Горан Папаз и неговата сопруга Наташа ја подигнуваат свеста на Светскиот ден на предвремено родените деца.
Македонскиот саксофонист и неговата сакана споделија фотографии од нивната тројка, која се роди предвреме во 34-тата недела од бременоста со многу мала родилна тежина. За среќа, и покрај инфекциите, преслатките Луна, Лазар и Лена успеаја да ги надминат сите предизвици и сега се здрави бебиња.
Наташа напиша текст за да ја истакне важноста на овој ден.
Светски ден на предвремено родените деца.
Се одбележува секоја година и има за цел да ја подигне свесноста за предвременото раѓање и предизвиците со кои се соочуваат децата и нивните семејства - особено најблиските.
Како мајка на триплети, кои се родени во 34-тата гестациска недела, со многу мала родилна тежина и одредени инфекции во првите денови, можам да кажам дека терминот „предвреме“, пред породувањето, не го толкував со правото значењето и со „слика“ во однос на тоа кои се сè ризиците на предвреме родените деца и каква сè грижа е потребна за нивниот „нормален“ психички и физички/моторички развој (очигледно не се едуцирав соодветно), па поминав и низ една траума, учејќи го процесот преку директно искусување, која се надевам, успешно и свесно ја надминувам.
Сите овие бебиња родени пред 37. недела од бременоста се изложени на ризик од различни здравствени компликации, па и затоа на овој ден, се организираат различни активности, вклучувајќи кампањи, семинари и настани за поддршка, кои е убаво да се посетат/погледнат чисто од аспект за зголемување на свесноста. Секако, крајната цел е да се создадат подобри услови за предвремено родените деца и да им се обезбеди правилен развој, преку едукација и на докторите и на семејствата, а истовремено да се подигне свеста во јавноста за предизвиците и потребите на овие наши мали, НАЈГОЛЕМИ борци.
Одбележувањето на овој ден, според мене како мајка со вакво искуство, е навистина важен и многу значаен чекор кон подобрување на животот на предвремено родените деца и нивните семејства и има голем допринес за поддршка во нивниот пат кон здрав развој, раст и благосостојба.
„Мојот херој“ – напиша Папаз под текстот на саканата.
Горан и Наташа ја добија тројката пред Нова година. На 30 октомври тие одбележаа 10 месеци со нивните малечки и споделија фотографии.
10 месеци родители на Лена, Луна и Лазар. Да бидам искрена, иако сега срцето ми е повеќе од полно и зголемено х3 пати, сè уште се присетувам на првите неколку недели и неизвесноста и стравот дали сè ќе биде во ред со нив, на измешаните емоции и на периодот во кој едвај чекав да дојде 10 часот за да одиме на Клиника, каде ем се радуваш, ем плачеш истовремено…
Иако ова се најубавите, истовремено беа и слатко - најхаотичните месеци во мојот/нашиот живот, месеци во кои нередот беше дел од редот, месеци во кои сфатив дека „многу крцка“ подот на горниот спрат и месеци во кои х 10 ја разбрав суштината и силата на љубовта и партнерството, односно дека Горан ми е најголемата љубов, најдобриот сојузник, партнер, другар и човекот со кого можеме да постигнеме буквално сè… Благодарна сум со секој еден ден во кој ми се случува ЖИВОТ!
