Фит, насмеана и исполнета со енергија, Валентина Соколовска од Битола е доказ дека вистинската сила доаѓа со истрајност, дисциплина и љубов кон она што го правите.
На 50-годишна возраст, инспиративната мајка не само што се натпреварува рамноправно со многу помлади бодибилдерки, туку и освојува медали. Приказната на Валентина е инспирација за сите кои мислат дека е „предоцна“ за тренирање, бидејќи возраста е само изговор.
Оваа година, таа гордо се качи на подиумот со злато на вратот освојувајќи го првото место во категоријата Body Fitness на Државниот натпревар „Атлетика на Македонија 2025“, а само еден ден подоцна, заврши трета на меѓународниот IFBB Diamond Cup.
Со тоа си го оствари своето ветување – да застане на бината на 50 години и да се натпреварува со самата себе, по две и пол децении љубов кон фитнесот и бодибилдингот.
За почетоците и љубовта кон фитнесот
„Моите почетоци со физичка активност беа уште од најмала возраст“ – раскажува Валентина за Фемина. „Со бодибилдинг и фитнес секојдневно, без паузи, се занимавам околу 25 години. Работев и Зумба тренинзи до пандемијата, но бодибилдингот остана моја најголема љубов.“
Валентина
„Мотивација наоѓам во тоа што сакам да сум здрава, да се чувствувам добро и комотно во сопствената кожа. Да не пијам лекови за смирување, стресот од секојдневието да го намалувам тренирајќи во теретана“ – додава таа.
За подготовките за натпреварите
Подготовките за натпреварите ѝ одземаат околу шест месеци интензивна работа, но Валентина не познава поим како „пауза“, туку мотивирано тренира секојдневно. Организацијата е клучна во овој период.
Валентина
„Подготовките за еден натпревар траат отприлика 6 месеци, дисциплина и посветеност. Првите месеци се слични како и претходно, со посветено тренирање секојдневно и големо внимавање на исхраната. Последните три месеци е сосема друга приказна. Потребен е добар сон, исхраната во точно определено време, количина и избор. Тренинзите се сосема поинакви, понапорни. Кога треба и да се оди на работа, да се подготви храната, да се спакува и носи со себе за да може навреме да се консумира. Плус дете, домашни обврски, поприлично напорно, но ако се сака, се може“ – вели инспиративната битолчанка.
На 50-годишна возраст докажа дека „Годините се само бројка“
Со тоа си го оствари сопственото ветување – да застане на бината на 50 години и да се натпреварува со самата себе.
„Оваа година си го исполнив ветувањето кое си го дадов себеси – да се спремам на 50 години и да застанам на бината. Се натпреварував со самата себе, после многу години минат труд и љубов вложени во овој спорт. Чувството е прекрасно, едноставно прекрасно, затоа што има една магија, кога еднаш ќе ја почувствува човек, ја бара повторно. Прво место на Атлета на Македонија 2025 и трето на IFBB Diamond Cup 2025“ – вели таа.
За предрасудите
Предрасудите и стереотипите не допираат до Валентина и воопшто не ѝ се пречка:
Валентина
„Предрасуди и стереотипи кај нас постојат премногу. Досега не знам да набројам колку пати сум била „казнувана“, во наводници, поради мојата упорност и неоткажување. Не ги сакам, не ги поднесувам, буквално. Возраста е нешто кое треба горделиво да го носиме и да научиме да уживаме во секоја година. Секоја возраст има своја убавина, свои предности и недостатоци, треба само да научиме да уживаме во тоа“.
Порака до жените и до оние кои сакаат да се натпреваруваат
Валентина
Валентина испраќа и силна порака до сите жени, особено оние на нејзина возраст: „Физичката активност е најважната карика за психичкото и физичкото здравје. Најдоброто нешто што може да си го подари секоја жена е еден час за себе дневно. Ќе увиди колку подобро ќе се чувствува и психички и физички“.
А за сите што сакаат да се натпреваруваат, таа има конкретен совет: „ Сите оние кои сакаат да се натпреваруваат, би им препорачала многу внимателно да одберат со кого ќе се консултираат за време на подготовките, кого ќе го слушаат. Денес постојат многу тренери, дури повеќе од вежбачи, многу тренери кои никогаш не се спремиле за натпревар, кои никогаш не го направиле на себе она што им кажуваат на другите како да го прават. Сметам дека секој оној кој сака да постигне резултат, без разлика дали ќе се натпреварува или само сака да го подобри своето здравје и изглед, треба да избере лице кое има многу искуство, лице кое кога ќе го погледнеш, ќе видиш дека е во форма. За да може некој да советува друг, треба прво за себе да знае, нели?“
Нејзината животна филозофија е едноставна, но моќна
„Животот врви толку набрзина и доколку не научиме да уживаме во барем едно нешто што го правиме во текот на денот, доколку не научиме да одвоиме барем еден час за нас, доколку не се опкружиме со луѓе чии очи ќе засјаат кога ќе нé видат, тогаш нема да сме добри ниту психички ниту физички.“
„Треба да сме добри, бидејќи сме им потребни здрави на нашите деца, на идните генерации, да им помогнеме, да ги насочиме, да бидеме пример. Голема благодарност имам на животот што имам луѓе на кои бескрајно им верувам, кои искрено ми помогнаа и се радуваа на мојот успех. Во денешно време, тоа е голема работа, да се радува некој со тебе. Ова го посветувам на мојата ќерка Ана, мојата светлина во животот, поради која сум како војник дисциплинирана и полна со желба да бидам подобар човек. Полека е најбрзиот начин да стигнеме до она што сме го зацртале“ – за крај вели Валентина.
