека ѝ била направена втора операција и дека во моментов закрепнува.
Откако една деценија страдала од неиздржливи болки, кои постојано останувале без дијагноза, пред две години нејзе конечно ѝ било кажано дека има ендометриоза и дека мора да биде оперирана. Овој пат, причина за операцијата било воспалено слепо црево, но исто така ѝ биле отстранети и 14 лезии од ендометриоза.

Многу сум благодарна што ја добив потребната помош... Откако имав апендицит (воспаление на слепото црево), морав да се проверам и за ендометриоза... Операцијата беше успешна. Моето слепо црево беше отстрането, заедно со уште 14 лезии (откако ми беа отстранети 37 лезии од ендометриоза и циста пред две години).
Исто така, имав поправка на голема хернија која ја добив преку породувањето пред четири години. За среќа, на пат сум кон закрепнување. Ги ценам сите љубезни пораки што ги добив...
Целта на нејзините постови за здравјето е да им покаже на жените кои минуваат низ истото дека не се сами, а оние кои имаат болки без дијагноза, да ги поттикне да одат на прегледи.
Закрепнувам. Ви благодарам за вашите неверојатни зборови полни со поддршка и љубезност. Причината зошто го споделувам моето здравствено патување е затоа што на повеќе девојки и жени очајно им се потребни одговори за нивната недијагностицирана болка. Се борам со ендометриоза повеќе од 12 години. Оваа болест осакатува и може да направи да се чувствувате неверојатно изолирани. Треба да ја подигнеме свеста и да го промениме наративот за женското здравје. Ве гледам, вашата болка е вистинска и заслужувате одговори и правилна здравствена нега.

Бинди првпат била оперирана во 2023 година откако по препорака на пријателка која ја поминала истата голгота, направила лапароскопија. Дури по операцијата докторите ѝ ги дале потребните одговори.
„Кога ќе се навратам наназад, отсекогаш било ендометриоза. Моите симптоми совршено се поклопуваат. Посакувам да можев да ја направам оваа операција пред години. Мојата болка беше потценувана и сè беше потценето. Но, верувам дека сè се случува со причина и дека направив операција во вистинското време“ – објаснила Бинди, која има една ќерка.




Ендометриоза е состојба при која мали делови од ендометриумот (слузницата на матката) ја напуштаат шуплината на матката (cavum uteri) и се прикачуваат на други органи, најчесто во пределот на карлицата. Симптомите најчесто се болни менструации, изнемоштеност и замор, чувствителни црева и подуеност особено за време на менструација и абнормално крварење.
Ендометриоза – причина за неплодност кај жените