За Маја Кикириткова Трајковски секој 17 ноември е како празник. Имено, за познатата модна дизајнерка Светскиот ден на предвремено родени бебиња има посебна тежина и не е само обичен датум – тоа е личен потсетник на почетокот на мајчинството, обележан со борба, неизвесност и огромна љубов.
Нејзините две деца, седумгодишниот Лазар и петгодишната Ева, и двајцата родени во 33-та гестациска недела со по само два килограми, денес се здрави, насмеани и темпераментни, а за Маја и нејзиниот сопруг Александар се најголема животна награда.
Во разговор за Фемина, таа се навраќа на најемотивните денови од нивното доаѓање на свет, но и открива како изгледа нивното детство денес.
Иако бременоста со Лазар течела сосема уредно, породувањето дошло ненадејно и значително предвреме:
Maja
„Се сеќавам на тој 22 декември, се подготвувам за да одам на јога за трудници, сопругот беше предновогодишно со друштво во кафеана. Влегов во тоалет и видов дека сум прокрварела. Веднаш му се јавив на мојот доктор, кој ми рече дека е дежурен и без паника да отидам да ме види. Некако смирено ми звучеше, па и јас така се чувствував, сѐ до моментот кога крварењето стана обилно и ми кажаа дека мораат итно да го извадат бебето со царски рез. Имав уредна бременост и одлепувањето на плацентата дојде ептен ненадејно и неочекувано за сите“ – раскажува Маја, која работи и како универзитетски професор во Приштина.
Лазар четири долги недели ги поминал во инкубатор, период што Маја го опишува како најтешкиот во животот:
Maja
„Секој контакт беше многу стресен, а воедно и емотивен. Не се опишува со зборови тоа чувство. Вие дома, бебето во болница. Вртите телефонски за да прашате како е, минутите ви се вечност, се молзите за да одржите лактација, а бебе нема, рацете се празни.“
По кратко време, уште едно изненадување – веста дека е повторно бремена.
„Искрено не сакав толку рано повторна бременост, со оглед дека децата се разлика 2 години. Јас имам запушување на јајцевод и докторот ми рече дека тоа не е страшно, но пред да сакам да останам бремена, ќе мора оперативо да се исчисти, бидејќи со запушен јајцевод шансите повторно да останам бремена се многу мали. Но, се случи и јас навистина не бев спремна на тоа. На почеток, многу тешко го прифатив фактот дека повторно сум бремена, но потоа работите се кристализираа“ – додава таа.
За разлика од Лазар, ќеркичката Ева по само осум дена на опсервација си заминала кај нив дома.
„Имаше многу успони - падови и кај двајцата, но успешно пребродија сѐ“ – вели Маја, која има 18 месеци успешна доенечка приказна, и покрај сите почетни предизвици.
Иако децата растеле без сериозни здравствени проблеми, мајчинските грижи никогаш целосно не исчезнале.
„За среќа, моите деца немале некои проблеми, растеа прилично нормално, со почести контроли. Секој родител има страв за своето дете, само кој како го интерпретира. Ако кажам дека немав, а и немам стравови, ќе излажам“ – искрена е таа.
Постпородилниот период го опишува како мешавина од убаво и неизвесно:
„Физички многу лесно, немав никакви проблеми. Eмоционално како и секоја една мајка, која не знае што ја очекува и има премногу нови работи на повидок.“
Денес, таа вели дека Лазар и Ева се премногу свои и борбени, како што биле додека биле мали и кревки, и додава:
Maja
„Дома не зборуваме на темата предвремено породување, бидејќи се сѐ уште мали и не можат тоа да го разберат, а и ние како родители да им го објасниме на начин соодветен за нивната возраст. Целта ни е да ги израснеме во културни, емпатични луѓе.“
Ова искуство ѝ донело една важна животна лекција, дека треба длабоко да верува во себе и дека доколку нешто силно посакуваш, тоа ќе се оствари.
На крај, открива како Лазар и Ева ја опишуваат мама Маја:
„Строга, амбициозна, сака ред, гушкање и мама е 'Супер мама'!“
Даница Караташова Илиоска / Femina.mk
